м-р Радица Тодоровска
Последните десетина години, македонските медиуми се исклучително сиромашни со политички дебати. Недостатокот од телевизиски соочувања на политичарите ги отвора прашањата за степенот на политичка култура, бизнис релациите на медиумите со партиите и демократскиот капацитет на партискиот систем и електоратот. Може ли Македонија да се справи со овие предизвици во име на демократската определба на државата и политичките права на граѓаните?
Политички рецитал или интеракција со граѓаните?
Прашањето за политичко дебатирање и телевизиско соочување на политичарите е тесно поврзано со слободата на медиумите во државата. Во Македонија е забележлива индиректна контрола на владејачката партија врз медиумите токму поради државната доминација во рекламниот маркетинг, за што говори и Извешајот од експертската група на Европската комисија, што ја набљудуваше политичката ситуација во државата во пролетта минатата година. Загрижува фактот што во Македонија веќе подолго време отсуствува волјата на владејчкото мнозинство да ги спротивстави ставовите со опозицијата и токму поради тоа се затскрива зад параваните на политички наклонетите медиуми. Повеќе последователни извештаи на Европската унија за напредокот на Македонија потврдуваат дека најголем број од мониторираните медиуми вклучително и јавниот радиодифузер се пристрасни кон владејачката партија. Се чини дека за власта е прифатливо гостување во медиуми наклонети кон нив, но никако со концепт на директно соочување со опозициските политичари. Ова е едно од клучните прашања за демократијата особено во предизборниот период.
Во предизборното претставување на политичките партии во Македонија доминираат интервјуа на кандидати кои се чини дека настапуваат со однапред подготвени одговори на прашања диктирани од партиите. Улиците се збогатени со колоритот на партиските билборди кои се неми раскажувачи на партиските идеи. Митинзите секогаш се организираат за себеиздигнување и дисквалификување на противникот. Овие методи на еднострана комуникација со гласачите без реплики и контра aргументи немаат суштина која е карактеристична за активната комуникација на телевизиските дуели.
Наместо комодитетот медиумски да дефилираат во политичките рекламни спотови и партиски митинзи, во политичките телевизиски дебати политичарите како противник ја добиваат аудио-визуелната моќ на етерот. Таму мораат да се соочат со политичките ривали и со електоратот, брзо да реагираат и аргументирано да возвраќаат. Дебатата комплетно „ги разголува“, што овозможува да се добие комплетна слика за нив. Врз основа на тоа гласачите носат одлука.
Ако се спореди политичкиот маркетинг (индивидуални гостувања во политички наклонети медиуми, летоци, огромни билборди или музички спотови) со телевизискиот дуел на кандидатите се добиваат два различни пристапи. Првиот, кој повеќе влијае на емотивната перцепција на граѓаните, редовно придржуван со присуство на познати пејачи, омилени локации или приказни, и вториот, кој е огледало на саморазумноста, свеста, способноста за расудување и проценка. Додека првиот пристап го имаме во изобилие во нашата држава, интелектуалниот концепт заостанува.
Македонија избира дебатен молк
Историјата на политичката дебата во Македонија е неславна и еволуциски стагнира. Ако во западните демократии е нотирана ерата на вкоренување на политичката дебата во политичката традиција преку првата телевизиска претседателска дебата во САД меѓу Ричард Никсон и Џон Кенеди, како и телевизискиот дуел помеѓу претседателските кандидати на Франција, Франсоа Митеран и В.Ж.Дестен во 1974 година, во Македонија се ретки, дури и занемарливи политичките дебати.
Кога ќе се спомене телевизиски дуел меѓу политички кандидати се паметат дуели кои изобилуваат со лични дисквалификации, навреди и говор на омраза, како на пример политичкото соочување помеѓу Бранко Црвенковски и Љупчо Георгиевски во 1998 година, како и дебатни емисии на кои вообичаено отсуствуваат кандидатите од владејачката партија. Пример за ова е претседателската дебата за изборите во 2014 година, емитувана од ТВ 24 часа Вести, на која не присуствуваше актуелниот претседател на државата. Но тој присуствуваше на телевизиската дебата емитувана на јавниот дифузен сервис. Тоа го потврдува и Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР во кој е забележано дека само една дебата на која се појавија сите четири кандидати за претседатели беше организирана од МРТ1.
Хронолошки, и 2009 година сведочи за отсуство од ТВ дебата на кандидатот за претседател на државата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, која и тогаш беше владејачка партија во Македонија. Ситуацијата е потврдена и во финалниот извештај на Мисијата за набљудување на избори на ОБСЕ/ОДИХР.
