fbpx

Популизам: за народот или за политички поени?

Соња Стојадиновиќ

Јавен интерес

22.02.17

Прегледи

м-р Соња Стојадиновиќ

Sonja Stojadinovic 200x250Последните 11 години Македонија е окована во аграрен, ксенофобичен и социо-економски популизам, кој не се однесува на интересите и потребите на граѓаните, туку на оние кои се повинуваат на волјата на елитата.

Македонската политика (анг. Policy) и политичка сцена изобилуваат со мерки и изјави насочени кон јавноста на кои се` повеќе се гледа како на популистички потези. Често можат да се слушнат реакции, коментари и лесно залепени етикети за преземена мерка или почеток на реализација на проект од власта дека е популистички потег. Пречесто се употребува зборот популизам со намера исто така да се оцрни нечија изјава, предлог решение, став. Овој политички концепт се користи од сите политички страни, леви, десни, централни, но генерално неговото потекло се поврзува со центристичката идеологија. Затоа и многу лесно се користи од сите страни од идеолошкиот центар.

Социо-економскиот и ксенофобичниот популизам се присутни и денес

Во првиот бран на појавување, при крајот на 19 век, популизмот се концентрирал најмногу на аграрот, но со индустријализацијата тој облик го снемува. Останатите два вида во кои тој еволуира се социо-економскиот и ксенофобичниот популизам, кои се присутни и денес.

Социо-економскиот популизам се развива во Латинска Америка, а класични примери се режимот на Перон во Аргентина, на Варгас во Бразил, кои ги предизвика големата економска депресија во 1930-тите. Промените кои ги имплементирал Перон во поглед на социјалната грижа и подобрување на ситуацијата на жените (право на глас) заедно со процесот на национализација во економијата го означиле системот наречен Перонизам кој Рудигер Дорнбух и Себастиан Едвардс го сметаат за неодговорен модел поради идеолошките фактори кои влијаеле врз регулативите и фискалната неодговорност. Од друга страна, подоцна, во деведесетите години на минататиот век, се појавуваат Фердинанд де Мело во Бразил и Алберто Фуџимори во Перу кои воведуваат популизам со неолиберални примеси, форсирајќи ги интересите на слободниот пазар пред потребите на народот. Но, ниту левичарите не останале покусо, па на сцена ги имавме и Ево Моралес во Боливија и Хуго Чавез во Венецуела кои го имплементираат системот на поголема интервенција на државата во економијата и пазарот.

Корените на ксенофобичниот популизам датираат од почетокот на 70-тите години од минатиот век кога во западна Европа се создава францускиот Национален фронт, сега популарно наречен Лепенова партија, а продолжува со Белгиско-фламанскиот блок и Северната лига во Италија. Генералниот став и однесување на овој вид популизам заедно со заедничката реторика на овие партии и нивните браќа по идеологија се флоскулите „дека тие се гласот на народот“, „муслиманите се опасност за нацијата“, и „тие се бранители на либералното општество и ЕУ“. Најгласните заговорници на ксенофобичниот популизам се партиите кои се десно од центарот, не само радикално десничарските туку и десноцентристичките.

Концептот на популизмот

Суштинскиот концепт на популизмот се дели на три групи: луѓето, елитата и генералната волја.

Првата група е тесно поврзан со американската и француската револуција кадешто народот е поставен на прво место. Од него доаѓа државата, таа функционира за него и ако него го нема, ќе ја нема и нејзе. Во периодот на своето владеење Перон ги глорификувал маргинализираните групи таканаречените descamisados (оние без кошула) со цел да ги привлече кон себе откако неговите популистички мерки веќе ги имплементирал кај мнозинството.

Следна е елитата. Во овој случај не зборуваме селективно само за културната елита или за некој друг вид на елита, туку за онаа која се базира исклучиво на моќта. Иако десничарските партии имаат пракса да ја напаѓаат елитата која е позиционирана да ја води државата, од друга страна се и дел од неа. Левичарите како Хуго Чавез, пак, наспроти ова, тврдат дека вистинската моќ лежи кај елитите и силите во сенка - оние за кои секојдневно се вели дека „ги влечат конците од позадина“ и кои не му дозволуваат на народот да ја изрази својата волја преку легитимните избраници.

