проф. д-р Пеце Недановски
Одделни општини се` уште не можат да ги извршуваат одговорностите преземени oд централната власт заради хроничниот недостаток на локални јавни финансии, со што децентрализацијата може да биде доведена во прашање. Доделените ингеренции во доменот на локалниот економски развој (ЛЕР) се од исклучително значење за развојот на општините и оттука фокусот на нивниот интерес во непосредна иднина треба да биде ставен токму врз ЛЕР.
Врз економскиот развој во современи услови влијаат бројни спротивставени трендови и процеси. На пример, и покрај неспорното влијание на глобализацијата, тука е влијанието и на децентрализацијата. Според Џанкарло Канцанели, децентрализацијата на моќта води до адаптација кон локалните економски услови, дозволувајќи повеќе автономија на локалните актери при одлучување за развојот. Во ваква констелација, за процесот на децентрализација важна е сензитивноста на јавноста и подигнатата свест за користите и трошоците од процесот на одлучување. На овој начин, капацитетот за владеење престанува да биде едноставна игра во која користа на едната страна резултира со трошок (загуба) кај другата, односно зајакнувањето на локалната власт доведува до зајакнат капацитет и на центарот. Оттука, политиките на локално ниво и локалниот економски развој (ЛЕР) преку децентрализацијата стекнуваат дополнително ниво на релевантност.
Во Македонија, во текот на последните две декади сведоци сме на спроведување процес на децентрализација на надлежностите од централната на локалните власти (децентрализација на власта проследена со фискална децентрализација). Главна економска цел на реформата е поголем обем и квалитет на јавните услуги на локално ниво. Тоа претпоставува институционално зајакнување на локалните власти и компетентен систем за одлучување. Сепак, поради тоа што одделните општини не можат подеднакво да ги апсорбираат новите одговорности и да делуваат ефикасно и ефективно, во практика доаѓа до низа проблеми. Основна причина за тоа е хроничниот недостаток на локални јавни финансии.
Преземањето надлежности во повеќе области од страна на општините, беше овозможено со делумно зголемување на нивниот административен и фискален капацитет и зголемени можности за управување со поголем обем финансии. Имено, Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа гарантира финансиска автономија и сопствени средства од приходи во форма на удели од данок, локални даноци и наменски дотации, па дури и можност општините да се задолжуваат во висина на законски утврден лимит од вкупните приходи. На ова се надоврза фактот што во 2011 година општините, конечно добија од централната власт ингеренции врз неизграденото градежно земјиште. Тоа претставуваше нов импулс во спроведувањето на децентрализацијата.
Сепак, реализирањето на надлежностите на општините и понатаму треба да биде финансиски поткрепено за да се овозможи целосно извршување на обврските. Во спротивно, исполнувањето на целите на децентрализацијата ќе биде доведено во прашање. За среќа, единиците на локалната самоуправа, на почетокот на децентрализацијата осознаа дека доделените ингеренции во доменот на локалниот економски развој можат да бидат од исклучително значење за нивниот севкупен развој. Оттука, јасно е дека фокусот на нивниот интерес во непосредна иднина ќе биде ставен токму врз ЛЕР.
Што претставува и зошто е значаен локалниот економски развој
Локалниот економски развој (ЛЕР) претставува сложен концепт. Во основа тој се однесува на активностите и политиките што треба да ги преземе една локална власт (општина) за да го стимулира економскиот развој на својата територија. Всушност, егзистирањето на општините во современи услови не може да се замисли без спроведување локален економски развој, а успешното реализирање на концептот на ЛЕР подразбира создавање поволна клима за деловни активности и инвестирање.
Во современи услови, концептот на ЛЕР стекна голема популарност. Иако не станува збор за нов и непознат концепт, промените на глобално ниво наметнаа иновирање на неговата содржина. Имено, традициoналниот ЛЕР сe врзуваше за напoрите на лoкалната власт што имаа за цел привлeкување кoмпании на „нејзината“ лoкација со употреба на вообичаени инструменти: субвeнции, намалени данoци, итн. Како што вели Тимоти Бартик, сите пристапи ја содржат интенцијата за зголемување на капацитeтoт на лoкалната eкoнoмија за сoздавањe бoгатствo за лoкалнитe житeли. Пресврт во примената на концептот на ЛЕР се случува кон крајот на 20-тиот век, кога во фазите на неговата подготовка и примена започнува да се иницира учество на поголем број субјекти. Според Клер Патерсон, oва треба да придонесе за подобрена и унапредена пoддршка на бизнисoт и пристапитe за развoј, сo штo општината ќe стане пoгoдна за eкoнoмски развoј. Вo ваков иновиран контекст, практицирањето на концептот на ЛЕР според Блејкли и Ли, претставува прoцeс сo кoј лoкалнитe власти управуваат сo расположивите рeсурси и сoздаваат дoгoвoри за партнeрствo сo приватниoт сeктoр за да сe отворат нoви рабoтни мeста и да сe стимулира eкoнoмската активнoст.
Имајќи ги предвид ваквите ставови, концептот на ЛЕР може да се претстави како прoцeс вo кoј партнeритe oд јавниoт сектор (локалната власт), бизнисот и нeвладиниoт сeктoр, рабoтат заeднo на сoздавање пoдoбри услoви за eкoнoмски раст и креирање нови рабoтни мeста. Притоа како основни вредности на успешниот ЛЕР се издвојуваат: партиципативноста и вклученоста на повеќе партнери, територијалниот пристап, користење на расположивите локални ресурси, отворањето нови работни места, и зголемување на капацитетот на локалната економија за пораст на благосостојбата на жителите во таа област.
