fbpx

Скопје ќе биде загадено се` додека не го врати урбаното зеленило

Кирил Арсовски Пржо

Јавен интерес

28.12.15

Прегледи

Кирил Пржо

kiril arsovskiВо населбите кадешто има паркови или парк-шуми загаденоста на воздухот е за два до три пати помала од другите делови на градот. Зелените растенија служат како сигурен простран филтер, кој квалитативно го чисти воздухот од гасовити и аеросолни примеси. Затоа, бесмислено е да се пристапува кон донесување мерки за намалување на загаденоста, ако паралелно со тоа, наместо зголемување на зелените градски површини, тие се намалуваат, се оштетуваат и се деградираат. Бетонска стерилна „џунгла“ e застарен приказ за една модерна урбана средина.

Според официјалните податоци на ЈП Паркови и зеленило, Скопје има 4.131.352 квадратни метри зелена површина, односно 12,7 квадрати по жител доколку се пресметува според последниот национален попис од 2002 година. Овие податоци се однесуваат на Скопје без Водно и вонградското зеленило. Премалку за урбана средина што постојано се развива, се гради, се дообликува и се изменува и далеку од европскиот просек и од препораките за 25 метри квадратни по жител. Во изминативе десетина години, ставот на градската управа стана кристално јасен: градежните проекти и зафати доаѓаат први, пред грижата за урбаната екологија на градот. За само една година, бројот на зелени површини и дрвореди е драстично намален поради приоритетните градежни инфраструктурни и козметички зафати во градот за чија ефикасност и ефективност се` уште се дебатира, а јавноста од надлежните бара одговори за нивната оправданост. Информациите за доделување средства за обновување на градското зеленило и креирање на т.н. зелен катастар сега веќе се чини дека се исклучиво про-форма. Платформата ,,Скопје расте” веќе утврди дека зелените површини во централното градско подрачје во изминатите години драстично се намалени.

,,Пазарскиот” пристап на садење дрвја што се применува кај нас - исечи едно старо, засади две нови, не само што е неправилен, туку е апсолутно бесполезен. Апсурдно е да се очекува дека еден мал неразвиен насад од чемпрес (кој не успева поради несоодветното време на садење и неговата подоцнежна нега), ќе придонесе колку и исечениот 30 годишен костен. И тоа не е само заради чистиот воздух. Едно стебло во урбан парк може да претставува живеалиште на голем број видови птици, лилјаци и инсекти. Значењето на едно стебло од аспект на биодиверзитетот доаѓа од големината на неговата крошна. Колку крошната е поголема, толку е поголем неговиот биодиверзитет . Староста на дрвото и површината што ја зафаќа се значајни факти што придонесуваат за живот во него (Tyrväinen et al. 2005). Живиот свет во урбана средина не е исклучен од неа, туку придонесува за нејзиниот квалитет. Дел од жителите на крошните претставуваат биоконтролори на штетните за човек видови или, пак, паразити. Богат урбан биодиверзитет е индикатор за здрав урбан еко систем. Ова само говори колку не се размислува за важноста на старите дрвја и нивната предност пред новите насади.

Не само дрвјата, туку и тревниците се исклучително важни оти ја задржуваат прашината. Со непопуларните мерки на сечење стари дрвја дополнително се раскопуваат и тревнестите површини за да се насадат нови, со што дополнително се уништуваат зелените површини и се врши механички притисок на почвата. Тревата содржи 6 пати повеќе прашина отколку почвата којашто не е покриена со зеленило. И најмало зеленило ја намалува градската запрашеност за 30-40 отсто.

Стара табла за известување: планинарска патека во насока кон Средно Водно

urbano zelenilo

Извор: авторот на текстот

Чуму урбано зеленило?

Градското зеленило има посебна еколошка функција во градот затоа што ги ублажува климатските екстреми, го забрзува проветрувањето на населбите, штити од бучава, претерана изложеност на сонце и ветрови, го прочистува воздухот и ја апсорбира прашината и штетните гасови; ја регулира влажноста на воздухот и температурниот режим на населбите; ја подобрува микроклимата на градската територија, создава услови за одмор на отворен воздух, ја штити почвата, зградите и тротоарите од прегревање итн. Основни елементи на градското зеленило се: парковите, градините, озеленетите територии во станбените и индустриските зони, крајбрежни локации, булеварите, скверовите, заштитните зелени зони, парк шумите и во приградската зона (во широчина од 5 до 20 км).

Урбаното зеленило има важна улога во заштитата од загадувањето. Тоа апсорбира загадувачки гасови и прашина. Зеленилото го штити градежниот простор од прашина на тој начин што ја намалува силата на ветерот, па прашината веднаш се таложи на тлото. Зеленилото е особено ефикасно при отстранување на крупните честички, (Прелиќ, 2006).

Во деловите со интензивно зеленило (паркови, парк-шуми) загаденоста на воздухот е за два до три пати помала од другите делови на градот. Зелените растенија служат како сигурен простран филтер, кој квалитативно го чисти воздухот од гасни и аеросолни примеси.

Урбанизацијата не влијае само на зеленилото во централното градско подрачје и на неговата периферија, туку и на сите други шумски и природни ресурси надвор од него (Konijnendjik et al.2005). Урбаното зеленило влијае и врз климатските услови во еден град. Еден градски парк со димензии од 10 хектари ја намалува температурата во околината за 1 C° (Tyrväinen et al. 2005). Секако дека урбаното зеленило не влијае само на физичкото, туку и на психичкото здравје и не треба посебно да се нагласува дека парковите, шумите и градското зеленило делуваат смирувачки и го стабилизираат емоционалното здравје на населението.

Нема чист воздух без зголемување на зелените градски површини

Унапредувањето и зголемувањето на површините под урбано зеленило не се само локална, туку и светска потреба. До 2050 година, 6,3 милијарди луѓе ќе живеат исклучиво во урбани заедници, со што потребата од зелени површини ќе се зголемува и ќе се остварува преку тревести улици, мали урбани градини, езерца и садници.

Грижата и унапредувањето на градското зеленило во Скопје и другите урбани центри во државата директно ќе влијае на решавање на можеби најголемиот национален еколошки проблем со кој се соочуваме изминативе години - загадениот воздух. Бесмислено е да се пристапува кон донесување мерки за намалување на загаденоста, ако паралелно со тоа, наместо зголемување на зелените градски површини, тие се намалуваат, се оштетуваат и се деградираат. Бетонска стерилна ,,џунгла” e застарен приказ за една модерна урбана средина.

Сите, а најмногу надлежните, треба да разбереме дека цивилизацискиот модерен развој на една урбана средина не се гледа само во културно-општествени објекти и градби, туку и уредени урбани шуми и паркови кои ќе придонесат за комфорен живот во неа. Урбаното зеленило и неговото уредување не смее да се гледа само од естетски, туку и од еколошко-урбанистички аспект. Креирањето на нови зелени површини и нови насади треба да се одвива во правец на подобрување на квалитетот на урбаната средина според веќе потврдени методи, а не со избрзани, неоддржани и често козметички привремени зафати.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Кирил Арсовски Пржо

Кирил Арсовски Пржо e еколог и професор по биологија, главен уредник на едукативната веб платформа ДОМА (doma.edu.mk) на Институтот за комуникациски студии. Тој е продуцент и автор на серијалот на еколошки едукативни документарни филмови „Дома“. Полето на негов интерес и истражување е комуникација на науката, екологија и заштита на животната средина. Пишува анализи за национални и регионални еколошки проблеми и често држи јавни предавања од областа на заштита на животната средина. Поранешен претседател на Истражувачкото друштво на студенти биолози (ИДСБ), член на Кралското ентомолошко друштво и Меѓународното друштво на бихевиористи.