fbpx

Лажниот наратив на реалната политика

Ли Хауел

Јавен интерес

19.10.17

Прегледи

Ли Хауел (Lee Howell)

LeeHowell 703x422Ако лидерите на двете најмоќни земји во светот – САД и Кина имаат суштински разлики во начинот на кој тие гледаат на меѓународните односи, какви се изгледите за глобално зајакнување на соработката?

Во ерата на социјални медиуми кои создаваат поделби и партиски „лажни вести”, тврдењето дека „делата се погласни од зборовите“ веќе не е вистинито. Како што одново откриваме, зборовите се истовремено моќни и проблематични, особено во контекстот на геополитика. На неодамнешното Генерално собрание на Обединетите Нации во Њујорк беше дадено потсетување дека во дипломатијата зборовите сè уште се важни.

Многу внимание се посвети на забелешката на Претседателот на САД, Доналд Трамп дека САД „немаат друг избор, освен целосно да ја уништат Северна Кореја“ доколку Демократската Народна Република Кореја (ДНРК) им се закани на САД или на нивните сојузници. Всушност, повеќето воени експерти се согласни дека кинетска војна против Корејскиот полуостров би значела уништување за ДНРК, а сосема е можно со неа да биде уништена и Јужна Кореја.

Сепак, треба да се обрне внимание на други делови од говорот на Трамп пред Обединетите Нации, особено пасусите за националните интереси и суверенитетот. Трамп не ја крие неговата желба да „ја стави Америка на прво место“, и тој ја потврди таа заложба на говорницата на ОН. Покрај тоа, тој исто така ги охрабри другите лидери да ги стават своите држави на прво место. „За да ги надминеме опасностите на сегашноста и да ги оствариме можностите на иднината, мора да започнеме со мудроста од минатото“, рече тој. „Нашиот успех зависи од коалиција составена од силни и независни нации кои го прифаќаат сопствениот суверенитет за промовирање безбедност, просперитет и мир за нив и за светот“.

Би можело да се заклучи, а многумина веќе и заклучија, дека таквите изјави укажуваат на оживување на посветеноста на САД на реална политика (realpolitik) за светски прашања. Како што забележа историчарот Џон Бју во неговата Историја на изразот од 2016 година: „Дебатите за нашата надворешна политика се одвиваат во циклуси во кои креаторите на политики се произнесуваат или повеќе како идеалисти или повеќе како реалисти“.

Сепак, анкетата на Бју исто така нè потсетува дека заедничкиот стремеж на националните интереси – оној поглед на светот за кој се залага Трамп – воопшто не е реална политика (realpolitik) ако истиот не е пропратен со транформативна идеја или со нормативна цел. Одделувањето на моралните грижи од глобалните прашања само би ги ослабело САД и сите кои го следат нивниот пример.

Концептот на реална политика (realpolitik) се појавил од измешаните исходи од европските револуции од 1848 година, кога идното обединување на Германија имало многу можни пермутации, но поголемата политичка цел – меѓународен поредок кој е составен од силни нации-држави – во секој случај била јасна. Сепак, во овој период, кога се појави доктрината на Трамп - „Америка на прво место“, предизвикот на светот е да разјасни која е целта на политичкиот реализам.

Еден одговор на тоа беше споделен на годишната средба на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос оваа година. Таму, кинескиот претседател Кси Џинпинг понуди цврста одбрана на глобализацијата и го нагласи неговиот став дека во процесот на остварување национални агенди, државите треба да ги стават целите „во поширок контекст“ и „да се воздржат од следење на сопствените интереси на трошок на туѓите“.

Ако лидерите на двете најмоќни земји во светот имаат суштински разлики во начинот на кој тие гледаат на меѓународните односи, какви се изгледите за глобално зајакнување на соработката?

Историјата е полна со примери на конфликти кои потекнуваат од моќ која се издига и која го оспорува влијанието и интересите на моќта која била актуелна во тој даден момент. За време на Пелопонеската војна, според грчкиот историчар Тукидид, „поради издигнувањето на Атина и стравот кој бил предизвикан во Спарта од тоа издигнување, војната била неизбежна“. Како Кина и САД ја избегнуваат „Тукидидовата замка“, како што ја нарече Греам Алисон од Харвард, е прашање што е од огромен интерес за светот, бидејќи со тоа се води сметка и други геостратешки спорови да не доведат до насилство.

Како што тврди биологот од Стенфорд Роберт Саполски, бихевиористичките дихотомии кои можеби изгледаат неизбежни и клучни во еден момент, може да „исчезнат за миг“ доколку настанат соодветни околности. За Саполски, „теоријата на контакт“, која е развиена во 50-тите години од 20-тиот век од психологот Гордон Алпорт, може да негува помирување помеѓу противници и можат да помогне да се надмине јазот помеѓу „ние и тие“. „Контактот“, без оглед дали настанал помеѓу деца кои се во летен камп или помеѓу преговарачи седнати на маса, може да доведе до поголемо разбирање, доколку има подолга ангажираност и ако е на неутрална територија, ако е насочен кон резултати, неформален, личен и ако не вклучува нетрпеливост или натпреварување.

Она што ќе биде кажано за време на ваквите напори е пресудно. Како што Нобеловиот лауерат по економија Роберт Џ. Шилер забележал, приказните, без оглед дали се вистинити, се двигатели на големи одлуки, особено на економски избори. Во неговата студија за „наративна економика”, Шилер ги нагласува ефектите кои може да ги имаат „вирусните“ приказни врз глобалната економија. Тој посочува на фактот дека изборите на луѓето и оценувањата за актуелните настани делумно се засновани на приказните што луѓето ги чуле за минати настани. На пример, финансиската криза од 2007 – 2009 година се нарекува „Големата рецесија“ затоа што трауматичните приказни за Големата депресија сè уште постојат во нашата колективна меморија.

Зборовите и наративите на сличен начин имаат влијание врз меѓународните прашања. Наративите кои се појавиле како одговор на – или како резултат на – национални, регионални и глобални поделби често се структурирани на дихотомијата „ние - тие“. Но овие национални наративи, без оглед колку тие се привлечни за некои луѓе, не смеат да се помешаат со реална политика, бидејќи тие не содржат иновација, инспирација и идеализам, кои се потребни за трансформациски промени.

Приказните чија цел е да се заштитат поединечните придобивки од глобалната интеграција, и покрај тоа што ги ограничуваат заедничките обврски, може да бидат „вирусно“ раширени на домашната сцена, затоа што граѓаните копнеат за лидерство кое реагира на нивните барања и кое ги решава локалните и националните проблеми. Сепак, заедничкиот идентитет и колективната цел остануваат недостижни, и покрај тоа што живееме во времето на социјални мрежи.

Ова не ги ослободува владите од нивните регионални и глобални одговорности. Политичките, економските и социјалните фрактури кои може да се појават не смеат да негуваат нетолеранција, неодлучност или неактивност. Токму затоа, на следната годишна средба, СЕФ ќе има за цел да ја обнови посветеноста на лидерите кон развивање на заеднички наратив, наратив кој ја зајакнува соработката за оваа генерација и за секоја следна генерација.

Ли Хауел е раководно лице за Глобално програмирање на Светскиот економски форум.

Copyright: Project Syndicate, 2017.
www.project-syndicate.org

Ли Хауел

Ли Хауел е раководно лице за Глобално програмирање на Светскиот економски форум.