Последниот дел од концептот го обележува генералната волја или волјата која ја искажува мнозинството. Оваа категорија во историјата е многу користена како изговор за спроведување на разни идеологии и политики на власта под образложение дека само ја почитува волјата на мнозинството. Како што погоре ги имавме заштитените маргинализирани групи од страна на Перон, овде ја имаме тиранијата на мнозинството под која страдаат маргинализираните групи кои не се вклопуваат во матрицата.

Популизмот како алатка за спроведување на политиките и идеологиите на моменталните властодршци не може да се нарече идеологија per se. Тој е политички вид на акција чија имплементација и облик зависи од идеологијата која го користи. Иако скоро секогаш кога е употребен главна цел му се елитите, неговите корисници се наоѓаат од двете страни на барикадите: и на власт и на улица.

slika blog

Популизмот во Македонија

Што има Македонија како земја која е окована во популизам последниве 11 години? Каков облик, концепт или практика произведоа македонските елити?

Добивме аграрен популизам во ситна форма преку кампањите да се вратиме на село, а од друга страна тешко злоупотребувајќи ја политиката на земјоделски субвенции.

Затоа, пак, социо-економскиот и ксенофобичниот популизам го достигнаа врвот. Популистичките методи за подигање на наталитетот со кампањата и финансиската помош за трето дете резултираа со повеќе од 20 илјади новородени граѓани кои не знаат дали во иднина ќе имаат шанса да заработат или ќе бидат којзнае која по ред генерација на македонски печалбари.

Компјутерски образованите граѓани едуцирани според Кембриџ и Болоња системи се` уште учат во распаднати училишта без греење и факултети на кои им прокиснува кровот после секој посилен дожд. Бесплатните учебници шират незнаење, небулози и дискриминација кои подоцна тешко ќе се искоренат затоа што се оди по принципот: така ни кажа учителката или така пишуваше во учебникот.

Македонија е прва држава во Централна Европа по развиена економија и странски инвестиции на која здравството ѝ се распаѓа, а во која за два месеца има 600 смртни случаи само во главниот град и Фондот за пензиско осигурување нема пари за исплата на погребни трошоци. Во меѓувреме, власта ги носи пензионерите на бесплатни бањи, за подоцна да им ги скрати оние 30 илјади денари кои им следуваат за погреб.

Популизмот во Македонија е токсична комбинација од аграрен, ксенофобичен и социо-економски популизам кој оди според концептот на волјата на народот секогаш употребена за тесно партиски интереси. Тој не ги гледа интересите и потребите на сите граѓани, туку само на оние кои се повинуваат на волјата на елитата, која, од друга страна, кога не е во позиција да ја користи својата моќ која ѝ следува, максимално се труди да ја саботира актуелната елита само со цел да го заземе нејзиното место. Во Македонија не постои елита во суштина, нешто што со децении, па дури и векови е позиционирано високо во општеството, туку имаме примитивен провинцијализам, зачинет со агресивност и ароганција за да се скрие неспособноста на сите полиња. Пикот е достигнат со отворените ксенофобични изјави кон одредени етникуми, за потоа причинителот за таквото лудило да се бара во некој измислен надворешен фактор. Нашите таканаречени политички елити воспоставија нов вид на популизам, „аграрно примитивистички“ со примеси на шизофрена параноја.

Ниту една популистичка реторика или мерка не смее да се зема здраво за готово и лесно да се проголтува. Изразениот критички став на јавноста и контрола на степенот на преземените мерки од власта придонесува до превенција и намалување на влијанието на популизмот. Тој не може да се искорени поради неговата лесна прилагодливост, но сепак може да се превенира и намали неговата појава.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Соња Стојадиновиќ

Соња Стојадиновиќ е родена во 1979 година во Велес. Таа е дипломиран политиколог на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, кадешто магистрирала на отсекот Меѓународна политика на тема „Ненасилната борба во политиката: фактори за успех и неуспех“. Работи како фриленс автор за хрватските регионални портали Lupiga и Bilten и е активист на левичарското движење Солидарност.