fbpx

Ќе ни беше поубаво со провладини медиуми

Гоце Трпковски

Јавен интерес

Медиуми

09.02.16

Прегледи

Гоце Трпковски

goce trpkovski1Провладиниот дел од медиумската сцена го заземаат контролирани медиуми од Владата и од владејачката партија, за кои постојат сериозни показатели дека се раководени од заеднички центар, дека ги кршат и најелементарните новинарски правила и принципи, и дека сето тоа добро го наплатуваат. Како може да се најде компромис меѓу тоа и нормалното функционирање? Затоа преговорите за медиумската сфера на моменти личат на обид од медиуми и немедиуми да се направат полумедиуми.

Не можеме доволно пати да ја повториме излитената фраза „политиката е уметност на можното“, додека гледаме како се одвиваат преговорите меѓу четирите најголеми политички партии, посебно во делот за медиумите, без вклученост на медиумите. Особено додека гледаме како се преговара за нешто што не може да биде предмет на преговори, а тоа се основните новинарски правила и принципи. Но тешко е да се најдат решенија што би биле спој меѓу паралелните, дури и спротивставени медиумски сцени, кои се засноваат на сосема различни вредности. Барем едната страна ќе мора да биде оштетена, во смисла дека веќе нема да може да работи на ист начин. Иако многу добро знаеме која треба да биде таа страна, сепак се бара начин како и двете да дадат по нешто, во името на компромисот.

Нема провладини медиуми

Еден од парадоксите на македонската медиумска сцена е што практично нема провладини медиуми. Освен, можеби, некои маргинални. Ова тврдење делува крајно несериозно, особено во држава што во последниве години доживеа огромни падови во слободата на медиумите и веќе влезе во црвената зона на мапата на Репортери без граници. Но во период кога се бараат избалансирани решенија и компромиси меѓу што поширок круг чинители на сцената, токму тоа е една од главните причини за нискиот квалитет во речиси сите понудени предлози.

Звучи чудно, но првиот бедем на одбраната на независноста на новинарството е токму провладината уредувачка ориентација. Тоа е една од основите за да имаме медиумски плурализам. Но токму тој бедем во Македонија е одамна разорен и присвоен.

Нема единствена дефиниција што е тоа провладин медиум, освен очигледната, дека ја поддржува Владата. Душан Машиќ, еден од основачите на радиото Б92, се обиде да даде попрецизен опис, дека еден медиум може да биде и независен и провладин во исто време, ако таа ориентација е избор на самиот уредувачки и новинарски кoлегиум. Во услови на пазарно стопанство, тоа подразбира дека медиумот му се обраќа на оној дел од публиката што е позитивно настроен кон Владата, и дека нашол економски интерес да се издржува од таа публика. Тоа е сосема легитимна определба. Не подразбира пропаганда, туку повторно строго држење до основните новинарски правила и принципи, содржините да бидат базирани на факти и да не бидат манипулативни. Дури може и да ја критикува Владата ако оцени дека таа отстапува од своите основни начела. Но еден медиум не може да се нарече провладин кога има директна и непосредна финансиска корист од Владата, а воедно ја фаворизира во своите информативни содржини. Ваквите медиуми веќе навлегуваат во категоријата владини контролирани гласила, што е забележано и во извештајот на експертската група на ЕУ предводена од Рајнхард Прибе.

Изместена почетна позиција

Затоа главен проблем во актуелните политички преговори за медиумите е што не се бара заедничка основа меѓу две или повеќе спротивставени, но легитимни позиции. Така ќе беше ако имавме провладини наспроти критички медиуми. Во нашиот случај, му се дава легитимитет на нешто што е спротивно на основните новинарски стандарди, па се бара компромис меѓу тоа и нормалното, да се најдат некаде на половина пат. И тоа уште во стартот го ограничува квалитетот на решението што може да се најде. А кога се бара компромис со професионализмот, тоа е најпогоден терен за дилетантски предлози како тој дека не мора различните страни вклучени во преговорите да се најдат ниту на математичката половина од патот, туку заедничката точка да ја определат сразмерно со резултатите од претходните избори. Таков беше предлогот за двојно уредништво и поделба на времето во Македонската радио-телевизија. Наместо да се гарантира вистината, се гарантира правото на различни вистини. И тоа пропорционално.

Да имаше провладини наместо владини медиуми, ќе беше прашање дали дури три од петте телевизии со национална концесија ќе најдеа економски интерес да и` се обраќаат на публиката што ја поддржува Владата. И тоа токму трите што имаат највисоки приходи. Поточно, дали ќе се исплатеше да се биде едностран на еден мал, но поделен пазар, со различни општествени групи, кои имаат различни и спротивставени интереси. Очигледно дека тоа сега се исплатува.

