fbpx

Методологија

Истражувањето го опфаќа временскиот период од 1 септември 2023 до 31 јули 2024 година.

Во рамките на истражувањето се реализираат два паралелни мониторинга.

Првиот мониторинг е мониторинг на комуникациските практики на политичките актери во Македонија преку следење и анализа на: 1. официјалните интернет-страници и официјалните страници/профили на Фејсбук на политичките партии од актуелниот парламентарен состав што имаат повеќе од еден пратеник; 2. официјалните страници/профили на Фејсбук на претседателите на политичките партии, како и на министрите од актуелниот владин состав (секој трети и четврти ден).

Вториот мониторинг е медиумски, односно мониторинг на телевизиски станици (следење на централни, главни вести секој четврти ден) и на информативни онлајн-медиуми.

Единица на анализа се една поединечна објава или еден поединечен прилог.

Примерок

Примерок на официјални интернет-страници и официјални страници/профили на Фејсбук на политички партии

Избор на политички партии со повеќе од еден пратеник во актуелниот парламентарен состав – вкупно десет: Алијанса за Албанците – 8 пратеници; Алтернатива – 3 пратеници; Внатрешна македонска револуционерна организација – Демократска партија за македонско национално единство (ВМРО-ДПМНЕ) – 39 пратеници; Демократско движење (Огнени) – 3 пратеници; Демократска унија за интеграција (ДУИ) – 13 пратеници; Левица – 2 пратеници; Либерално демократска партија (ЛДП) – 2 пратеници; Нова социјалдемократска партија (НСДП) – 2 пратеници; Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) – 31 пратеник; Социјалистичка партија на Македонија (СПМ) – 2 пратеници.

Примерок на официјални страници/профили на Фејсбук на лидерите на избраните десет политички партии: Арбен Таравари; Африм Гаши; Христијан Мицкоски; Изет Меџити; Али Ахмети; Димитар Апасиев; Моника Зајкова; Горан Мисовски; Димитар Ковачевски (се следи и во функција на претседател на Владата на РСМ); Љупчо Димовски.

Примерок на официјални страници/профили на Фејсбук на министрите во актуелниот парламентарен состав: Димитар Ковачевски – претседател на Владата на РСМ; Артан Груби – прв заменик на претседателот на Владата на РСМ и министер за политички систем и односи меѓу заедниците; Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата на РСМ задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции; Бојан Маричиќ, заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања; Славица Грковска – заменичка на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење; Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи; Крешник Бектеши – министер за економија; Ристо Пенов – министер за локална самоуправа; Бујар Османи – министер за надворешни работи; Фатмир Бесими – министер за финансии; Благој Бочварски – министер за транспорт и врски; Љупчо Николовски – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство; Славјанка Петровска – министерка за одбрана; Јетон Шаќири – министер за образование и наука; Јованка Тренчевска – министерка за труд и социјална политика; Бисера Костадиновска Стојчевска – министерка за култура; Каја Шукова – министерка за животна средина и просторно планирање; Азир Алиу – министер за информатичко општество и администрација; Фатмир Меџити – министер за здравство; Кренар Лога – министер за правда.

Примерок на медиуми: 11 информативни онлајн-медиуми и 9 телевизиски станици

Информативни онлајн-медиуми: Локално; Независен; Слободен печат; А1он.мк; МКД.мк; Република; Курир; Алмакос; Тетова сот; Нова ТВ; Вечер.мк. Критериумите за селекција на медиумите се: читаноста, уредувачката политика која упатува на различни политичко-општествени стојалишта (со примена на метод на намерен примерок), почитување на критериумите за членство на онлајн порталите во Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) и во регистарот на професионални онлајн-медиуми Промедиа.мк, пријава во Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми за платено политичко рекламирање на парламентарните избори 2020 година (сите мониторирани информативни онлајн-медиуми и телевизиски станици се пријавиле и земале надомест за платено политичко рекламирање на последните парламентарни избори во 2020 година, освен МТВ 1 и МТВ 2, кои се јавен сервис).

