fbpx

Јавен интерес

19.05.17

Прегледи

Милорад Стојмановски

Milorad Stojmanovki 200x250Спортските објекти што се изградени со буџетски пари не смеат да бидат извор за заработувачка што ќе заврши во приватни џебови, ниту пак инструмент за манипулација на граѓаните и ширење на клиентелизмот

Македонија во континуитет води погрешни политики кога станува збор за спортските објекти. Во поновото спортско битисување не беше пронајден модел како тие да опстојат самостојно на пазарот, зашто нивното субвенционирање секогаш било од краток здив кога на дневен ред доаѓале задолжителните штедења на владите или општините, а концесионерите, секогаш водени од профитот, ја занемаруваа спортската функција на отстапениот објект.

Речиси и да нема спортска инфраструктура што била или сѐ уште е под јурисдикција на државата, а која не прикажала загуба, дури и да е финансиски потпомогната од буџетот. Последица на тоа, кажано со административен речник, биле губење на функционалноста и опременоста на спортските објекти, напуштање на техничките и безбедносни стандарди, како и непочитување на прописите. Кажано, пак, со речникот на посетителите: загрозена безбедност, незагреани простории, тоалети со хигиена опасна по здравјето, покрив што прокиснува...

Зошто е така ако се знае дека последнава деценија се потрошени повеќе од 100 милиони евра за изградбата на Националната арена „Филип Втори“ и на нови храмови на спортот? Зошто се запоставени постарите спортски терени кои се „нагризени“ од забот на времето? Се извлекоа ли поуки од претходните погрешни потези? Беше ли направена анализа за тоа кој би бил оптималниот број на спортски објекти според човечкиот, економскиот и спортскиот потенцијал на земјата, со осмислено системско решение за нивна самоодржливост, како и заштита од злоупотреби?

Ако се суди според извештаите на државните ревизори, одговорот е – не!

Дубиоза колектив

„Спортскиот центар Борис Трајковски“ во Скопје за само три години, од 2012 до 2015 година, прикажал загуба од четири милиони евра, објави во својот извештај Државниот завод за ревизија (ДЗР). Притоа, не се констатирани само слабости од финансиска природа, туку и непочитување на законската регулатива.

Да споменеме само дел од забелешките на ДЗР: игралиштето за хокеј нема имотен лист, но тоа што е дивоградба не му пречи да остварува приход. Владата издала документ само за „користење земјиште“, а Општината Карпош не одобрила изградба. Аквапаркот, кој е во рамките на спортскиот центар, проработил без дозвола од фирмата што го градела. Придружните објекти, како на овој објект, така и на тениските игралишта (проект на Владата), се без платени комуналии кон Карпош и Градот Скопје. И придружните простории покрај тениските терени се предадени во употреба без соодветна документација, а сепак им е издаден имотен лист. Владата без надомест изнајмува и дел од паркингот пред салата за возење картинг, а тој терен се води во Катастарот како „неизградено градежно земјиште“.

Од одговорност не може да се изземе ниту Град Скопје, чии органи издале дозвола за хокеј-теренот под графата „користење урбана опрема“, иако објектот остварува приходи од 45 илјади евра на годишно ниво. Сите овие забелешки се во извештајот на ДЗР.

Долгот на СЦ „Борис Трајковски“ достигна четвртина од вредноста на објектот

Неспособните партиски апаратчици кои на секои две-три години се менуваат во фотелјата како менаџери на овој спортски центар не можеа да ѝ се спротивстават на партијата на власт кога им беа наметнувани готови решенија. Бидејќи партиската послушност беше поефективна од аспект на нивниот кариеризам, без поговор беше прифатено базенот „Младост“, кој како објект е многу постар од спортската сала, да влезе под капата на фирмата СЦ „Борис Трајковски“. Покриениот базен во Карпош речиси никогаш не работел рентабилно, а водата најчесто била недоволно загреана (стандард на Меѓународната пливачка федерација е меѓу 25 и 27 степени целзиусови). Само греењето на водата во зима е прескапа ставка во одржување ако се има на ум степенот на искористеност на базенот и цената што можат да ја платат рекреативците и клубовите што го користат.

Изградбата на „Борис Трајковски“ чинеше околу 15,5 милиони евра, што значи дека за три години се натрупани загуби од повеќе од една четвртина од вредноста, притоа не сметајќи ги дополнителните обврски што ќе пристигнат за комунални давачки. За жал, преземањето на базенот не е единственото наметнато решение од Владата до раководствата на салата, туку и изградбата на сите споменати придружни содржини (хокејско и тениски игралишта, Аквапарк, картинг). Допрва треба да се градат катна гаража, базен, тениска и гимнастичка сала. Поради сево ова, практично остана мал дел од првично предвидениот паркинг-простор, кој сега е зафатен и со комерцијални објекти додека автомобилите ги газат тревниците во соседството и им пречат на граѓаните во блиската населба.

Пред повеќе од една година, СЦ „Борис Трајковски“ го продаде името на најголемата сала во спортскиот центар и му ги даде ексклузивните права за рекламирање на партнерот Оне.Вип. Нешто слично се случи и со Националната арена „Филип Втори“, која делумно се ребрендираше во „Телеком арена“. Заднината на двата договора беа финансиските проблеми на двете претпријатија кои стопанисуваат со овие капитални објекти што се сопственост на државата. Деталите од овие договори останаа скриени од јавноста.

arena boris trajkovskiИзвор: http://salaboristrajkovski.gov.mk/ 

Не се знае кој игра, а кој плаќа

И пред една година ДЗР констатираше низа неправилности во работењето на новоизградените спортски објекти низ целата земја (од 2006 до 2015 година). Државниот завод утврди дека се потрошени речиси 30 милиони евра народни пари за градби во служба на спортот, а не се знае чии се, колку се искористени, кој може, како и по која цена да ги користи и каков е ефектот врз спортот и рекреацијата од нивната изградба досега. До денот на ревизијата, само 48,5 отсто од ветените објекти биле изградени, а на општините се примопредадени без донесен акт со кој ќе се утврди нивната функционалност, опременост и безбедност, предвидени со членот 62 од Законот за спорт.