Поради тоа СДСМ се обиде со закон да наметне политички плурализам, со предложените членови 62-а и 62-б, со кој се регулира дека медиумите се должни да обезбедат непристрасно, правично и избалансирано претставување на различните политички гледишта, и во информативните програми, и на дебатните емисии. Тоа е исто така погрешно бидејќи со закон не може да се наметне уредувачка политика. Во тој случај зошто би постоеле повеќе и различни медиуми, ако сите имаат обврска да ги покријат сите гледишта. Освен тоа, што е уште попроблематично, повторно се легитимира правото на две или повеќе вистини. Или можеби на две или повеќе лаги, важно да доаѓаат од различни страни. Демократијата подразбира различни гледишта и позиции, но ја подразбира и можноста понекогаш само едната страна да биде во право. Или барем нејзините аргументи да натежнуваат наспроти тие на другата страна. Основното начело на медиумите е да ја прикажуваат вистината, без разлика кој се согласува со неа, а кој не. Објективноста не може да биде жртва на неутралноста. Но кога објективноста не е почетна позиција, не е аксиом, туку е варијабла во преговорите, можеме да очекуваме дури и многу повеќе импровизација отколку досега.

tv pustina

Компромисот како терен за нови кризи

Не само што компромисите што се бараат се проблематични самите по себе, туку досега видовме дека заеднички решенија е речиси невозможно да се постигнат. Не само во преговорите за медиумите, туку и пошироко. Политичката криза која во Македонија трае речиси две години, покажа дека политичката култура во земјата е падната толку ниско, што власта и опозицијата не можат ниту да разговараат без меѓународно посредништво, а камоли да најдат заеднички решенија. Корпоративната логика според која тој што има барем 51 отсто од гласовите може да носи 100 отсто од одлуките како што нему му одговара, го генерираше незадоволството што доведе до политичката криза. Демократијата не може да функционира така. Зошто 300.000 луѓе би изгласале свои претставници во парламентот, ако нивните интереси не можат да бидат застапени, заштитени и остварени? Затоа, како и за сите прашања што беа предмет на преговори во кризата, така и за медиумите се наметна потребата од компромис.

Посредникот Питер Ванхоуте во својата платформа за медиумските прашања понуди многу едноставна формула за компромис - двотретинско мнозинство. Со такво мнозинство во парламентот треба да се изберат членовите на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), како и членовите на Програмскиот совет на МРТ. Постојат повеќе предлози какви критериуми претходно треба да исполнат кандидатите, односно од кого да добијат поддршка (Ванхоуте, СДСМ, Македонската медиумска асоцијација и други актери имаа различни сугестии и барања). Но останува тоа дека ако кадрите во двете најважни институции во медиумската сфера се бираат на начин на кој не може да се игнорираат интересите ниту на власта, ниту на опозицијата, по нивниот избор никој нема да има право да каже дека медиумите се под контрола на другиот. Иако ВМРО-ДПМНЕ напаѓаше дел од предлозите, обвинувајќи дека тие ќе овозможат целосна контрола на СДСМ врз медиумите, сепак, од она што стои на маса, ништо не предвидува дека решенија ќе се носат со едночетвртинско малцинство гласови, колку што има СДСМ во Собранието.

Сепак останува проблематично дека ќе мора да се постигнуваат договори со компромис. Од една страна тоа би предизвикало недоследности зашто заедничката партиска прифатливост на кандидатите во двата совета може да биде повисоко вреднувана од нивните лични квалитети и капацитети за извршување на функцијата. Од друга страна, пак, таквото решение ќе овозможи бескраен терен за одолговлекување, блокирање и креирање нови политички кризи. Но тоа не може едноставно да се реши, кога и од Брисел се гледа дека проблемот е во медиумската култура и во политичката клима, а не во правилата. Уште помалку, пак, можеме да очекуваме дека во земја која токму поради овие проблеми три години е под 100-тото место на Индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“, какви било промени би овозможиле за два ипол месеца (додека дојдат предвремените парламентарни избори) граѓаните да бидат многу поквалитетно информирани за случувањата и за состојбите во државата, и врз основа на тоа да ја донесат својата одлука за кого ќе гласаат.

А тоа што медиумите во целите преговори се само гледачи и коментатори, а не и директни учесници, пак, едноставно остава без зборови.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Гоце Трпковски

Гоце Трпковски како новинар работи повеќе од 11 години, а во последниве пет години ги следи настаните, тековите и процесите во внатрешната и во надворешната политика. Посебно ги следи движењата на политичката сцена, однесувањето и активностите на политичките актери, односите меѓу нив, политичката култура, надворешно-политичките прашања (ЕУ, односите со соседите) од аспект на нивните рефлексии врз внатрешно-политичките односи, како и медиумите и медиумската слобода.