fbpx

Зошто се во право реформаторите на партиите?

Ѓорѓи Спасов

Јавен интерес

14.07.17

Прегледи

проф. д-р Ѓорѓи Спасов

Gjorgji Spasov 200x250Менувањето на сликата за партијата не се постигнува со шминкање или со „гола пропаганда“, туку со промена на нејзиното дејствување, нејзините клучни политики и на носителите на тие политики. Враќајќи го СДСМ на неговиот граѓански концепт и отфрлајќи го кокетирањето со финансиската олигархија, Заев и новото политичко раководство ја ребрендираа партијата. И иницијаторите за реформи во ВМРО-ДПМНЕ се на добар пат со барањата за внатрешно демократизирање на партијата.

Во Македонија, за секоја од големите политички партии, клучни јавности за нејзиниот успех се: прво, избирачите на кои таа им се обраќа како свое гласачко тело, второ, лидерите на партиите и припадниците на другите етнички заедници од чија волја зависи дали партијата ќе биде способна да состави влада и трето, претставниците на меѓународната заедница, од чија поддршка, исто така зависи успехот на партијата во остварувањето на клучните стратешки определби на Македонија.

Менувањето на сликата за партијата кај овие три клучни јавности,  (кога сте „оцрнети“ кај нив) не се постигнува со шминкање или со „гола пропаганда“, туку, пред се`, со промената на дејствувањето на партијата, со менување на нејзините клучни политики, на носителите на тие политики и активности во согласност со очекувањата и потребите на клучните јавности.

Како ВМРО-ДПМНЕ излезе од кризата во 2002 година?

По етничкиот конфликт во 2001 година, партијата на Љубчо Георгиевски влезе во политичка криза. Ја изгуби поддршката кај избирачите со идеите за поделба на Македонија по етничките линии преку размена на територии, Албанците ги квалификуваше само како терористи чија цел е создавање на Голема Албанија, а НАТО и ЕУ за таа партија беа  само „надворешен непријател на Македонија“ кој им овозможил на Албанците да го започнат воениот судир во 2001 со цел да дојде до промена на власта и да биде поделена и уништена Македонија.

За среќа, лидерот на партијата Георгиевски, по поразот на изборите во 2002 година, сфати дека не е можен излезот од кризата без негова оставка на лидерската функција и му го отстапи местото на младиот Груевски кој важеше за способен министер за финанси и, пред се`, за технократ.

Првото што го направи Груевски по доаѓањето на чело на партијата беше да формира свој тим од млади соработници, претежно од неговото министерство за финансии, но и со носење млади експерти од македонската дијаспора. Потоа објави програма од три точки. Прво, најави дека ако победи на следните избори, ќе го почитува и имплементира потпишаниот Охридски рамковен договор за поголеми права на Албанците. Второ, дека ќе има решенија за економските проблеми на земјата, за смалување на невработеноста и за подигање на животниот стандард. И трето, дека ќе се справи со криминалот во земјата и ќе ја внесе Македонија во НАТО и во ЕУ.

Сето тоа му овозможи на предвремените парламентарни избори во 2006 година, и покраj тоа што неговата партија освои само 300 илјади гласови и 45 пратенички места, да го добие мандатот од Црвенковски за состав на нова влада и можност, преку коалицирање со партијата на Тито Петковски, на Стојан Андов и на Мендух Тачи, да стане премиер прифатлив за меѓународните партнери на Македонија.

Враќање на почетокот

Но, по цели 11 години на власт, денес партијата на Груевски се најде на истото место како во 2002 година и се соочува со слична, па и подлабока криза во партијата. Последните избори покажаа дека партијата израснала во една коруптивна политичка структура со клиентелистичко членство за поддршка, кое на долг рок е тешко одржливо. Партијата се претворила во субјект кој не е прифатлив партнер за коалицирање во влада за ниту една од етничките партии на Албанците. И конечно, Груевски ја претворил партијата во субјект со чија политика кон соседите, но и со реториката кон Северноатлантската алијанса и Европската Унија реално ја оддалечи Македонија од можноста за нејзино членство во НАТО и во ЕУ. И она што е најважно, тој не само што не ја демократизираше партијата, туку ја претвори  во „авторитарен монструм“ кој почна авторитарно и султанистички да владее со државата, претварајќи ја државата во мајка за приврзаниците на сопствената партија, а во маќеа за сите останати граѓани.

Но, низ таков процес на инаетење и отпори кон ребрендирањето всушност помина и СДСМ во изминатите 11 години.

Отпорите за ребрендирање на СДСМ

По поразот на СДСМ во 2006 година, во партијата опстојуваше илузијата дека нејзиниот спас ќе дојде само по враќањето на Бранко Црвенковски на чело на партијата, кој во тоа време веќе беше претседател на државата. По поразот на партијата во 2008 година, тој не дозволи ниту да се избира нов претседател на партијата, туку беше назначен само вршител на должноста до завршувањето на неговиот државнички мандат. Неговото триумфално враќање на лидерската позиција во 2009 година, на чие чело беше од 1991, не ветуваше можност за ребрендирање на СДСМ, туку пред се „враќање на старата слава“ со  формирање ново верно раководство и верувањето дека е можно да се направи „нов лик на партијата со стар лидер“ преку менување на „вториот и третиот ешалон“, како што сега сака Груевски.

За среќа, дури по поразот на СДСМ на локалните избори во 2013 година, Црвенковски  реши да се повлече од лидерската функција и со тоа беше отворен патот за ребрендирање на СДСМ.

rebrendiranje sdsmИзвор: СакамДаКажам.мк

Нов лидер за нов СДСМ

Новиот лидер на СДСМ Зоран Заев покажа невидена храброст во справувањето со сопките кои доаѓаа од внатре во партијата, но и во борбата која тој ја нарече „рушење на режим со молив“. Заев ја повлече партијата од позицијата на „декор во Собранието“, ги формира комисиите на партијата на ниво на министрества и на нивно чело постави мноштво млади и образовани луѓе од генерацијата родени меѓу 1972 и 1975 година кои никој не можеше да ги обвинува за погрешни политики во претходните влади на СДСМ.

И кога многумина очекуваа дека „ќе биде згазен од режимот“, тој со проектот „Вистината за Македонија“ почна да покажува „налудничава храброст“ која му донесе многу нови приврзаници и поддржувачи. Првите мерења на лидерските квалитети на Груевски и на Заев покажаа дека Заев на граѓаните им е симпатичен, го сметаат за почесен од Груевски, за храбар и решителен, за способен менџер и особено мошне прифатлив од руралното население и гласачите во внатрешноста на Македонија, кои се сметаа за традиционална база на ВМРО ДПМНЕ.

Кадровски и програмски дисконтинуитет

Враќајќи ја партијата на нејзиниот граѓански концепт, Заев и новото политичко раководство го отфрлааат дотогашното кокетирање со македонскиот национализам и почнуваат со промовирање на граѓанскиот концепт за Македонија. Во раководството на СДСМ влегуваат интелектуалци од албанската националност, пред изборите на 11 декември 2016 година СДСМ веќе има 13 илјади членови од албанска националност и веќе е прва партија која слободно може да се нарече мултиетничка. Испитувањата на јавното мислење покажуваат дека 80 отсо од Албанците имаа целосна доверба во Заев, а 20 проценти ќе гласаат за СДСМ на изборите. Тоа му донесува на Заев, но и на СДСМ, углед во меѓународната заедница и поддршка за неговата политика од клучните функционери во САД, НАТО и во ЕУ.

Истовремено со ова, новиот СДСМ го отфрла и кокетирањето со финансиската олигархија и со приватизационите магнати и почнува да го враќа СДСМ на изворните принципи на социјалдемократијата за политичка, но и социјална еднаквост и рамноправност, за враќање на средната класа, за правда на обесправените, за повисоки плати и за пристоен  живот во Македонија. Говори и за прогресивен данок, за смалување на социјалните разлики и за спречување на корупцијата, која ја одвлекува Македонија од патот кон НАТО и кон ЕУ. Говори за живот во Македонија.

Таквата политика му овозможи на Заев да добие огромен кадровски ресурс и да покаже дека јавниот и професионален ангажман на секој поединец, а не само партиската лојалност ќе се вреднува во политиката. Тоа тој го демонстрира и при составувањето на листите за пратеници на кои високо место добија активисти од протестните движења, но и при составувањето на владата во која клучни места добија луѓе од други партии, луѓе од бизнис секторот, луѓе кои не се членови на СДСМ и првпат СДСМ именува министри од редот на етничките Албанци.

И тоа е дефинитивно еден нов и ребрендиран СДСМ.

Тоа секако не е гаранција за зачувување на власта на долг рок, но е доказ дека промената на долгогодишните лидери во авторитарни партии може да биде од огромно значење за суштинска реформа на партијата, но и за напредок на општеството во целина. Во оваа смисла, иницијаторите за реформи во ВМРО-ДПМНЕ се на добар пат, бидејќи само со внатрешно демократизирање на партиите и отфлање на реториката за „внатрешните и надворешните напријатели“ Македонија може да влезе во помирна фаза од својот развој.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите в оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Ѓорѓи Спасов

Д-р Ѓорѓи Спасов (роден 1949) е универзитетски професор. Има објавувано трудови во областа на политичките науки, комуникациските науки и односите со јавноста. Бил генерален секретер на СДСМ, пратеник во Собранието на Република Македонија, министер за правда и амбасадор на Македонија во Бугарија и во Велика Британија. Еден е од основачите на агенцијата за јавно мислење и комуникации „Рејтинг“. Објавува колумни во дневните и неделните весници и учествува во телевизиски дебати за актуелните политички прашања. Автор е и на прирачниците „Десетте одредници на социјалдемократијата денес“ и „Развојот на социјалдемократијата“ издадени од Фондацијата Фридрих Еберт, кои се користат за обука на младите социјалдемократи во земјава.