Во училиште нема место за различните

м-р Ирена Цветковиќ

koalicija irena 200Да се биде различен во Македонија е проклетство. Со оваа констатација ќе се согласи секој кој на своја кожа ја почувствувал казната и гневот на мнозинството затоа што не се препознал и претопил во него. Општествениот и политичкиот дискурс е особено непријателски кон сите различни форми на себство, култура и идентитет. Македонецот ја разбира различноста како странски елемент со разорна моќ и е спремен да инвестира цел арсенал (образовен, медиумски, културен) за да ја евакуира секоја отстапка од замислената рамка на чиста средина. Во таква средина ние ги воспитуваме и развиваме нашите млади.

Младите не претставуваат само една од можните општествени групи. Тие се нашиот влог во развојот на целокупното општество, држава и култура. Па сепак, образовниот  систем не ги храни нивните потенцијали. Напротив, овој систем во Македонија сè посилно и поажурно ги нагризува нивните развојни процеси, ги осиромашува, понекогаш ги казнува, па дури и ги прогонува. Да се биде млад и различен во Македонија е дополнително проклетство. И со оваа констатација ќе се согласат десетиците илјади млади ЛГБТ луѓе кои на своја кожа ја почувствувале грдата и насилна страна на училишната средина.

Доминираат традицијата и религијата

Истражувањето за односот на македонските граѓани кон традиционалните/ секуларни вредности покажува дека Македонија е традиционална или социјално конзервативна средина. Во нашето општетсво загрижуваат процентите на граѓани кои толерираат насилство врз деца и не оправдуваат развод, абортус или хомосексуалност. Според последниот Барометар на еднакви можности, македонските граѓани имаат најмала толеранција кон хомосексуалците, а најголем проблем на власт да дојде лице со хомосексуална ориентација.

Традиционалната култура и религиските норми не се лоши сами по себе. Проблемот се јавува кога тие предничат пред науката и фактите. Традицијата и религијата не смеат да ги врамат образованието, знаењата и информациите за нашите тела, задоволствата и релациите. Традиционалната заедница во Македонија не ги препознава потенцијалите на адолесцентниот период за учење и развој и не умее да ги искористи за доброто на децата, и за себе. Образовниот систем има еден исклучително погрешен императив- вкалапување. Со други зборови, образованието наместо да инвестира во разбирање на различните идентитети, се обидува преку дисциплинирање на личните потенцијали, копнежи и желби насилно да наметне и бара стриктно придржување до традиционално нормираните обележја на родот, сексуалноста и родовиот идентитет.

Младите лезбејки, геј момчиња, бисексуалци и трансродни луѓе го минуваат периодот на својот личен развој во средина која знаат дека ги казнува, дискредитира и исклучува нивните идентитетски карактеристики, нивните животни практики, нивните искуства на вљубеност, социјални релации и врски. Тие, како и нивните хетеросексуални врсници впрочем, не успеваат во училиштето да најдат одговори на оние прашања кои  најмногу ги интересираат и засегаат.

Истражувањето „Љубов само после часови“ дава солидна рамка за разбирање на потребите за внесување на теми поврзани со сексуалноста во образовниот систем. Имено, темите за љубовта, сексуалноста, сексуалното и репродуктивно здравје, насилството, љубомората, интимноста и приватноста се избркани од училишните клупи, но не и од главите на учениците. Наместо отворен разговор за овие важни теми, образованието нуди доминантно информации од биомедицински аспект (функцијата на машките и женските полови жлезди, влијанието врз секундарните полови белези, менструалниот циклус итн.) Ниту една од овие информации нема да ѝ помогне на една ученичка соочена со дилемата кога е вистинското време за првиот сексуален однос или ученикот кој не знае кои се границите на упорноста за да се стигне до сексуален однос и илјадница други прашања кои го чинат животоното искуство на младите. Во отсуство од адекватни одговори кои мора да ги обезбеди образовниот систем, младите се втурнати во ситуација сами да се снаоѓаат во нивно изнаоѓање.

zname slika vb

Извор: Queer.mk

Кога училиштето станува мачилиште

Во адолесценцијата, младите сè поинтензивно се интересираат за сопственото тело, кое бргу се менува, за релациите (телесни и емотивни) кои ги градат со своите врсници, за нивниот изглед, држење, сликата за себе и за другите. Не/прифаќањето на родовата улога, сексуалните преференци, односно сексуалните ориентации влијаат врз градењето на слика за себе, но и врз социјалниот статус на детето меѓу врсниците и пошироката околина.

