fbpx

Стандарди и начела за политичката комуникација

Како основа за утврдување на штетните наративи пропагирани од политичките актери, ИКС се водеше од низа документи, насоки и правилници на меѓународни и домашни институции, интерни акти на политички партии и етички кодекси за однесување на именувани или избрани лица, со коишто се утврдуваат стандардите и начелата за недискриминирачка и транспарентна политичка комуникација. Тоа се следните документи:

Стандарди што треба да се следат во политичката комуникација:

  • Обврска да бидат транспарентни и достапни за медиумите.
  • Обврска да го застапуваат јавниот интерес во комуникацијата.
  • Обврска да не бидат извор и да не шират дезинформации и непроверени информации.
  • Забрана за користење говор на омраза, забрана за дискриминаторски говор и зачувување на слободата на говор.

За потребите на истражувањето, предложени се пет начела чие практикување ќе се следи во јавната комуникација на политичките актери: политички партии, како и високи партиски претставници, а коишто се истовремено именувани или избрани лица:

Н1. Начело на транспарентност

Поради посебната општествена одговорност што ја поседуваат политичарите, кандидатите за функции, избраните и именуваните функционери, тие се должни да одржуваат високо ниво на транспарентност пред јавноста и медиумите за прашања што се од јавен интерес. Транспарентноста се смета за еден од важните предуслови во борбата против корупцијата. Политичките субјекти се должни во својата работа да практикуваат активна транспарентност и да објавуваат разни материјали што се од интерес за јавноста. Исто така, политичките партии е потребно да овозможат на јавноста да ѝ бидат достапни значајните документи и податоци, како статут, структура на партија, начин на одлучување, финансиски извештаи и други релевантни документи за нивната работа.

Н2. Начело на професионалност и непристрасност во комуникацијата на владините претставници

Политичарите кои се избрани и именувани функционери, покрај тоа што имаат пристап до своите партиски канали за комуникација, имаат пристап и до официјалните канали за комуникација на институциите со коишто раководат. Во таа насока, тие треба да ги користат владините комуникациски канали за информирање за владините политики, одлуки и мерки, со цел да се обезбеди јасна дистинкција помеѓу работата на институциите и политичките партии, односно да нема злоупотреба на владините комуникациски канали за промоција на партиските цели. Покрај тоа, избраните и именуваните функционери имаат пристап и до јавните службеници одговорни за комуникација во тие институции. Така, службениците треба да бидат непристрасни, да ја задржат објективноста и да ги стават обврските од службата пред личните интереси.

Н3. Начело на комуникација базирана на докази

Манипулативниот говор, кој ги вклучува дезинформациите, неточните информации и злонамерните информации, може сериозно да влијае врз демократските процеси и во изборите, преку создавање и ширење лаги, напад врз личности, што може да резултира со намалување на довербата во изборниот процес и во институциите. Оттука, важно е политичарите и јавните службеници да не користат дезинформации и да споделуваат само проверени информации при својата комуникација.

Н4. Начело на етична комуникација

Избраните и именуваните функционери, како и партиските функционери имаат обврска во својата комуникација со јавноста и со медиумите да практикуваат етика во комуникацијата. Политичките партии се охрабруваат да донесат кодекси за однесување, кои, покрај другото, нивните членови, функционери, кандидати и избрани и именувани лица ги обврзуваат да се справат со говорот што поттикнува нетолеранција, дискриминација или омраза. Исто така, тие се повикуваат при своите прес-конференции да ги третираат учесниците со почит, да практикуваат еднаков третман при поставувањето прашања и да се воздржат од етикетирање на медиумските работници и активистите за човекови права (Заедничка декларација за политичарите и јавните службеници и слободата на изразување од 2021 година).

Н5. Начело на неширење на говор на омраза, дискриминаторски говор

Според член 19 од Универзалната декларација за човековите права, секој има право на слобода на мислење и изразување, при што ова право ја вклучува и слободата за застапување на одредено мислење, како и слободата за барање, давање и примање информации и идеи преку медиумите: „Секој има право на слобода на мислење и изразување, што го опфаќа и правото да не се биде вознемируван поради своето мислење, како и правото да се бараат, примаат и шират информации и идеи преку медиуми од секаков тип, без разлика на границите“ (Универзална декларација за човековите права).


[1] Од деск-анализата на политичките партии и нивните основачки документи, стратегии и разни материјали реализирана во јуни 2023 година, само СДСМ, од сите политички партии од интерес за истражувањето, има етички кодекс и затоа тој е земен предвид во контекст на овој аспект од истражувањето.