м-р Исмаил Камбери
Бројката на вратени Роми од македонските гранични премини изнесува скоро половина од вкупното ромско население во Македонија. Македонските власти мора да престанат да го ограничуваат правото на движење на секој граѓанин без разлика каква боја на кожа има или на која националност ѝ припаѓа. Досега има девет правосилни судски одлуки со кои се утврдува дека постои дискриминација, што е добра вест за сите оние кои поминале низ ваквото искуство.
Со воведување на визната либерализација во 2009 година, македонските граѓани можат да патуваат слободно во земјите на Шенген зоната и да престојуваат до 90 дена како туристи. Оваа придобивка беше одлично прифатена во јавноста бидејќи се скратија трошоците и процедурите за добивање виза, а со тоа се олесни патувањето во државите од Шенген зоната. Но, селективната примена на ова олеснување доведе до дискриминаторска практика кон ромската заедница.
Анализите покажуваат поразителни бројки
Според анализата на извештаите што ги изготвија FRONTEX, Бирото за демократија, човекови права и труд од САД, и Советот на Европа, до 2014 година вратени се околу 20.000 Роми од македонските гранични премини. Поради тенденцијата на постојан раст на оваа бројка низ годините, може да се претпостави дека до крајот на 2016 година, околу 25.000 Роми би биле вратени од македонските граници. Од приложениот графикон може да се забележи дека најголемиот бран на враќањето Роми бил во 2013 година, кога биле вратени околу 6.700 луѓе од нашите гранични премини. Со оглед на тоа што според последниот попис во Македонија живеат околу 54.000 Роми, бројката од 25.000 вратени Роми изнесува скоро половина од вкупното ромско население во Македонија.
*Според спроведената анализа на авторот на извештаите изготвени од FRONTEX, Биротото за демократија, човекови права и труд од САД и Советот на Европа
Со цел да се утврдат фактите за феноменот на враќање на Ромите од граница, Институтот за европска политика (ЕПИ) работи на истражување на овој проблем. Ова истражување опфаќа анализа на документи издадени од македонските власти и Европската Унија и исто така вклучува 60 интервјуа со Роми кои во изминатите 6 години биле неосновано вратени од македонските граници. Искуствата на овие луѓе се трогателни, со оглед на тоа што поголемиот дел се корисници на социјална помош или живеат во супстандардни услови.
Кршење на Уставот и правните норми во Република Македонија
Според член 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба. Но сепак, на Ромите во нашата земја им е ограничено правото на движење, кое претставува едно од основните човекови права. Имено, македонските власти не дозволуваат Ромите да ги напуштат граничните премини, притоа барајќи од нив да исполнат критериуми како што се поседување гарантен лист, повратен автобуски или авионски билет, поседување одредена сума пари и слично. Овие работи законски не е потребно да ги исполнуваат, а според сведоштвата на вратените Роми, на другите граѓани воопшто не им ги бараат. Оваа појава е застапена од воведувањето на безвизниот режим, кој за жал резултираше со негативен ефект врз ромската заедница во Македонија.
Навистина е жално, луѓето кои дури позајмуваат пари за да заминат во странство да посетат роднини или пријатели, да посетат болни роднини или едноставно да се прошетаат некаде, македонската полиција без правна основа да ги враќа дома. Притоа, овие луѓе не се обештетени за парите кои ги дале за автобуски билет, за превоз од граница назад до дома, а уште помалку се надоместува изгубеното време и претрпениот стрес од ваквото искуство.
Нехуман третман и нарушување на достоинството
Покрај губењето материјални средства кои за вратените Роми претставуваат поголем дел од нивните заштеди, овие луѓе се соочуваат и со омаловажување и непрофесионален однос од страна на полициските службеници. На поголем дел од интервјуираните не им било дозволено да се пожалат до некој повисок службеник, а оние кои се пожалиле, биле повторно насочувани назад кај пониските полициски службеници ослободувајќи се од одговорноста. Од направените разговори со нив, најголемиот дел раскажаа дека се чувствувале понижено бидејќи сметаат дека се вратени само поради нивната боја на кожата.
Посебно истакнуван е моментот кога само нивното семејство било симнувано од автобус, додека никој од друга националност не бил третиран така, алудирајќи дека се дискриминирани. Во поглед на објаснувањето на полициските службеници, голем дел од нив експлицитно им кажувале дека ги враќаат само затоа што се Роми или пак им барале различни документи или одредена сума пари, само за да најдат причина да ги вратат.
Тоа што е необично е и што полициските службеници ги терале Ромите да потпишуваат изјава во која ги наведуваат причините зошто ги враќаат, пракса која досега е непозната и не е пропишана никаде, токму поради незјината апсурдност.
Правни процедури
И покрај кревката доверба на Ромите во третманот на државата спрема нив, со ваквите искуства целосно се губи потребата и желбата да се бара правдата на суд. Од спроведените интервјуа, само четворица интервјуирани од шеесет, се пожалиле во соодветна институција што јасно укажува на немањето мотив за барање на правдата. Останатите причини се немањето пари за поведување постапка, незнаењето каде и како да се обратат, како и непознавањето на правата кои ги имаат.
Од спроведените интервјуа, може да се заклучи дека најголем број од Ромите се жалат до локалните ромски невладини организации кои најчесто само ги насочуваат каде да се пожалат или ги подучуваат за нивните права. Како резултат од ваквото искуство кај поголемиот број интервјуирани е присутен стравот повторно да излезат од државата за да не им се случи истото, да бидат вратени и да загубат пари и време. Секако, никој не сака да помине низ истото чувство на омаловажување.
Време е расното профилирање да престане!
Неоснованото ограничување на правото на движење во 21 век е најблаго кажано расизам и претставува директен удар врз македонскиот Устав но и кршење на Универзалната декларација за човекови права која во член 13 експлицитно пропишува дека секој има право да излезе од својата држава. Апсурд е граѓаните да бидат спречени да излезат од својата матична држава и секој кој стои зад оваа одлука мора да сноси одговорност, како политичка така и судска.
Невладините организации и сите засегнати граѓани, а особено ромските политички партии, мора да се одважат и повеќе да ја кренат свеста за овој проблем на политичко ниво и да го стават на дневен ред заради подобрување на состојбата со правата на ромската заедница. Македонските власти мора да престанат да го ограничуваат правото на движење на секој граѓанин без разлика каква боја на кожа има или на која националност ѝ припаѓа. Сите оние чии права биле ограничени, треба да соберат храброст и да ја бараат правдата на суд.
Позитивно е што досега има девет правосилни судски одлуки со кои се утврдува дека постои дискриминација, што е добра вест за сите оние кои поминале низ ваквото искуство. Во оваа насока, мора да се надгради и правната рамка за обезбедување поголема правна сигурност на граѓаните при остварување на правото за слободно движење, за што се предлага и во извештајот на Народниот правобранител од 2014, кој исто така има утврдено дека Ромите се ограничени од ова фундаментално право.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.