fbpx

Штетни наративи и индикатори

Во фокусот истражувањето се оние наративи на политичките актери што не се со беневолентна цел и содржина и не служат за промовирање на граѓански активизам, не служат само за информирање на јавноста туку и за нејзино манипулирање, а како такви се главни подривачи на демократските и хуманите вредности. Тие се нарекуваат штетни наративи со оглед на нивните потенцијални штетни последици во речиси сите сфери на општествено-политичкото живеење.

Дефинирано најопшто, штетните политички наративи се однесуваат на стории/приказни, идеи или пораки промовирани од поединци, групи или политички субјекти кои имаат негативни последици за општеството, демократијата или благосостојбата на поединците. Овие наративи можат да манипулираат со јавното мислење, да сеат поделеност и да ги поткопаат принципите на информирано, рационално и критичко одлучување во политичката сфера.

Листа на штетни наративи во рамките на истражувањето (креирана и адаптирана согласно спроведената деск-анализа и консултирањето на релевантни извори, а земајќи го предвид општествено-политичкиот контекст на Македонија и неговите специфики):

  1. Дезинформации: Споделување информации или тврдења што не се вистинити, со намера да се предизвика штета или да се манипулира јавното мислење (Disinformation glossary: 150+ Terms to Understand the Information Disorder; Understanding Information Disorder; Дезинформација).
  2. Злонамерни информации: Политичарите или јавните личности можат да имаат приватни или лични информации (на пример, е-пошта или приватни пораки) извадени од контекст и споделени за да се наруши нивната репутација. Нивното споделување не е од јавен интерес и често е направено со малициозна намера за да се наруши нивната репутација [Journalism, ‘Fake News’ & Disinformation (Handbook for Journalism Education and Training)].
  3. Поткопување на довербата во институциите и медиумите (без докази): Намерно и неосновано поткопување на довербата на граѓаните во институциите и во медиумите. Станува збор за неоснован напад на институции и медиуми за нивна корумпираност, пристрасно одлучување, непрофесионално работење (Indicators of News Media Thrust).
  4. Пристрасно селектирање: Селективно изнесување податоци за некој настан што се чини дека потврдуваат една позиција, додека се игнорираат други податоци што ја побиваат таа позиција. Овие наративи најчесто ја наведуваат јавноста на погрешни заклучоци (Combating Information Manipulation: A Playbook for Elections and Beyond).
  5. Теории на заговор: Наводи за тајни заговори од моќни поединци или групи, вообичаено без докази (Прирачник за теории на заговор).
  6. Напади на лична основа и/или демонизирање противници: Именување на политичките противници и/или на други важни јавни личности во негативен контекст, со цел да се дискредитираат, навредат, омаловажат, потценат. Овој наратив вклучува говор што значи квалификации за „другиот“ како олицетворение на одредено зло или нечовечност. Демонизацијата и нападите на лична основа можат да поттикнат вознемиреност, говор на омраза и насилство кај поединци или групи граѓани (The Power of Ideas: A Political Social-Psychological Theory of Democracy, Political Development and Political Communication; Politics of demonization’ breeding division and fear).
  7. Странско влијание: Наративи со коишто неосновано се обвинува странски ентитет, односно ентитети за мешање во внатрешните работи во државата и за нарушување на демократските процеси преку различни активности: манипулирање со јавното мислење, влијание во донесувањето одлуки, сеење раздор во земјата и слично (Institutions and foreign interferences).
  8. Поттикнување поделби: Наративи чија цел е поттикнување поделби преку оцрнување или спротивставување на друга група луѓе врз основа на нивната раса, религија, нивните политички убедувања, идеологии или други карактеристики.
  9. Сексизам: Наративи (изјави, коментари, шеги, визуелно претставување) што се засноваат на идејата дека некоја личност или група луѓе е инфериорна во однос на друга само поради нејзината родова и/или полова припадност (Elements for a Council of Europe Definition of Sexism).
  10. Ксенофобија (страв од странци/туѓинци): Поттикнување страв, исклучување или ограничување на лица и/или групи кои не се граѓани на Македонија, врз основа на раса, боја, национално или етничко потекло. Генерално, ксенофобијата се манифестира преку дискриминаторски активности или отворено непријателски и намерни изрази на омраза (Guidance on racism and xenophobia).
  11. Етноцентризам: Културна или етничка пристрасност – размислување дека нечија етничка група и некои (или сите) нејзини културни карактеристики се супериорни во однос на сите други групи. Честопати, доведува до погрешни „етноцентрични“ претпоставки за другите култури и начини на живот и до негативни предрасуди, ставови и постапки кон „другите“ (Ethnocentrism).
  12. Говор на омраза и/или дискриминаторски говор: Говор (или пишана комуникација) чија намера е да деградира, да вознемири или да предизвика насилство или активности базирани на предрасуди против лица или групи луѓе врз основа на нивните раса, род, возраст, етничка припадност, националност, религија, сексуална ориентација, родов идентитет, јазична, интелектуална или телесна способност, морални или политички ставови, социоекономска класа, занимање или изглед (како висина, тежина и боја на коса) и која било друга особина (Борба против говор на омраза; Слобода на изразување и говор на омраза).
  13. Манипулативна визуелна медиумска содржина: Употреба на изменети фотографии/слики, видеа и аудиозаписи за да се измами/збуни јавноста или да се промовираат одредени наративи. Различно е од сатира и пародија, каде што намерно и отворено/јасно се исмеваат луѓе со фотошопирани фотографии/слики и додавани одредени елементи.
  14. Ширење паника, страв и несигурност: Споделување на вистинити, лажни или полувистинити информации со цел да се рашират паника, страв и несигурност кај граѓаните. Ова не се однесува на случаи каде што мора да се информира за одредени настан/случување/појава што се вистинити, а сами по себе непријатни, па предизвикуваат паника и страв –тие секако дека треба да бидат пренесени, но предимензионирањето, преголемото нагласување, пречестото повторување, употребата на формулации со коишто намерно се предизвикуваат паника, страв и несигурност – тоа претставува штетен наратив (Fearmongering; Fear: A powerful motivator in elections).
  15. Поттикнување на екстремен патриотизам и национализам: Создавање чувство кај луѓето како да имаат заеднички непријател. Односно, се работи за екстремен патриотизам и национализам и агресивно верување во националната супериорност и слава (Propaganda for patriotism and nationalism).
  16. Популизам: Наративи во коишто се изнесуваат тврдења на политичарите/важните јавни личности дека тие го „застапуваат народот“, се водат според неговата волја и се „во негова служба“ за да носат одредени одлуки. Тоа е говор со којшто експлицитно или имплицитно се тврди дека се поддржува народот наспроти елитите/разни групи кои имаат некакви привилегии (What is Populism?).

Поврзаност на штетните наративи со индикаторите

Индикатори Поврзани штетни наративи 
1 Тврдења за корумпираност, нетранспарентност/неотчетност, непрофесионалност, злоупотреба на службена должност без обид за поткрепа на тие тврдења. Дезинформации

Поткопување на довербата во институциите и медиумите

Пристрасно селектирање

2 Злоупотреба на информации од приватен карактер или лични трагедии, попреченост, социјален статус, брачен статус на своите политички противници за остварување на сопствената цел Злонамерни информации

Напади на лична основа и/или демонизирање противници (поединци или групи)

Говор на омраза

3 Етикетирање (истакнување на некоја негативна лична карактеристика), употреба на зборови/термини со коишто се врши навредување на личносна основа, се врши исмевање и грубо непочитување на други лица или групи (медиумски работници, граѓански активисти, политички противници, носители на јавни функции…). Напади на лична основа и/или демонизирање противници (поединци или групи)

 

4 Говор со којшто се навредува одредена група или, пак, се оправдува говор на омраза кон одредена група, врз основа на раса, боја на кожа, потекло, национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа Говор на омраза
5 Намерно непренесување на целосната слика за „настанот“, намерно изоставување информации што ја побиваат позицијата на тој што ги изнесува Дезинформации

Поткопување на довербата во институциите

Пристрасно селектирање

Манипулативна аудиовизуелна медиумска содржина

6 Се тврди дека е вистина дека политички противници/јавни институции се манипулирани од заднински (тајни) моќни групи (на пример, масони итн.) и притоа не се изнесуваат никакви факти или докази или, пак, се користат извори што немаат никаков кредибилитет и авторитет во областа Дезинформации

Теории на заговор

Ширење паника, страв и несигурност

Странско влијание

7 Употреба на реченици, формулации со коишто неосновано се обвинува странски ентитет (или ентитети) за мешање во внатрешните работи во државата, спротивно на интересите на државата, што, всушност, е нарушување на демократските процеси Странско влијание

Ширење паника, страв и несигурност

 

8 Употреба на зборови и формулации со коишто се оцрнува одредена група луѓе со цел да се предизвикаат поделби и раздори помеѓу нас/ние/нашето и вас/вие/вашето. Вообичаено, ние/нашето е добро, позитивно и пожелно, а вие/вашето е лошо, негативно и непожелно Поттикнување поделби

Ширење паника, страв и несигурност

9 Употреба на зборови и формулации со коишто се навредува, омаловажува, исмева некоја личност и/или група врз основа на нејзината родова и/или полова припадност Сексизам

Напади на лична основа и/или демонизирање противници (поединци или групи)

Говор на омраза

10 Употреба на зборови со коишто се навредува, дискредитира, озлогласува некоја група на луѓе (странци/туѓинци) со цел да се предизвика страв, одбивање и дистанцирање од нив, дури и предизвикување на одредено однесување кон таа група Ксенофобија ако тие се странци/туѓинци

Етноцентризам

Ширење паника, страв и несигурност

11 Употреба на реченици, зборови, формулации со коишто се велича сопствената етничка припадност, а сите други се помалку важни, вредни, достојни Етноцентризам

Екстремен патриотизам и/или национализам

12 Слики, видеа и аудиозаписи што се креирани со цел да ја доведат јавноста во заблуда дека нешто е реалност и вистина, ама не е (и чија невистинитост може да се докаже)

 

 

Дезинформации

Манипулативна аудиовизуелна медиумска содржина

Ширење паника, страв и несигурност

Пристрасно селектирање

Напади на лична основа и/или демонизирање противници (поединци или групи)

Говор на омраза

13 Зборови/реченици со коишто експлицитно или имплицитно, директно или индиректно се промовираат сопствените идеологии/активности/однесувања како нешто што е во корист на народот/широките народни маси/обичниот „чесен човек“, човечноста, додека идеологиите/активностите/однесувањата, карактеристиките на политичките противници се промовираат како нешто што служи на одредена мала елитна група луѓе, која не ја одразува волјата на народот  

Популизам

Странско влијание

Екстремен патриотизам и/или национализам

Теории на заговор