проф. д-р Иван Анастасовски
Саемите за спорт не само што се меѓународно етаблирани, туку во земјите во кои се реализираат претставуваат култни спортско-културно-образовни случувања.
Спортот е значајна дејност кој терминолошки значи забава, радост, дружење, игра, култура на човекот... и токму поради овие постулати треба да го поддржуваме, да се занимаваме со него, да го браниме и да го развиваме во правилна насока. При одбележувањето на Обединетите Нации на 2005 за година на спортот и физичката активност, тогашниот генерален секретар Кофи Анан изјави дека „унверзалниот јазик - спортот ги зближува луѓето и ги учи на тимска работа и толеранција“. Спортот претставува општо богатство и потреба на човештвото, тој е слика и одраз на едно општество и има улога на обновување на општеството. Оттука, достапноста и отвореноста се темелни принципи на спортот.
Постојат многу примери како државите во светот, во Европа и во опкружувањето на Македонија се гордеат и ги презентираат сопствените спортски успеси преку организирање саеми на спорт. Саемите се организирани во различни форми не само од аспект на спортски резултати, туку и за промовирање на активности за здрав живот, фитнес и рекреација, брендови за спортска опрема и производи итн. На пример, во Европа, во Германија се организира „ISPO Munich“, во Италија „SportExpo“, во Чешка саемот се вика „INCHEBA EXPO PRAHA”, а во Украина „SPORT EXPO UA“. Во нашето поблиско опкружување, во Србја се реализира „Спорт је закон“, а во Хрватска „SportFest“. Меѓу позначајните светски саеми се оној во Кина „ExpoPromotor“, во Индонезија „ISEF“ и во Канада „SCME“. Следејќи ги овие примери, време е за организирање саем на спорт и во Скопје.
Потребна е поддршка на идејата
Поради серијата успеси на македонскиот спорт, значително е зголемен и интересот за спортот во Македонија. Во последните неколку години особено колективниот спорт бележи значителни резултати, кои покрај бенефициите што му ги дадоа на македонското општество, бараат и нов квалитет во менаџирањето и во нормативниот дел, а заради унапредувањето и развојот на спортот во Република Македонија. Затоа спортот треба да се унапредува преку негување на основните спортски вредности и подигнувањето на свеста на граѓаните за значењето кое спортско-рекреативните активности го имаат за квалитетот на нивното живеење, а со што спортот ќе стане еден од основните чинители на секојдневието и своевидна филозофија на живеење.
За ова особено може да придонесе организирање саем на спорт, но за реализирање на ваква идеја првенствено Владата на РМ треба да го ангажира целиот свој капацитет. Се разбира неопходно е учество и на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, спортските федерации и асоцијации, спортските клубови, производителите и дистрибутерите на спортска опрема, медиумите и невладиниот сектор. Саемот на спорт, кој би се одржувал еднаш во годината или на две години, ќе ги промовира спортските вредности на Република Македонија, сите успеси на македонскиот спорт, но и ќе ја прикаже спортската историја на државата. Самот ќе им овозможи и на спортските клубови да ги промовираат нивните успеси и спортскиот развој и напредок. Саемот би претставувал одлична можност достигнувањата, напредокот и успесите во македонскиот спорт да бидат прикажани и достапни на целата македонска јавност на еден настан преку заедничко другарување, учење и промовирање.
Извор: www.sportfest2017.com
Што ќе се постигне со саем за спорт?
Целта на организирањето на саем на спорт ќе биде промовирање и унапредување на спортот, рекреацијата, фитнесот и менаџментот во Република Македонија. Но тој ќе придонесе и да се подигне свеста за овие области кај пошироката јавност, да се презентираат македонските спортски брендови, спортските федерации и клубови да ги претстават успесите на македонскиот спорт, а академската заедница да организира едукативни семинари за историјата на македонскиот спорт и да дебатира за потребата да се унапреди универзитетскиот спорт и волонтеризмот, но и спортските акти, документи и правилници.
Реализацијата на вакви активности се наметнуваат и со определбата и интересот на Република Македонија за промовирање на општествената вредност на спортот преку Декларацијата на Европскиот совет од 2000 година, кога во Белата книга за спортот беа наведени специфичните особини на спортот и неговата општествена функција во Европа и значајна улога во европските општества. Оттука, државните сегменти за спорт и едукација и универзитетската фела треба да им ги доближат, прикажат и интерпретираат на граѓаните на јасен и разбирлин начин постојните закони, акти, правилници и документи кои се однесуваат на спортот, особено на финансирањето на спортот и вложувањето во спортската инфраструктура. Неминовно е Владата да ги запознае своите граѓани со програмата за капитални инвестиции во спортот, со која треба да е опфатено подобрувањето на спортската инфраструктура преку изградба на спортски сали, фудбалски игралишта, повеќенаменски игралишта, тениски терени, трим патеки, реконструкција и адаптација на постојни спортски објекти, изградба на пливачки базени, итн.
Исто така, имајќи го предвид зголемувањето на бројот на високообразовните установи во Македонија во последната декада, се наметнува и потребата од вклученост на студентите во системот на натпревари во рамки на универзитетскиот спорт, кој не е доволно промовиран. Студентите, како авангарда на едно општество, имаат значајно место во општествената севкупност, а нивните ставови кон одредени општествени прашања и активности се од исклучителна важност. Меѓутоа, во спортскиот делокруг состојбата се влошува, со тенденција да дојде до ниво кога единствено благодарение на лични иницијативи и афинитет на поединци се организираат партикуларни спортски активности кои не се дел од единствен спортски систем. Креирањето на компатибилен концепт и сообразени механизми помеѓу сите чинители во сите аспекти е темелниот предуслов за унапредување на универзитетскиот спорт, каде универзитетите треба да покажат проактивна улога. Универзалната декларација за волонтеризмот од 2001 година укажува дека волонтерската работа е начин да се воспостават врски со кои ќе се намалуваат разликите помеѓу луѓето и преку заедничка работа ќе се создаваат услови за соживот.
Саем за спорт како спортски, културен и образовен настан
Саемите за спорт не само што се меѓународно етаблирани, туку во земјите во кои се реализираат претставуваат култни спортско-културно-образовни случувања. Таков настан може да помогне и во Македонија спортот да не опстојува како затворен изолиран систем, имун на останатите влијанија и чинители кои го надополнуваат. Спортот може да постои единствено низ достапност и отвореност, бидејќи на тој начин се себеверификува и со самото тоа се унапредува. Граѓаните во нивната интеракција со спортот, која се остварува низ повеќе начини на нивна вклученост, покрај задоволството кое го добиваат од спортската изведба, го градат и негуваат и сопствениот интегритет и вредности. Истовремено ги прошируваат и културните сознанија проникнувајќи во искуствата на другите култури и во нивниот пристап кон спортските вредности, и на тој начин развивајќи свесност за еден од највредните постулати на спортот - неговата моќ за поврзување на нациите и културите.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.