fbpx

Е па, ај да се видиме на протест!

Ана Нешовска

Јавен интерес

21.01.16

Прегледи

Ана Нешовска

ana nesovksaШто го натера македонскиот граѓанин да се откаже од протести? Дали граѓаните ќе се вратат на улиците, и што уште треба да се случи за да почнат масовно да го изразуваат својот револт и да ги бараат своите права?

Изминативе неколку месеци сведоци сме на повеќе драматични настани и појави кои значително го засегаат животот на граѓаните, нивното секојдневно живеење и економската благостостојба, демократијата и политичката иднина, но нема граѓански протести какви што имаше минатата година. Настаните поврзани со застојот на политичките преговори за Договорот од Пржино, високото задолжување на државата со странски кредити кои ќе ги враќаат идните генерации, но и други негативни општествени појави како енормното еколошко загадување, проблемите со парното греење, не предизвикуваат поширока реакција на граѓаните. Последните настани на политичката сцена, пак, оставката на премиерот Груевски и изборот на преодна влада, одлуката за распуштање на Собранието на 24 февруари и одржување избори на 24 април без согласност на опозицијата, според која нема можност за организирање фер и демократски избори на овој датум, поттикнаа некои граѓански и опозициски активисти на социјалните мрежи да повикаат на организирање нови граѓански протести.

Протестно минато

Првите демонстрации кои го обележаа владеењето на Владата од 2006 до 2015 година, а беа доволно силни за да се прошири информацијата дека се протестира низ целата држава беа протестите за Мартин Нешковски. Тие беа предизвикани од смртта на младо момче, која подоцна имаше обиди да се скрие. Но, со тек на време, целта на протестите се прошири и движењето почна отворено да зборува и за други случаи на претепани лица од полицијата. Протестантите зборуваа за несовесното вршење на полициската должност, па движењето ја прошири својата агенда и се прослави преку слоганот „Стоп за полициската бруталност“. Протестите траеја неколку недели и во најбројните денови се собираа по две до три илјади луѓе, а престанаа по пресудата за убиецот на Мартин.

Потоа следеше долг, мачен, летаргичен период, со по тук – таму некој протест, нешто како долго скопско лето, се` до будењето на студентите во октомври 2014. На 17 ноември 2014 година повторно се случи протест со забележливи размери под мотото „Стоп за лошите реформи“, организиран од Студентскиот пленум. Целта на маршот беше да се покаже незадоволството на студентите од новата најавена реформа на факултетите, односно екстерното тестирање, како и незадоволството од целиот систем за високо образование. Студентите беа револтирани од состојбата во високото образование и од третманот што го добиваа од државата. После овој, следеше и втор студентски марш, најголемиот во современата историја на Македонија кој броеше илјадници луѓе. Проценките за бројот на протестанти се движеше од 7.000 до 12.000. Овие маршеви се чини дека ја отворија сезоната на протести во Република Македонија, имајќи предвид дека по нив следеа десетици други протести и маршеви во краткиот рок од неколку месеци.

Но, општествениот развој на настаните доведе до спласнување на граѓанската енергија и активизам. Во април 2015 година опозицискиот СДСМ ја основаше коалицијата „Граѓаните за Македонија“ на која и се придружија 74 невладини организации. Невладините организации со тоа му дадоа доверба и легитимитет на лидерот на опозицијата да преговара во нивно име за остварување на барањата на граѓаните. Во текот на летото се потпиша Договорот од Пржино, а подоцна и Протоколот за Договорот од Пржино. Во август СДСМ излезе од коалицијата. Но, протестниот моментум веќе се изгуби. Се формира нова коалиција под името „Заслужуваме подобро“ која се обиде да го врати протестирачкиот дух, меѓутоа многу тешко се активира еднаш пасивизираниот граѓанин, како што беше ситуацијата во периодот од 2006 до 2014 година.

studentski protesti

Автор: Синиша Јаков Марушиќ

Протестна култура

Тешко е да се очекува од народ кој живее со максимата „наведната глава сабја не сече“ дека ќе има некаква култура на протестирање. Впрочем, културата на протестирање е условена од политичката култура, за која, пак, е нужно постојано информирање и добро образование. Македонските граѓани, за жал, ниту се добро информирани, ниту имаат добро образование што се однесува до граѓанските права и слободи. Сепак, развојот на настаните во последната година дава надеж дека ситуацијата со нашето граѓанство не е толку лоша. Зголемениот број протести укажува на вратената надеж кај луѓето дека нешто ќе променат и дека се свесни оти тие ја имаат моќта во своите раце.

Протестот е всушност начин на размислување. Тоа е најосновен и најприроден начин на барање на човековите права кои во демократските системи по правило треба да се загарантирани. Протестната култура се создава со многу години развој на едно општество, на борба за остварување на човековите права, на основите начела и принципи на владеењето на правото. Една од најдобрите и најсликовити реченици за протестот како форма на револт е онаа на професорката Гордана Силјановска - Давкова на Правниот факултет во Скопје, која рече дека протестот е вежбање директна демократија. Протестот всушност се јавува кога посредничката демократија ќе потфрли.

Ревитализација на граѓанските протести

Политичката состојба во Македонија е екстремно нестабилна. Државата преживува институционален крах, политичко–партиски дебакл, економски дисбаланс и е во опасност од влошување на односите со целата меѓународна заедница. Договорот од Пржино е последен обид да се надмине политичката и институционалната криза по мирен пат.

Дали граѓанските протести треба повторно да се обноват и како тие би помогнале во оваа состојба на сивило? Ако протестите се вежбање директна демократија и нецензуриран и неинституционализиран израз на граѓанските желби, тогаш може да се изведе заклучокот дека во време на апсолутна недоверба кон институциите формите на директна демократија се единствениот легитимен израз на граѓанската волја. Граѓанските протести се нужност во вршењето притисок врз власта.

Противниците на граѓанските протести често ги дисквалификуваат со тоа што ги нарекуваат улична демократија, која може да доведе до немири и до нарушување на стабилноста. Точно е дека со враќањето на протестите на улица се зголемува опасноста од дополнително дестабилизирање на институциите. Меѓутоа, со оглед на тоа дека институциите се во состојба во која мали подобрувања не можат да ги „поправат“, дополнителниот притисок врз нив ќе предизвика целосно и темелно обновување на институциите. За да може воопшто да се зборува за воспоставување на принципите на владеење на правото, правната држава, еднаквоста и недискриминацијата, кои се загарантирани во демократското општество, условот е да постојат одговорни и силни институции. Еден од начините за да се постигне тоа, се мирни граѓански протести.

Фактор во ревитализацијата на граѓанските протести се граѓанските организации, но многу поголем и посуштински чинител се граѓаните кои треба сами да се организираат и да застанат зад своите потреби. Притоа, од развојот на настаните во Република Македонија во последната година можеме да посведочиме дека протестот како форма на изразување граѓански револт е ефективен. После протестите на Студентскиот пленум, новите измени на законот за високо образование кои предвидуваа воведување екстерно тестирање беа одложени за една, а потоа за уште една година. Протестите на хонорарците исто така донесоа позитивни промени за оваа категорија граѓани, односно Законот за придонеси за хонорарците се укина. Тоа е дополнителна причина граѓанските протести да продолжат.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Ана Нешовска

Ана Нешовска е студент на Првниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, на отсекот за правни науки. Особен интерес и претставуваат човековите права и нивното реализирање низ интердисциплинарната призма на право и социологија, право и филозофија, како и право и литература. Ужива да чита дистописки книги.