fbpx

Мерење на штетни политички наративи: Mесечен извештај (мај 2024)

Штетна

24.06.24

Прегледи

Мерење на штетни политички наративи: Mесечен извештај (мај 2024)

Период: мај 2024
Кратка верзија

Целосна верзија

Институтот за комуникациски студии (ИКС) го објави седмиот и последен едномесечен извештај во рамките на истражувањето Мерење на политички штетни наративи“ (ШТЕТ-НА), којшто претставува сублимат на податоците од мониторингот на комуникациските практики на политичките актери во кои се идентификувани штетни наративи и нивното пренесување во медиумите во мај 2024. Карактеристично за мајскиот извештај е што мониторингот се спроведуваше во период на последните денови од предизборната кампања за вториот круг од претседателските и за парламентарните избори кои се одржаа истовремено на 8 мај, како и за време на постизборието кога беа претставени  резултатите од гласањето и веќе текот на  преговорите за новиот владин  состав.

Во мај на фејсбук-страниците на политичките партии и на нивните лидери беа евидентирани 115 објави со штетни наративи, што е намалување во однос на претходните два месеца (142 објави во март и 176 објави во април). Овој тренд се одрази и во известувањето на медиумите каде што исто така има пад на бројот на објави со штетна реторика. Во вестите на ТВ-станиците овој месец беа забележани 51 прилог со штетна содржина, што е рекордно намалување (55 „штетни прилози“ во април и 79 во март). Слична е состојбата кај онлајн медиумите каде што беа евидентирани 187 објави со штетни наративи, што е забележително намалување во однос на претходниот период (во април 261 објава со штетни наративи, а во март 224).

За разлика од претходните месеци кога ВМРО-ДПМНЕ беше партијата кај која константно беа идентификувани најмногу штетни наративи, овој месец тој примат го презеде Левица со најмногу штетни наративи (25), што е сепак благо намалување во однос на претходниот период (во март 27 и во април 38 објави со штетни наративи). ВМРО-ДПМНЕ падна на второто место со 16 „штетни“ објави (март и април по 43 штетни објави, соодветно). Карактеристично е што прв пат од почетокот на мониторингот, односно во месеците од септември 2023 година наваму, СДСМ во мај годинава не се најде меѓу првите три партии со најмногу штетни наративи, што се должи на молкот кај оваа партија по објавата на изборните резултати. СДСМ со пет објави со штетни наративи (по 29 во март и во април, соодветно) го зазеде четвртото место и го отстапи третото место на ДУИ кај која беа утврдени шест објави со штетни наративи (во март 9 и во април 14 штетни објави).

Кога станува збор за поединците, односно за партиските лидери и за владините функционери, најмногу штетни наративи овој месец беа констатирани на фејсбук-страницата на лидерот на Левица Димитар Апасиев (16), што е значително зголемување во однос на претходните два месеца (во март 9 и во април 7 штетни објави). Еден штетен наратив беше идентификуван и кај лидерот Христијан Мицкоски, а ниту еден кај лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски. Во штетните објави кај претставниците од редовите на ДУИ предводеше Крешник Бектеши со 10 вакви објави, што е забележително зголемување во однос на претходниот месец (во април 2 штетни објави), а потоа следуваат Артан Груби (5) и Али Ахмети (3). Зголемување на бројот на објави со штетен наратив може да се забележи кај еден од клучните гласноговорници на Алијанса за Албанците, министерот за правда Кренар Лога (од 3 објави со штетен наратив во април на 10 во мај).

Кај онлајн медиумите, штетните наративи најчесто беа пласирани преку порталот Курир (28 прилози), кој месеци наназад има најголем број прилози со штетни наративи, а следуваат Вечер.мк (26), Независен (22) и Тетова Сот (22), кои во изминатиов период повремено редоследно го менуваа местото на скалилото или беа заменувани од други (Република, А1он). Кај ТВ-станиците ТВ Алфа е повторно медиумот кај кој се забележани најголем број прилози со штетни наративи (12), но за разлика од февруари (40) и март (35), во април и мај и кај оваа ТВ-станица се забележува значително намалување на овој тип прилози. По Алфа, следат Алсат М и ТВ 21 (по 8 прилози), потоа ТВ 24 (7) и ТВ Телма (5).

Три најчести штетни наративи кај политичките актери, како и во претходните месеци се „пристрасното селектирање“, „поткопувањето на довербата во институциите“ и „нападите на лична основа“. Распоредот на првите две места е ист кај онлајн медиумите и кај ТВ-станиците со тоа што трет најчест штетен наратив кај двата вида медиуми е „поттикнувањето поделби“. И овој месец можат  да се забележат објави со „екстремен патриотизам и национализам“, „етноцентризам“, „ширење паника и страв“ и поединечни случаи на „говор на омраза“.

Во мај, како и во претходните месеци, фејсбук-профилите на министрите во Владата кои беа истовремено и кандидати во изборниот процес активно се користеа за промоција на нивните активности во рамки на кампањата со што се злоупотребуваа официјалните владини канали за комуникација за лична промоција и за партиски потреби потреби.

Контакт: