fbpx

Подемот на граѓанските протести

Здравко Савески

Јавен интерес

20.05.16

Прегледи

д-р Здравко Савески

zdravko saveskiПретходните протести, од 2009 наваму, ги дадоа предусловите за едни вакви протести како денешните да бидат можни. Да не беа тие протести, да не беа револтот, упорноста, посветеноста, но и разочарувањето од тие протести, овие протести ќе беа само бледа сенка од она што се сега.

Ние не сме народ со изразита протестна култура. Повеќе сакаме да негодуваме од страна и да очекуваме другите да се изборат и за нас. Но, во последните години дојде до значајно поместување. Дојде до значителен пораст на бројот на граѓани кои излегуваат на протести. Само до неодамна ретко кој ќе поверуваше дека е можно во Македонија да протестираат повеќе илјадници граѓани во повеќе градови, повеќе од еден месец, речиси секој ден. Ама, токму тоа се случува. За да се одговори на прашањето како е можно во една земја со ниска протестна култура и при власт која сее(ше) страв кај народот да има масовни и долготрајни протести, потребно е, меѓу другото, да се пропрати еволуцијата на протестите од претходните години.

Чекор по чекор – напред

Денешното протестно движење го имаше својот зародиш во 2008, во време кога неолибералистичката и националистичка идеолошка хегемонија на ВМРО-ДПМНЕ беше на самиот врв и кога секоја критика лесно беше делегитимирана преку нејзино поврзување со СДСМ. Движењето го имаше своето огнено крштевање во март 2009, кога околу 150 протестанти, собрани за да го искажат своето противење на градењето на објект црква на плоштадот во Скопје, беа нападнати од контрапротестанти. Подготвеноста на власта да организира контрапротестанти за насилно да го попречи правото на мирно собирање предизвика голем шок и го засили стравот од излегување на протести кај многу граѓани.

Во наредниот период зачестија протестите. Стануваше збор за малубројни протести на кои се излегуваше само еднаш, но претставуваа драгоцено искуство за нивните организатори и учесници. Тоа се покажа во јуни 2011, за време на протестите против полициската бруталност, чиј повод беше убиството на Мартин Нешковски и обидите на власта да го прикрие. Овие протести претставуваа квалитативен исчекор со самиот факт што беа први континуирани протести, односно први протести при кои се протестираше во поголем временски интервал. Доминантно млади луѓе протестираа 30 дена, од кои 20 дена континуирано. Просечниот број на протестанти се движеше околу 200 до 300, со тоа што на најмасовниот протест имаше околу 3 до 4 илјади граѓани. И не се протестираше само. Секој ден после протестот најангажираните протестанти позади Спомен-куќата на Мајка Тереза дискутираа околу барањата и стратегијата на протестите. Она што беше карактеристика за начинот на организирање на неколку здруженија на граѓани, хоризонталната структура, се преслика и во начинот на организирање на протестите, пружајќи им можност на протестантите да искусат партиципативна демократија. Иако токму поради протестите беше уапсен убиецот на Нешковски, протестите се сметаа за неуспешни, создавајќи горчина кај протестантите поради фактот што власта остана глува, иако тие толку долго протестираа и иако ги направија сите напори да се департизира протестот.

Следните континуирани протести се случија по една година, во август 2012. Поводот беше поскапувањето на цената на струјата, укинувањето на дневната евтина тарифа и воведувањето обврска за плаќање за некористење топлинска енергија. Имајќи го предвид исцрпувачкото темпо на секојдневните протести од претходната година, протестантите ја променија стратегијата и протестираа еднаш неделно. Исто како „Стоп за полициска бруталност“ од претходната година и граѓанската иницијатива „Аман“ беше хоризонтално организирана. Просечниот број протестанти беше приближно ист како и претходната година, но важниот исчекор на овие протести беше тоа што за првпат повозрасните граѓани им се приклучија на младите. Важен исчекор беше и тоа што првпат, покрај во Скопје, континуирани протести имаше и во други градови (Битола, Куманово, Прилеп, Штип и Тетово). Беа организирани 14 протести по што се премина на собирање потписи за поднесување граѓанска иницијатива во Собранието. И покрај големите административни и процедурални пречки, воведени со цел на граѓаните да им се отежне собирањето 10.000 потписи, се собраа 13.000 потписи. Без разлика на тоа, власта ладнокрвно ја отфрли иницијативата, а „Аман“, исто како „Стоп за полициска бруталност“, заврши неуспешно, зацврстувајќи ја убеденоста кај граѓаните дека џабе се протестира.

Протестната и пленумска 2014-2015

Следуваше период во кој немаше долготрајни граѓански протести. Помина 2013, веќе беше при крај 2014, кога, сосема неочекувано, во ноември 2014 еден студентски протест, за кој никој не мислеше дека ќе биде масовен, изненади со својата бројност и енергија и го разбуди протестниот дух на граѓаните како никогаш дотогаш. Следуваше жешка македонска зима, со 15 протести од најразличен тип само од ноември 2014 до февруари 2015. Од март 2015 започнаа еднаш-неделните протести на исклучените од Топлификација, на педесетина исклучително упорни протестанти, кои и денес, по повеќе од една година, уште траат.