Предуслови за успешен локален економски развој
Основните економски цели на идните локални власти во Македонија, без оглед на нивните можности, веројатно ќе бидат насочени кон обезбедување стабилни услови за економска активност, поддршка на локалниот бизнис сектор и привлекување нови инвестиции. Сето ова треба да обезбеди креирање нови работни места и подигање на нивото на животен стандард на населението во општината. Постигнувањето на ваквите цели подразбира доследна имплементација на концептот на ЛЕР. Во оваа смисла од корист можат да бидат искуствата на повеќе општини од Југоисточна Европа (вклучително Град Скопје и неколку општини од Македонија, на пример, Струмица, Штип, Велес, Гази Баба и Богданци), кои се сертифицирани во рамки на Програмата за општини и градови со поволно деловно окружување, што се спроведува од 2012 година.
Успешниот економски развој во една општина, подразбира дека таа (локалната самоуправа) треба да обрне внимание на неколку важни аспекти: формирање релевантни органи (институции) во состав на локалната власт, изработка на развојни документи, водење компетентни локални политики и обезбедување услуги што ќе им бидат достапни на фирмите и населението на нејзината територија.
Во структурата на локалната власт треба да се издвојат неколку органи кои можат да имаат значајни ингеренции во доменот на ЛЕР. Покрај неспорната улога на Градоначалникот и Советот, многу значајна е улогата на Одделението за ЛЕР (кај некои општини Сектор) и Постојаниот економски совет во Општината (советодавно тело за локален економски развој). Важноста на Одделението за ЛЕР произлегува од фактот што тоа треба да биде во постојана комуникација со релевантните централни институции (министерства, агенции, итн.), со менаџментот на локалните компании (освен редовните контакти, треба да спроведува анкети за откривање на ставовите на бизнисмените), како и контакти со заинтересираните домашни и странски инвеститори.
Постојаниот економски совет во општината (во кој треба да членуваат и претставници од локалната деловна заедница), треба да ја олесни комуникацијата помеѓу локалната самоуправа, Градоначалникот и локалната економија. Освен тоа, Советот треба да ги следи прашањата од интерес за локалните компании, да го следи спроведувањето на општинските развојни проекти, и др. Постоењето на ова тело дава јасна слика за атмосферата што владее во општината. Преку него може да се открие дали и колку локалната власт и Градоначалникот се посветени на овозможувањето транспарентен и коректен однос со постојните и идните бизнисмени и инвеститори.
Општината треба да изработи низа стратешки развојни документи, во прв ред Стратегија за локален развој. Преку неа се покажува во која мера локалната власт е фокусирана на согледување на интересите и проблемите на деловниот сектор и граѓаните. Стратегијата за ЛЕР треба да биде транспарентна (подложена на јавни расправи), инклузивна (вклученост на претставници на јавниот, приватниот и невладиниот сектор), и да ѝ се даде политичка поддршка од страна на Советот.
Освен Стратегијата за ЛЕР, општината треба да изработи релевантен локален еколошки акционен план (ЛЕАП), преку кој ќе испрати прецизни информации до потенцијалните инвеститори за третманот на бизнисите со негативни влијанија врз квалитетот на животната средина. Исто така, многу значаен е и Локалниот акционен план за вработување, заснован на детална база на податоци за работната сила во општината (број и структури на вработените и невработените лица во општината). Покрај останатото, од него треба да произлезат иницијативи за иновирање на наставните планови и програми во средните стручни училишта на територија на општината (предлог-промени упатени до ресорните министерства).
Политиките на локалната власт во економската сфера најчесто се фокусирани на: промоција на можностите за инвестирање, развивање на економската соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор, и транспарентна политика на локални даноци и такси. Овие политики даваат конкретен придонес во формулирањето на односите со деловната заедница.
Активностите за промоција на инвестиционите потенцијали треба да се однесуваат, пред сè, на дејностите и гранките во кои општината има компаративни предности. Развивањето на деловната соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор подразбира редовна комуникација помеѓу локалната власт и компаниите односно позитивен став на локалните власти по прашањето за партиципација на приватниот сектор во вршењето одредени комунални дејности.
Сферата на локалните јавни финансии претставува многу погодно поле за соработка на локалната власт со приватниот сектор. Имено, учеството на претставници на локалното стопанство во процесите на донесување одлуки за видот и висината на локалните такси, испраќа позитивни сигнали кон новите инвеститори. Кон ова се надоврзуваат информациите за евентуалните фискални олеснувања што ги овозможува општината: во врска со плаќањето надоместоци за уредување градежно земјиште и/или комунални такси, субвенции за земјоделците, субвенции за жени-претприемачи, итн.
Услугите што треба да ги обезбеди локалната власт за потребите на деловниот сектор и граѓаните во прв ред се поврзани со информации за постапките за добивање градежни дозволи, информации за постојната инфраструктура и соодветни комунални услуги. Релевантните и прецизни информации можат во голема мера да го олеснат работењето на компаниите во општината. На пример, и покрај тоа што системот на добивање градежни дозволи се одвива по електронски пат и е уреден на централно ниво, не значи дека општините во Македонија немаат „маневарски“ простор за покажување сопствена иницијатива за негово унапредувања. Во поглед на состојбите во постојната инфраструктура, факт е дека одделните општини располагаат со различни буџети, кои во голем број случаи не се доволни за задоволување на нивните потреби. Сепак, секоја општина треба да има среднорочни планови за инфраструктурен развој (планови за капитални инвестиции), усогласени со нејзините реални можности. На крај, секоја општина треба да овозможи транспарентен систем за жалби на незадоволните корисници на комунални услуги и да развива одредени облици на е-самоуправа (e-government) заради одржување чекор со современите трендови.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.