м-р. Џелал Незири
Дали може да се очекува во иднина да се надминат етничките прашања и да се премине на помасовно гласање за надетничките платформи и партии? Дали конкурирањето на македонските партии во албанскиот кампус ќе придонесе и за промена на стратегиите на албанските партии? Изборните резултати во Арачиново, Дебар, Студеничани и останатите општини во кои доминираат етнички Албанци отворија дополнителни предизвици за политичките партии за коалиционирање или соединување околу идеолошките концепти, оставајќи ги настрана етничките поделби.
Пред секои избори, жителите на општината Арачиново слушаа речиси исти ветувања од политичките партии на етничките Албанци во Република Македонија. Тоа е политички наратив кој се влече од осамостојувањето на земјата, а кулминираше со конфликтот во 2001 година. Арачиново стана синоним на конфликтот, село каде се одвиваа можеби најжестоките судири меѓу ОНА - герилата на етничките Албанци, и владините безбедносни сили. Таа монотона линија на оваа реторика продолжи и по 2001 година. Арачиновци, како и останатите граѓани кои припаѓаат на овој етникум, продолжија да ги слушаат истите идеолошки ветувања - целосно спроведување на Рамковниот договор, со акцент на официјализирањето на албанскиот јазик, интеграција во НАТО и ЕУ како и рамноправно распределување на буџетските средства.
Петнаесет години потоа жителите на Арачиново се соочија со слика, која укажуваше на се` понагласено осиромашување на граѓаните, од едната, и се поистакнато богатење на политичарите, од другата страна. Целиот овој процес беше замаглен токму со тој политички наратив, преполн со етнички сентименти и големи каузи, кој ги комплексираше етничките Албанци во Арачиново да бараат ново училиште за нивните деца, средување на каналот со фекалии кој поминува низ селото, асфалтирање на улиците, изградба на водовод и подобар животен стандард. Паралелно со фокусирањето на големите етнички каузи и инстантното богатење на нивните претставници во политиката, етничките Албанци, не само во Арачиново, ги броеја младите кои успеале да избегаат од својот роден крај за да најдат работа и нов живот во западните земји.
Нов момент за нов чекор во демократијата
Пред 15 години никој не помислуваше дека во Македонија е можно идеолошко, наместо етничко гласање. Најмалку во Арачиново. Партиите се натпреваруваа паралелно во два блока, без претензии или храброст некоја да конкурира на другиот политички терен.
На редовните парламентарни избори во 1998, тогашната Демократска алтернатива на Васил Тупурковски се обиде да состави надетничка политичка понуда, сочинета од мерки за подобрување на социо-економската ситуација. Оваа партија имаше полиберален пристап кон барањата и потребите на другите немнозински етникуми, за разлика од останатите кои беа повлечени во своите етнички школки. Иако нова партија, Демократска алтернатива освои 13 пратеници, со мал број гласови од изборните места со етнички чист гласачки список на Албанци.
Втор момент на надетничко гласање беа претседателските избори во 1999, кога помал број етнички Албанци гласаа за кандидатот на СДСМ Тито Петковски, додека во поголем број за оној на ВМРО-ДПМНЕ, Борис Трајковски. Од овие избори, гласовите на етничките Албанци речиси да ги одредуваа идните претседатели на државата.
Трет момент беа претседателските избори во 2009 година, кога Имер Селмани доби значителен број, условно кажано, неалбански гласови, но недоволно за да влезе во вториот круг на гласање.
Но на последните парламентарни избори одржани на 11 декември имаме нова ситуација, која не е забележена во минатите изборни циклуси. За разлика од 1998, кога симболичен број гласови отидоа на контото на ДА, на овие избори тој контингент е многу поголем и повидлив. А за разлика од претседателските избори од 1999, пак, кога Албанците гласаа помеѓу двајца кандидати етнички Македонци, на овие избори се изјаснуваа за партија во која доминираат етнички Македонци на штета на партиите на етничките Албанци.
Прв пат СДСМ извојува победа во три општини со мнозинство етнички Албанци, додека значителен број гласови има добиено во уште десет други општини. Според официјалните резултати, СДСМ извојувала победа во Арачиново со освоени 2052 гласови, додека на парламентарните избори во 2014 таму имала само 8 гласа. Оваа партија излезе победник и во Дебар со 1170 гласа, за разлика од претходните избори кога имаше само 585 гласа. Трета општина со мнозинство етнички Албанци која му даде најмногу гласови на СДСМ е Студеничани, каде оваа партија инкасираше 2515 гласови, наспроти изборите од пред две години кога имаше само 467 гласа. Разликата во освоени гласови е видлива и во останатите општини со мнозинско албанско население: во Чаир има 4327 гласа наспроти 3091, во Сарај 2973 гласа наспроти 323, во Липково 773 наспроти само 3 гласа во 2014 година, во Тетово доби 7252 гласа наспроти 3729 на последните парламентарни избори.
