За истражувањето
Тековното истражување „Мерење на политичките штетни наративи“ (ШТЕТ-НА), кое го спроведува Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со истражувачи и експерти од областа на комуникациите и медиумите, новинари и медиумски професионалци, а со поддршка од Британската амбасада во Скопје, е лонгитудинално (2023 и 2024 година) и се одвива и спроведува во неколку фази/чекори.
Политичките актери креираат и користат наративи за да го обликуваат јавното мислење, на крајот влијаејќи врз политичкото однесување и врз донесувањето одлуки. Притоа, тие ги користат и медиумите за да ги промовираат своите наративи. Целта, пак, на медиумите е тие соодветно да ја информираат јавноста (а не само да пренесуваат беспоговорно), да обезбедат плурализам на мислења, ставови и пренесени факти, чија веродостојност треба да се провери пред да бидат објавени. Во ера на дигитализација, кога интернет-просторот стана поволна почва за дезинформации, погрешни и/или злонамерни информации, односно во сè „позагадена“ комуникациска екологија, значајно е да се истражи какви се наративите на главните политички актери во Македонија и како за нив известуваат различните медиуми, односно како тие се шират преку нив. Особено значајно е да се истражи дали политичките актери користат штетни наративи и како за нив известуваат медиумите.
Истражувањето има цел да истражи дали и како политичките актери во Македонија креираат, споделуваат и користат штетни наративи, како и која и каква е улогата на медиумите при известувањето за овие наративи, односно дали ги применуваат професионалните и етичките новинарски вредности и стандарди притоа.
Основното истражувачко прашање гласи:
Дали и како се креираат и се шират штетните политички наративи во Македонија?
Конкретизирањето на ова основно истражувачко прашање е во следната насока:
- Како главните политички актери (политички партии, лидери на политички партии и министри во актуелната влада) во Македонија ги конструираат/креираат своите наративи што ги објавуваат на сопствените официјални интернет-страници и на своите официјални страници/профили на Фејсбук?
- Колкава е преваленцијата на штетните наративи во наративите на политичките актери?
- За кои теми најчесто се конструираат штетни наративи во рамките на политичките наративи?
- Како медиумите (телевизијата и информативните онлајн-медиуми) ги пренесуваат политичките наративи креирани и споделени од политичките актери?
- На кој начин медиумите (телевизијата и информативните онлајн-медиуми) ги врамуваат штетните наративи?
- Дали и како медиумите (телевизијата и информативните онлајн-медиуми) ги видоизменуваат штетните наративи од политичките актери?
- Дали има и кои се главните прекршувања на професионалните новинарски стандарди за фер, правично и непристрасно известување за политичките актери и пренесување на нивните наративи?
Истражувањето опфаќа два сегмента:
- следење и анализа на наративите што ги креираат и ги споделуваат политичките актери во Македонија,
- следење и анализа на медиумското известување за политичките актери и наративите што ги креираат и ги споделуваат.
Главна варијабла во двата сегменти на анализа е штетниот наратив. Дополнителните варијабли се однесуваат на политичките актери и на медиумите и медиумското професионално известување.
Додека анализата на политичките партии и нивните лидери е фокусирана на утврдување на доминантните штетни наративи, реторички стратегии и техники, медиумскиот мониторинг треба да даде одговор на тоа дали медиумите се придржуваат до професионалните и етичките стандарди за точно, правично и непристрасно информирање или, пак, беспоговорно ја следат агендата што ја диктираат политичките актери.