Според ДЗР, годишната програма на Агенцијата за млади и спорт (АМС) не предвидува средства од буџетот за одржување на инфраструктурата. Инспекторот за спорт при АМС од 2012 до 2015 година не извршил надзор на спортските објекти, а во 20 општини голем дел од изградените игралишта се запуштени и не се одржуваат соодветно. Законот за спорт не ја дефинира сопственоста, ниту пак има подзаконски акти за начинот на нивно користење и за висината на надоместоците за користење. Не е пропишано кој располага со приходот од користењето, како и намената на тие приходи. Граѓаните не се информирани кога и како можат рекреативно да ги користат игралиштата. Дел од општините бесплатно отстапуваат термини на различни категории корисници, а во најголем број случаи отстапувањето се врши без одлука на општината и утврдени критериуми на кого, под кои услови и во колкав обем ќе се врши отстапувањето.

Државата и во изминатиот век беше лош стопан

На почетокот на 80-тите години од минатиот век, сите вработени скопјани одделуваа мал процент од платите за да се основа фонд за изградба на спортски објекти во градот. Беа изградени базенот во Карпош, салата на МЗТ Скопје, езерото Сарај, салата „Расадник“ и други. „Фантомскиот“ базен во Скопје Север никогаш не профункционира и стана магацин поради економската криза.

Во обидот да се најде решение за проблемот на одржувањето, по осамостојувањето, паралелно со процесот на трансформација на општествениот капитал, течеше и распределбата на стадионите, салите и игралиштата. Освен капиталните објекти кои останаа во сопственост на државните претпријатија, помалите сали им припаднаа на општините или за одреден надомест беа оттуѓени или отстапени со концесија на приватни корисници. Концесионерите имаа обврска да ја задржат спортската функција на објектот, покрај користењето на деловниот простор.

„Фабрики“ за партиски вработувања

Но, како изгледаше тоа на терен покажуваат следниве примери: „Забрането туширање за спортисти до младинска категорија,“ е соопштението што беше закачено пред извесно време во салата на ДТВ „Партизан“ во Струмица, отстапена на приватен концесионер. Или „...спортската сала во медицинското училиште е единствениот спортски објект кој ги исполнува сите услови за одржување на натпревари, но истата нема под од паркет...“ ја извести Федерацијата кошаркарскиот клуб Т-баскет од Тетово, кога бараше дозвола да настапува во Првата лига.

Ваквите состојби се последица на напластените проблеми, кои беа уште повеќе потенцирани со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт во 2006 година. Тогаш јасно беше изразена намерата оваа алатка за контрола на парите и на партиското членство да не се испушти од раце. Капиталните градби (Националната арена, СЦ „Борис Трајковски“) ги преземаа акционерските друштва во државна сопственост како фирми-наследнички на јавните претпријатија, а салите што им припаднаа на општините беа потпомогани од централната власт во зависност од тоа дали градоначалникот на таа општина е близок до владејачката коалиција. Дури и при изборот на концесионерите на објектите еден од латентните критериуми беше партиската припадност.

Покрај основната функција што треба да ја исполнуваат - да му служат пред сѐ на спортот – спортските објекти продолжуваат да исполнуваат и партиски цели, односно да бидат полигон за вежбање менаџмент на неспособни партиски кадри и фабрика за партиски вработувања, чиј број најчесто не соодветствува на оптималниот број вработени, неопходен за нормално функционирање.

Загубари што полнат приватни џебови

Бројот на спортските објекти треба да е сразмерен на големината на земјата, на нејзината економска моќ, на бројот на населението. Спортска инфраструктура е неопходно да се гради, но секоја земја си ги испружува нозете колку што ѝ е долга чергата. Објектите што се општествено богатство (изградени со буџетски пари) не смеат да бидат извор за добра заработувачка што ќе заврши во приватни џебови, ниту пак инструмент за манипулација на граѓаните и ширење на клиентелизмот.

Во таков општествен амбиент, нашите „ранети арени“ не се ослободија од статусот што го имаа и во претходниот систем - загубари. Огромните штети што се направени и што допрва ќе бидат направени не се само последица на лошото менаџирање со храмовите на спортот, туку и на преамбициозната изградба на спортска инфраструктура, без претходна проценка на реалните, приоритетни потреби за создавање простор за спортување и рекреација според финансиските можности, како и план и програма како тие објекти да бидат самоодржливи.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Милорад Стојмановски

Милорад Стојмановски е новинар со тридецениско искуство, главно во печатените медиуми. Почнал како хонорарен соработник во Македонската телевизија, а првото вработување му е како спортски новинар во Вечер. По неколкугодишното искуство како уредник во магазинот „Скок“, заедно со колегите е еден од основачите на „Дневник“, во кој ги минува сите позиции, заклучно со позицијата заменик главен уредник. Има кусо работно искуство и со порталот „Спортмедиа“, а моментно работи во весникот „Слободен печат“. Долгогодишен дописник на странски спортски магазини, агенции и портали, како и член на Собранието на Македонскиот олимписки комитет. Известувал од повеќе значајни спортски настани, како Олимписките игри во Атина и светски и европски првенства во фудбал и кошарка.