Телевизиски станици: јавни и приватни телевизиски станици на национално ниво со најголема гледаност [Податоци за досегот на радиостаниците и за уделот во вкупната гледаност на телевизиските станици (јануари-март); Податоци за досегот на радиостаниците и за уделот во вкупната гледаност на телевизиските станици (април-јуни)]: МТВ 1 (јавна); МТВ 2 (јавна, на албански јазик); Алфа ТВ (приватна); Канал 5 (приватна); Сител ТВ (приватна); ТВ 24 (приватна); Телма (приватна); Алсат М (приватна, на албански јазик); ТВ21 (приватна, на албански јазик).

Предмет на анализа се сите новинарски содржини (вести) со различни жанровски особености објавени на информативните онлајн-медиуми и прилози емитувани во централните вести, во коишто се појавуваат или се споменуваат следните политички актери:

  • политички партии кои имаат двајца или повеќе пратеници во актуелниот парламентарен состав 2020-2024;
  • лидери на политички партии кои имаат двајца или повеќе пратеници во актуелниот парламентарен состав;
  • премиерот на Владата на РСМ;
  • замениците на претседателот на Владата на РСМ и министрите во Владата на РСМ, во случаите кога зборуваат или се споменати во улога на претставници на политичката партија.

Не се мониторираат коалициите како посебен политички актер, освен ако во медиумската содржина не се споменуваат некои од наведените актери. Не се анализираат интернет-страниците на телевизиските станици.

Методи и техники

  • Квалитативна и квантитативна анализа на содржина (со користење на статистичкиот софтверски пакет SPSS): мониторинг/следење на официјалните интернет-страници и официјалните страници/профили на Фејсбук на главните политички актери – политички партии, лидери на политички партии, министри, како и мониторинг/следење на централни, главни вести на ТВ-станиците и информативни содржини на информативните онлајн-медиуми.
  • Критичка дискурзивна анализа: за анализа и испитување на јазикот, реториката и стратегиите за врамување што ги користат политичките актери и медиумите во нивните комуникациски материјали, како и поширокиот контекст.
  • Студија на случај – за настан од особена важност за којшто политичките партии креираат докажани дезинформации и/или штетни наративи.
  • Фокус-групи со релевантни поединци – за настани од особена важност за коишто политичките актери креираат докажани дезинформации и/или штетни наративи и/или за некоја тема што ќе се покаже како тема со голема важност/значајност за општествено-политичкото живеење (во вториот дел од истражувањето, доколку истражувачкиот тим процени дека има потреба).
  • Интервјуа со новинари (во вториот дел од истражувањето, доколку истражувачкиот тим процени дека има потреба).

Нивоа на следење и анализа

Прво (редовно) ниво на анализа: следење – мониторинг, контрола и анализа

Општи периодични извештаи: ќе се сумираат општите информации од севкупниот мониторинг секој втор месец и ќе се прикажуваат во реално време (додека трае истражувањето). Со почеток на изборната кампања за претседателските и парламентарните избори во 2024 година, ќе се објавуваат месечни извештаи.

За општите периодични извештаи ќе се користат квантитативна и квалитативна анализа на содржина, како и (критичка) дискурзивна анализа.

Второ ниво на анализа

Во рамките на ова ниво на анализа, ќе се прави ад хок истражување на неколку теми што ќе се покажат како исклучително значајни во текот на истражувачкиот период.

Тоа се теми што во текот на целата година не се предвиделе (однапред одредени теми), но се покажуваат како мошне значајни. При овие ад хок истражувања можно е да се применат и дополнителни методи за прибирање податоци.

Трето ниво на анализа: збирен извештај

Ова ниво на анализа ќе се финализира со монографија, односно збирен извештај од целиот 11-месечен период на истражувањето. Тоа ќе вклучува длабинска анализа и ќе понуди повеќе податоци за состојбата со штетните политички наративи и медиумското известување за нив во Македонија.

Инструменти

Специјално креиран образец за следење и анализа во четири посебни верзии, соодветно на различните единици за следење и анализа, и тоа:

  • Образец 1: за следење и анализа на официјалните интернет-страници на примерокот на политички партии.
  • Образец 2: за следење и анализа на официјалните страници/профили на Фејсбук на примерокот на политичките актери.
  • Образец 3: за следење и анализа на главните вести на селектираните ТВ-станици.
  • Образец 4: за следење и анализа на информативните содржини на селектираните информативни онлајн-медиуми.

Дополнително, доколку има потреба, ќе се користат и специјално креирани:

  • Водич за интервју;
  • Водич за фокус-групи.