Ова гласање на етничките Албанци се должи на длабокото разочарување од владеењето на ДУИ, на немањето консолидирана опозиција од кадровски и програмски аспект, и на вербата дека опозицијата, како политичари растоварени од деструктивниот национализам, би можеле да ја направат Македонија подобра држава за живеење за сите.
Обелоденувањето на Емпириските теории на власта од страна на опозицијата, како и неселективниот пристап кон откривањето на монтираните случаи каде како жртви се јавуваат етнички Албанци, ја култивираше довербата кај обичниот гласач од овој етникум дека една до вчера „туѓа“ партија, би можела да ги артикулира неговите граѓански, но и етничките барања и потреби. Проектите промовирани од СДСМ и на албански јазик, како за минималната плата или за новите работни места, не зафаќаа место во предизборниот дискурс на албанските партии. Фокусирајќи се најмногу на етничките прашања, како и на црната кампања за политичките противници, партиите на етничките Албанци не успеаја да ја испратат потребната порака до гласачите дека нивната победа може да донесе промени на реалноста, која беше отсликувана во објавените прислушкувани материјали.
Целата кампања на овие партии изгледаше како обид, уште еднаш, како приоритетни да се наметнат големите каузи, додека практичните потреби се сметаат за небитни и лесно решливи. Тоа што на овие избори се случи е и неуспехот на партиите на етничките Албанци да конфигурираат јавна агенда со етничките приоритети, каде и беа фокусирани нивните платформи. Изгледаше дека овие партии упорно се обидуваа да го убедат гласачот Албанец дека тој има потреба за нови универзитети на мајчин јазик, но не и за квалитетно образование внатре во тие високо-образовни установи; има потреба за добивање државни позиции кои досега ги немал, а не за оптимални услови во руинираните училишта, за нови градинки, патишта, болници и секако за работни места; има потреба за правична застапеност во администрацијата, а не за нејзино департизирање и професионално функционирање.
„Етничкото наддавање“ произведува нестабилни институции
Овој недостиг од понуда за решавање практични проблеми е присутен од 2006 година, кога излезноста на гласање беше најмала во изборните единици каде етничките Албанци се мнозинство или во значителен број. Ако се земе предвид изборната единица 6, каде мнозинство се гласачите Албанци, на изборите во 2002 година гласале 65 проценти од нив, додека во 2006 околу 48 проценти. Под 50 отсто излезност во оваа изборна единица имаше и на изборите во 2008, 2011 и 2014 година. На последните избори излезноста првпат по 2002 година е над 50 отсто, иако процентот останува најнизок во споредба со останатите изборни единици.
Дали може да се очекува во иднина да се надминат етничките прашања и да се премине на помасовно гласање за надетничките платформи и партии? Дали етникумот ќе продолжи да биде главниот критериум што една партија ќе треба да го исполни за да добие поголем број гласови? Дали етничкиот предзнак на партиите ќе остане главниот фактор за гласачот во Македонија при неговиот избор кого да му го даде гласот? Дали конкурирањето на македонските партии во албанскиот кампус ќе придонесе и за промена на стратегиите на албанските партии? Дали е можна фузија на етничките партии по идеолошка основа? Резултатите во Арачиново, Дебар, Студеничани и останатите општини отворија многу прашања и дополнителни предизвици за политичките партии во Македонија.
Емпириските теории за демократијата и здравиот разум во разбирањето на политиката велат дека етничките поделби претставуваат закана за демократските институции. Оваа теза е заснована врз таканаречениот ефект на „етничко наддавање“, кој ја поврзува политизацијата на етничките поделби со дестабилизација на демократијата. Според ова, политизацијата на етничките поделби неизбежно доведува до појава на етнички партии, кои потоа со екстремни понуди конкурираат во институциите, со што можат да го уништат политичкиот систем.
Потребна е храброст за поголем чекор
Практиката од другите мултиетнички земји покажува дека либералните политички опции се инклузивни во однос на различните припадности, додека конзерватините се ексклузивни – т.е. ги исклучуваат различностите. Според анализата на гласањето во 2010 година во Велика Британија, 68 отсто од гласачите на помалите етнички заедници гласале за лабуристите додека само 16 проценти за конзервативците.
Во Македонија се уште постои недоверба во коалиционирање или соединување на политичките партии околу идеолошките концепти, оставајќи ги настрана етничките поделби. Целосното имплементирање на Рамковниот договор и почитувањето на неговиот дух, кои подразбираат речиси еднакви права и обврски на сите граѓани и меѓуетнички консензус при донесување на клучните одлуки, ќе ги сведе на минимум аргументите за постоење на етнички партии и политизирање на етничките поделби.
Секоја политика која се води од етноцентрични потреби, или етничко наметнување решенија на проблемите, претставува пречка за постигнување на таа свест кај граѓаните, која налага гласање по идеолошка, а не по етничка основа.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.