Македонските медиуми се сиромашни и со дебати за парламентарните избори
Праксата на политичкото дебатирање е иста без разлика дали се однесува на претседателски или на парламентарни избори. И за време на парламентарните избори се избегнува телевизиско соочување што стана карактеристична особина на владејачката партија. За ова говори фактот дека за време на парламентарните избори во 2011 година, владејачката партија не учествуваше на ниту една јавна дебата организирана од приватните ТВ канали, што се потврдува и во Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР. Навистина популистички звучи дека дуелот се случува на самите избори, но ова како да стана препознатлив стил на избегнување соочување со политичкиот противник. Од исклучително значење за политичкиот развој на Македонија е во услови на речиси десетгодишно владеење на една партија со државата, да се спроведува отворена политичка дебата помеѓу двете најголеми политички партии од власта и од опозицијата особено заради преиспитување односно потврдување на владејачката политика. Бидејќи во време на парламентарни избори нема дебата ниту во Собранието, единствен разговор кадешто има повеќе партии е политичката дебата на телевизија. Со ова, српскиот новинар од РТС, Зоран Станојевиќ, го опишува значењето на телевизиските дебати за време на парламентарни избори
Германија доживеа ренесанса на политичкото ТВ-дебатирање во 2002 година на изборите за Бундестагот, кога Шредер и Штојбер привлекоа по 15.милиони гледачи на секој дуел што се споредува со квота само кога игра фудбалската репрезентација.
Присуството на ТВ-дуелите, особено во услови кога изборите се неизвесни, а бројот на неопределени гласачи е голем, е од исклучително значење за да се придобие дел од нив кон едната политичка страна односно да се поттикнат на гласање оние кои планирале да апстинираат. Политичарите не смеат да заборават дека на ТВ дуелите се презентираат политиките кои може да ги изберат граѓаните. Додека развиените демократии ја сфаќаат дебатата како позитивен предизвик, македонската политика се чини дека на тоа гледа како на моќно оружје кое е во рацете на опозициските партии. Македонија се уште се бори со демократските предизвици што е рефлексија на социо-економските и општествени случувања особено во постранзициониот период.
Извор: surf.mk
И меѓународната оценка е негативна
Според Репортери без граници, 2009 година е статистички одбележана како година на драстичен пад на состојбата со медиумите во Македонија. Поттикнати од нивните резултати, Националниот демократски институт започна со организација на политички дебати со утврдени првила на игра за време на нивна реализација. Ова е во насока на градење култура на дебатирање во Македонија. Во извештаите од набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за изборите во нашата земја, континуирано се сретнуваат забелешки за телевизиските соочувања на кандидатите и најчесто со акцент на избегнување на ТВ-соочувањата од владејачката партија. Покрај горенаведените случаи на отсуство од политичките дебати за време на парламентарните и претседателски избори, случајот се повторува и за време на локалните избори што се потврдува со извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори 2013. Покрај тоа што МРТ1 не организирала никакви политички дебати, одреден број на обиди за организирање дебати на приватните медиуми пропаднаа, наводно поради немање интерес кај владејачката партија.
Како до политичка дебата?
Бидејќи во Македонија е карактеристичен стереотипен медиумски концепт на фаворизирање емисии со гости политичари чија партиска матрица е во афилијација со сопствениците на медиумите, а избирачите не го проблематизираат ова прашање, преку оваа ситуација може да се детектираат болните точки и да се бараат решенијата. Криењето на партиите зад медиумските послушници го открива недостатокот на демократска зрелост и политички капацитет на партиите. Молкот на народот по ова прашање ја одразува демократската моќ и политичка зрелост на граѓаните. Кога тие ќе ги казнат партиите за избегнување на политичките дебати, тогаш единствениот виновник ќе бидат токму политичките партии. Во тој случај, партиите ќе мора да се наклонат кон барањата на подржувачите, ако сакаат да опстојат.
Како механизам кој е содржан и во Изборниот законик на Република Македонија, а имајќи ја предвид традицијата на избегнување на политичките дебати, би требало да се размислува за присуството на дебатите да добие облигаторен карактер.
Приближно 1.779.572 гласачи во Македонија имаат право да слушнат и видат отворена борба на аргументи помеѓу кандидатите. Тие имаат право да ја оценат сигурноста на кандидатите, да ги компарираат способностите и ставовите и врз основа на тоа да го изберат својот фаворит. Бидејќи функциите кон кои претендираат кандидатите на изборите, се од јавен карактер, а легитимитетот го добиваат од народот, тие се должни пред електоратот да ја докажат политичката надмоќ над противкандидатите и да ги одбранат ставовите. Се разбира, ако сакаат да бидат избрани.
И кога егзистираме во исполитизирано општество, и кога цивилното општество потклекнува на политичкиот притисок, постои категорија на политички неопределени граѓани или електорат кој не е слеп приврзаник на одредена политичка партија и од кои се очекува да го развијат критицизмот и да го подигнат нивото на политичката култура во нашата земја. Тие се најзначајниот плен кој партиите може да го добијат преку ТВ дебатите.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.