Истражувањето за тоа колку се еднакви и безбедни младите во Македонија во нивниот сексуален развој и сексуални искуства покажува дека хомосексуалните и бисексуалните вљубувања воопшто не се непознати за нив, вклучувајќи ја и македонската и албанската етничка заедница. Процентот на младите со поинаква романтично-сексуална ориентација од хетеросексуалната се движи од 2 проценти кај македонските момчиња или 1 процент кај албанските момчиња, до 4,5 проценти кај македонските девојчиња, односно 5,2 проценти кај албанските девојчиња. Со други зборови, во едно училиште со просек од 1000 ученици, 10 од нив се идентификуваат или практикувале хомосексуални или бисексуални романтично-сексуални релации. Што добиваат тие во училишната средина? Кои се нивните предизвици, радости и болки? Каков статус уживаат?

Природата на мојата работа ми овозможува секојдневно да слушам лични приказни на млади лезбејки, геј момчиња, бисексуалци или транс деца кои училиштето, а понекогаш и домот го поврзуваат со најрепресивната средина во нивните животи.

Петар е транс момче од еден помал град во Македонија. Роден е како девојче, ама уште од мал бил свесен дека тоа не е. Пиевме кафе пред некој ден и ми раскажуваше за неговите школски години. Замислете еден млад живот во кој радоста и задоволството од социјализација со врсниците му е ускратен. „Екскурзија? Тоа е пеколот од кој се плашев повеќе отколку од вакцина“- ми кажа еднаш едно младо геј момче. Петар има речиси идентични сеќавања. Поради тоа што, тогаш, како девојче, се облекувал во родово неутрална облека, но преферирал машки игри и спорт, често бил праќан кај психологот за казна, но и обид да се „поправи“, „исправи“, „коригира“ она што е перцепирано како грешка. Петар од училишниот психолог добивал укори, но и совети да се сврти кон црквата и да пости на сите големи празници. Петар, а и сите останати како него, ги минале најважните години од својот живот посрамени, осамени и лути на себе и на другите.

Според истражувањето на еднаквоста и безбедноста на младите во Македонија во нивниот сексуален развој и искуства, учениците со изразена хомо и бисексуална ориентација се почесто жртви на малтретирање во училиште, но и жртви на психичко и физичко насилство во домот во споредба со нивните хетеросексуални врсници. Младите од овие групи се речиси пет пати почести жртви на сексуално вознемирување и полов напад, за што е многу веројатно дека најчесто немаат кому да се обратат. Голем дел од нив се соочуваат со недоволно  разбирање и поддршка во семејството и  од родителите, но и од врсниците. Овие млади поретко се социјализираат и дружат со своите врсници. Во однос на нивното емоционално здравје, односно ранливост, повторно овие млади се соочуваат со поголеми проблеми отколку нивните хетеросексуални врсници. Тие манифестираат бројни психосоматски и психосоцијални нарушувања (главоболка, болки во грбот, нерасположение, раздразливост, проблеми со спиење, вртоглавици). Чувствата на тага и безнадежност се карактеристика на психолошкиот профил на овие млади, кои во пропорција (30 провенти) размислувале и за самоубиство. Сите овие податоци се нечие животно искуство. Тие се аларм кој повикува на итен интерес и фокус на релевантните општествени чинители и преземање конкретни мерки кои на среден и долг рок ќе резултираат со креирање на побезбедна и поеднаква училишна средина. Во коренот на негативната слика која ни ја даде ова истражување лежат токму традиционално усвоените обрасци на сексуално изразување и однесувања.

Образованието во Македонија мора да почне да се реформира суштински, а не преку бесполезни проекти. Вклучувањето на сеопфатното сексуално образование во училиштата е првичнот чекор. Зајакнување на стручните служби, отворање фронт против стереотипите и предрасудите и менување на дискриминаторските содржини од учебниците мора да бидат наши појдовни точки. Воспитната компонента на образовниот процес не смееме да ја игнорираме затоа што и оние млади кои ќе останат во земјава ќе ги претвориме во зомбија. Дури тогаш ќе претстанеме да постоиме како луѓе, како општество, како држава.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Македонија „испарува“, арамиите токмат старо-нова ...
Балканската миграциска рута и Македонија како кори...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Петок, 20 Октомври 2017
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: