fbpx

Моќта на дијалогот во хаосот на денешницата

Клаус Шваб (Klaus Schwab)

Јавен интерес

16.02.18

Прегледи

Клаус Шваб (Klaus Schwab)

Klaus SchwabГрчкиот премиер Алексис Ципрас и премиерот на Поранешната Југословенска Република Македонија, Зоран Заев, одржаа премиерска средба, што е прва средба на такво ниво во последните седум години. Тие заеднички ги напреднаа преговорите, за да се стави крај на еден долготраен спор кој ја спречува ПЈРМ во нејзините аспирации за членство во Европската Унија.

За да се надминат причините за поделба во овој свет полн со фракции, потребно е многу чинители да почнат да соработуваат. Најчесто дијалогот е она што успешно ја издигнува соработката повисоко од конфликтот и напредокот од болните промени кон полошо.

Добронамерниот дијалог – поточно способноста да се види светот преку очите на други луѓе, посебно оние со кои не се согласуваме – никогаш не бил поважен од сега. Живееме во време кога интернетот и другите информатички и комуникациски технологии ги срушија традиционалните граници и со тоа нè зближија. Исто така, ова е време во која тапанот на национализмот сè повеќе нè разделува. Во ситуација во која нема мир и не се одвиваат конструктивни, иако понекогаш непријатни, разговори на тема – каква иднина сакаме да имаме, нетолеранцијата и изолацијата можат да уништат напредок кој со векови бил граден.

Да, влогот навистина е толку висок. Извештајот за глобални ризици на Светскиот економски форум за 2018 година покажува дека огромно мнозинство од експертите од целиот свет веруваат дека оваа година би можело да избие катастрофален конфликт помеѓу големи сили. Во меѓувреме, проблемите во рамките на самите земји ќе го зголемуваат сомнежот на граѓаните дека системот е скроен за да им користи само на членовите на елитата. Најголеми проблеми се нееднаквоста која расте и социјалната мобилност која опаѓа. Според Меѓународниот монетарен фонд, нееднаквоста во приходите е зголемена во 53 отсто од државите во изминативе 30 години, ова особено важи за напредните економии.

Грчкиот филозоф Епиктет, припадник на Стоичката школа, рекол „Имаме две уши, а само една уста, за да слушаме двапати повеќе од што зборуваме“. Истиот принцип важи и за дијалогот, затоа што мора да ислушаме искази од различни перспективи и секогаш да имаме отворен ум. Во 2018 година тоа значи дека треба да се ислушаат поплаките од граѓаните и да се работи заедно за да се постигнат колективни решенија. Само заедничка реакција ќе биде доволна за да се справиме со сложените проблеми со кои сме соочени.
Дијалогот помеѓу повеќе засегнати страни е незаменлив дел од глобалниот напредок, а тоа е причината што тој е поставен како темел на водечката филозофија на Форумот. Дополнително на клучната работа што ја вршат организации како што се Обединетите Нации, Форумот создаде простор на светската сцена каде што лидерите во бизнисот може да застанат рамо до рамо со активисти кои се борат за работнички права и каде светските лидери може да зборуваат, но уште поважно – да слушаат.

Во 1987 година, годишниот состанок на СЕФ во Давос одигра клучна улога во спречувањето на војна помеѓу Грција и Турција. Тургут Озал, тогашниот премиер на Турција, се сретна со тогашниот премиер на Грција, Андреас Папандреу, и тие воспоставија меѓусебен однос на доверба со што успешно се избегна воен конфликт.

Оваа година во Давос, групи на бизнис лидери од Израел и од Палестина се сретнаа за да потврдат дека се посветени на наоѓање решение за двете држави и се обврзаа да го поддржат зајакнувањето на палестинската економија.

Понатаму, грчкиот премиер Алексис Ципрас и премиерот на Поранешната Југословенска Република Македонија (ПЈРМ), Зоран Заев, одржаа премиерска средба, што е прва средба на такво ниво во последните седум години. Тие заеднички ги напреднаа преговорите, за да се стави крај на еден долготраен спор кој ја спречува ПЈРМ во нејзините аспирации за членство во Европската Унија. Како последен пример, иако не помалку важен, во Давос беа одржани дипломатски преговори за засилување на тековните мултилатерални напори за воспоставување мир и за политичко помирување на Корејскиот полуостров, во Венецуела и во Супсахарска Африка и Сомалија.

Во 2018 и во годините што следуваат, долготрајните геополитички предизвици и натаму ќе постојат, а заедно со нив ќе се појават и нови немири кои потекнуваат од дигиталниот свет. Четвртата индустриска револуција и технологиите што одат под рака со неа – вештачката интелигенција (ВИ), био-инженеринг, итн. – нудат бројни можности за материјален и социјален напредок. Но тие истовремено ќе стават крај на постоечките модели на работење и ќе го турнат современото војување во нови застрашувачки насоки.
Дилемите што стојат пред нас денес се длабоки. Дали беспилотните возила (односно возилата без возачи) треба повеќе да се грижат за животот на нивните патници одошто за животите на пешаците? Дали сè уште постои приватност во време на софтвер за препознавање лица и апликации за големи податоци? Треба ли да им се дозволи на компаниите да патентираат изолирани човечки гени? Треба ли ВИ да одлучува на бојно поле?

На ниту едно од овие прашања не може да одговориме без внимателен, отворен дијалог помеѓу различни делови од општеството кои ретко стапуваат во интеракција. Технолошките компании, старт-ап компаниите, меѓународните организации, академиците и лидерите во граѓанското општество треба да седнат заедно со регулаторите и со креаторите на јавни политики за да креираат мерки со кои се ограничуваат ризиците од новите технологии, без притоа да се ограничува иновативноста.

Центарот за Четвртата индустриска револуција на Форумот, чие седиште е во Сан Франциско, беше основан во 2016 година со цел да се олесни ваквиот дијалог. Тој веќе успешно спои разни фактори, за да се формулираат реакции, во форма на политики, на предизвиците наметнати од ВИ и машинското учење, „Интернетот на нештата“, дигиталната трговија и прекуграничните размени на податоци, цивилни дронови и можноста за дистрибуирање, но не и копирање дигитални информации (блокчејн технологија).

На светот му треба повеќе ваков дијалог за соработка. Многумина можеби копнеат по тоа да се врати наводно поедноставниот живот од минатото. Но ако се повлечеме во сопствените култури, нации, индустрии и организации нема да го најдеме решението. Всушност, самото тоа е дел од проблемот. За доброто на нашата заедничка иднина, мора да ја признаеме моќта на дијалогот.

Клаус Шваб, основач и извршен претседавач на Светскиот економски форум, е авторот на „Четвртата индустриска револуција“.

Copyright: Project Syndicate, 2018.
www.project-syndicate.org

Клаус Шваб (Klaus Schwab)

Клаус Шваб, основач и извршен претседавач на Светскиот економски форум, е авторот на „Четвртата индустриска револуција“.