Несомнено, студентите беа носителите на протестниот бран. Тие го организираа најмасовниот непартиски протест по повеќе од деценија (од осум до десет илјади учесници), окупираа неколку факултети и ги инспирираа останатите. Врз основа на традициите на претходното студентско организирање и претходните граѓански протести, се организираа хоризонтално во пленум и ја поттикнаа пленумизацијата. После нив, пленуми организираа професорите, средношколците, наставниците и новинарите. Никогаш порано хоризонталната демократија немала толкава привлечност. Бројот на протестанти често беше неколку илјади (десетпати повеќе од просекот од 2011-2012), а дојде до важна промена и на дискурсивно ниво. Додека до отприлика 2013 се внимаваше да не се критикува премногу власта за да не се биде поврзан со опозицијата, сега антивладиното расположение стануваше сè поексплицитно. Имаше уште една важна разлика: власта почна да ретерира пред барањата на протестантите, враќајќи им ја нив вербата дека не е џабе да се протестира.

Круна на протестниот бран беа протестите што избувнаа на 5 мај, по објавувањето на прислушкуваните разговори околу убиството на Мартин Нешковски. Тогаш сите протести се обединија во еден и парцијалните барања се генерализираа во барање оставка од владата. Настана граѓанската иницијатива „Протестирам“ како обединување на сите активисти кои поминаа неброени километри на протестите сите овие години. Протестите беа секојдневни, освен кога се случи инцидентот во Куманово. Просечниот број протестанти беше околу две до три илјади, значително повеќе отколку на претходните секојдневни протести. За разлика од претходно, координациите беа само спорадични за да се избегне непотребното трошење енергија и зашто барањата беа концизни и јасни. Главниот успех на протестите беше уделот што го имаа и тие во поднесувањето оставки на Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески и Сашо Мијалков. Протестите траеја 11 дена, до митингот на опозицијата на 17 мај. Иако имаше идеи да се продолжи со протести и по 17 мај, до тоа не дојде.

protewsti

Извор: Роберт Атанасовски, фоторепортер на mkd.mk

Големото финале

Договорот од Пржино ја спласна протестната енергија. Се случуваа протести, но освен во ретки случаи, како при протестите против одлуката на Уставниот суд околу Законот за помилување, бројката на протестанти не преминуваше преку 100-200 луѓе. Генералниот впечаток беше дека протестниот бран од минатата година повеќе не може да се повтори.

И тогаш Претседателот на РМ изврши упад во правната држава, аболицирајќи политичари за кои се сомничат дека извршиле крупен криминал. Тоа предизвика огромен револт кај граѓаните, кој резултираше со убедливо најмасовните континуирани протести, најшироко-распространетите и најдолготрајните! Наспроти сите очекувања на активистите и наспроти нивните искуства од минатите години. Толку бројни и толку упорни протести Македонија нема видено. Се организираат протести и во градови во кои долги години не се знаело за протести. И најважно од сè, енергијата не спласнува, иако е несомнено заморно секојдневно да се протестира. Овојпат, очигледно, протестантите не се подготвени лесно да се откажат. Веројатно голем дел од нив сфаќаат дека ова е најголемата, но и последната шанса за враќање на демократијата. Револтот кој се таложел со години исто така дава сила да се издржи. Неброените километри поминати на протести имаат свој удел во истрајноста. Протестното искуство од минатите години ја даваат зрелоста на поактивните протестанти. Веќе видените трикови на власта за делегитимирање на протестите се истрошени и повеќе немаат ефект. Масовноста на протестите од своја страна ги охрабрува да излезат на протести и оние што претходно се плашеле тоа да го направат. А тоа, пак, ги мотивира да истрајат оние што на претходните протести гледале како, додека тие протестирале, другите само ги тапкале по рамо од страна.

Кога невозможното е можно?

Има една кинеска поговорка која вели дека оној што поместил планина, почнал со мали камења. Претходните протести, од 2009 наваму, ги дадоа предусловите за едни вакви протести како денешните да бидат можни. Да не беа тие протести, да не беа револтот, упорноста, посветеноста, но и разочарувањето од тие протести, овие протести ќе беа само бледа сенка од она што се сега. А кога сето ова ќе заврши, кога ќе се одржат регуларни избори и ќе се формира нова влада, таа ќе треба двапати, трипати, стопати да размисли дали да владее лошо, а камоли недемократски. Зашто против себе нема да има апатични, туку разбудени граѓани, граѓани кои знаат да го кренат својот глас. Кога слободата скапо ќе се заслужи, лесно не се испушта од раце.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Здравко Савески

Здравко Савески (1976) е доктор на политички науки, синдикалец и долгогодишен активист. До февруари 2016 бил секретар на Мултиетничкиот синдикат на образование, а претходно, професор на ФОН Универзитет – Скопје.