fbpx

Стандарди за етичко професионално новинарско известување

Како основа за утврдување на евентуално непочитување на професионалните стандарди, ИКС во ова истражување и во медиумскиот мониторинг се води според важечките прописи што ја регулираат работата на медиумите (чл. 16 од Уставот на РСМ, Законот за медиуми, Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Законот за спречување на дискриминацијата, подзаконските акти и правилниците на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги), како и според начелата и насоките на еснафските здруженија, медиумските организации и образовните институции:

Најчести прекршувања на новинарските професионални и етички стандарди

Со оглед на тоа дека целта на медиумскиот мониторинг во рамките на истражувањето е да се утврдат најчестите непрофесионални практики при (не)пренесувањето на штетните наративи, подолу се издвоени неколку практики што служат како образец во детектирањето на овие тенденции кај медиумите:

  1. Некритичко пренесување на обвинувања и нецелосни и непотврдени информации: Основното правило во новинарството е дека новинарот треба да објавува точни и проверени информации. Изборот на изворите е од исклучително значење. Наводите, фактите и документите мораат да се проверат и да се потврдат, со цел да се обезбеди целосна вистинитост и прецизност. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Медиумите честопати ја применуваат новинарската практика „тој-рече-таа-рече“, некритички пренесувајќи ги партиските тврдења и обвинувања, со што добиваат улога на неми пренесувачи на политичките пораки. Со тоа, тие свесно или несвесно стануваат катализатори за дезинформации, погрешни и/или злонамерни информации, засилувачи на поларизацијата во општеството и недовербата во институциите.
  2. Некритичко пренесување изјави со коишто се поткопува довербата во институциите, се шират паника, страв и несигурност, се обвинува за мешање на странски влијанија и за теории на заговор: Беспоговорно пренесување на штетни наративи, со ефекти што произлегуваат од нивното ширење, а тоа се засилени, нагласени чувства на страв, паника, несигурност кај граѓаните, подривање на довербата во институциите, закани од странски влијанија… Некритичко пренесување на одредени информации, односно обвинувања и тврдења. Медиумите треба да бидат исклучително внимателни во изборот на пренесените изјави, речникот и терминологијата што се користат во медиумските содржини, да избегнуваат сензационализми и лажен ексклузивитет на информациите, водејќи се од принципите на точно, веродостојно, правично и балансирано информирање.
  3. Екстремно тенденциозен дискурс и нагласено непочитување на професионалните стандарди: Едно од најважните прекршувања во медиумското известување е непочитувањето на серија на професионални стандарди, со коешто се произведува ефект на нагласено тенденциозно известување (нагласено против или нагласено во прилог на некој политички актер). Според Етичкиот кодекс на новинарите на Македонија: „Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите, треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти“.
  4. Демонизација на политичките актери: Медиумите треба да обезбедат отвореност кон различни политички мислења и гледишта, како и непристрасно прикажување на активностите на политичките партии. Прекршувањето на ова правило може да се манифестира преку етикетирање, исмевање, употреба на навредливи зборови и грубо непочитување на политичките актери, но и други лица (медиумски работници, активисти, носители на јавни функции)
  5. Популизам: Политичките актери во јавната комуникација честопати користат зборови/реченици/пораки со коишто експлицитно или имплицитно ги промовираат сопствените идеологии, активности или однесувања како нешто што е во корист на народот, на широките народни маси, „обичниот човек“, „просечниот граѓанин“. Притоа, активностите на своите политички опоненти се промовираат дека се насочени кон интересите на помала елитистичка група која е дијаметрално спротивна со интересите и волјата на народот. Медиумите во вакви случаи честопати, свесно или несвесно, го засилуваат популистичкиот наратив. Медиумите треба критички да се однесуваат кон активностите и мерките пропагирани од политичките актери, земајќи ги предвид аргументите и контекстот во коишто се донесени тие.
  6. Негативен говор насочен кон поединци и маргинализирани групи: Во контекст на информирањето за политичките актери, негативниот дискурс кон овие групи може да се манифестира преку новинарски производи што за целите на политичката кампања промовираат дискриминација или, пак, екстремна негативна стереотипизација. Новинарските текстови мораат „да ги бранат човековите права, достоинството и слободата“ и да ги „почитуваат достоинството и правата на припадниците на маргинализираните заедници“.
  7. Партиско-политичка злоупотреба на групи или поединци: Новинарските текстови не смеат да злоупотребуваат идентитети на малолетници, како и на лица со попречености. Прекршувањето на ова правило може да се манифестира преку објавување имиња, снимки или фотографии на овие групи граѓани и нивна контекстуализација во политичката кампања на некои политички субјекти.
  8. Отворено инфламаторен или потпалувачки говор насочен кон етничка заедница или повик кон насилство: Политичките актери во јавната комуникација честопати можат да употребат говори што се отворено инфламаторни. Честопати, овој наратив е проследен со етноцентризам, односно тврдења со коишто се велича сопствената етничка припадност, наспроти другата или другите „помалку вредни“ етнички заедници, а тоа може да поттикне општа мобилизација за насилни дејства против: (1) институциите на државата, (2) кој и да е политички чинител; (3) некои општествени групи или заедници (етнички групи, маргинализирани или ранливи заедници и сл.).

Оваа листа на најчести професионални прекршувања не е конечна, туку е обид да се сумираат актуелните новинарски практики што се од посебен интерес и предмет на медиумскиот мониторинг.