fbpx

Македонците најмногу се идентификуваат со ракометната, Албанците со фудбалската репрезентација на Македонија

Иван Анастасовски

Јавен интерес

22.02.18

Прегледи

проф. д-р Иван Анастасовски

Ivan Anastasovski 200x250Според истражувањето на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје за приврзаноста кон националните спортски репрезентации и градењето идентитет, граѓаните во Македонија најмногу се идентификуваат со ракометот, помалку со кошарката и со фудбалот.

Многупати се поставува прашањето што всушност значи коментарот на поддржувачите на националните селекции во Република Македонија за кој не може да се најде рационално образложение или објаснување. Кога нашата национална селекција во кој било од застапените колективни спортови ќе победи, коментарите на нашите граѓани се „ПОБЕДИВМЕ“. За разлика од тоа, кога таа иста национална спортска репрезентација ќе го загуби натпреварот, коментарот на истите поддржувачи е „ЗАГУБИЈА“.

Овде на многу реална основа се поставува дилемата дали нашите граѓани кои се поддржувачи на националните спортски репрезентации се идентификуваат со нив само во случај кога тие победуваат (поттикнуваат чувство на вечни победници), додека, кога губат, не сакаат да имаат емотивна конекција со нив и ги отфрлаат играчите како губитници и воедно се дистанцираат од нив?

Чувството на припадност или поддржување на одреден спорт или пак, на една од националните спортски репрезентации, во прв ред претставува чувство на припадност кон една нација или пак идентификување со тој народ.

Спортот е важен дел од рамката на идентитетот на населението, а националните спортски репрезентации претставуваат важен спортски национален симбол на една држава. Во неговата идентитетска важност, како еден вид симболичен потенцијал со сите свои различности кои ги носи со себе, лежи една од причините за популарноста на спортот како во светски, така и во рамките на нашиот општествен систем.

Сепак, прашањата за поврзаноста на спортот и идентитетот не биле предмет на анализа во домашната научна и стручна јавност. Еден од ретките текстови на оваа тема објавен е во дневниот весник „Вечер“ од 2006 година и насловен како „Визуелниот идентитет на сите македонски спортисти“, но оваа тема не е посериозно анализирана.

Токму тоа беше и причината што на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје решивме да направиме научно истражување, кое беше поддржано од нашето Министерство за образование и наука каде ја анализиравме и проучувавме приврзаноста кон националните спортски репрезентации и градењето идентитет, т.е. идентификување на припадност на одредена нација преку спортот.

makedoncite najmnogu se identifikuvaat so rakometnata albancite so fudbalskata reprezentacijaФото: Аријан Адеми, фудбалер во македонската репрезентација. Извор: ffm.mk

Ракометот пред фудбалот и кошарката

Во научниот документ поставивме дилема дали постојат разлики кај одредени зависни варијабли и тоа: оценката на јавноста, персоналната оценка, персоналната поврзаност, чувството на поврзаност на нашите граѓани кои беа анкетирани, со една од националните репрезентации во колективните спортови: фудбал, ракомет и кошарка. Инструментот врз основа на кој се реализираше теренското анкетирање е моделот на Хер и Џемјс од 2007 година, кој мери шест димензии на групниот идентитет. Со нашево истражувањето беа опфатени вкупно 1005 испитаници од територијата на Република Македонија.

Анализата на добиените резултати покажува дека постојат разлики во оценката на јавноста, персоналната оценка, персоналната поврзаност, чувството на поврзаност, помеѓу граѓаните кои се идентификуваат со националните репрезентации во три различни колективни спортови – фудбал, ракомет и кошарка. Врз база на добиените резултати констатација е дека нашите граѓани во најголем процент се идентификуваат со ракометната репрезентација и манифестираат чувство на припадност кон неа, и притоа и даваат највисоки оценки. Од една страна, овој податок се должи на постигнатите резултати на оваа национална репрезентација, како на европско, така и на светско ниво. Од друга страна, придонес кон овој податок има и клупскиот успех на ракометниот клуб „Вардар“ на европски план, кој е актуелен европски клупски првак.

За разлика од нив, помал е процентот на граѓаните кои се идентификуваат со кошаркарската, односно со фудбалската репрезентација, кои имаат свое учество во европскиот и светскиот спорт, но не генерираат значителни успеси како националната ракометна репрезентација.

Истиот однос се забележува и кај персоналната оценка и кај персоналната поврзаност на нашите граѓани кон една од споменатите национални репрезентации. Впрочем, фактот за успесите на ракометната репрезенатација придонесе секој од анкетираните граѓани да ја оцени со највисока оценка нашата национална ракометна репрезентација со просечна оценка 5,72, додека таа оценка кај националната кошаркарска репрезентација е 5,30, а кај националната фудбалска репрезентација е 5,03.

Исто така, се покажа дека постојат разлики во персоналната оценка и припадноста кон сите три национални спортски репрезентации, кога е во прашање етничката припадност на граѓаните. Македонците ја оцениле ракометната репрезентација со 5,82, додека Албанците со 4,99. Овој податок наведува на тоа, дека поединечно, просечната оценка кај Македонците се должи на податокот на високо изразено чувство на припадност кон ракометната репрезентација, кое, за жал, кај Албанците е незначително, од причини што тие сметаат дека воопшто не партиципираат со свои спортисти во ракометната национална репрезентација.

Спротивно на тоа, Македонците имаат најмала доверба во националната фудбалска репрезентација (податок кој се должи на исклучително слабите резултати), додека албанската популација најмногу се идентификува токму со националната фудбалска репрезентација. Имено, и покрај лошите резултати, сепак, во нашата национална фудбалска репрезентација има учество на значителен број фудбалери кои се од албанска етничка припадност.

Но, идентификувањето на Албанците со фудбалската репрезентација на Македонија не значи дека тие имаат и соодветна почит кон националните симболи, кога се на некој од натпреварите на нашиот национален фудбалски тим. Тоа наведува на заклучокот дека нашите граѓани Албанци се уште не манифестираат чувство на припадност кон националните спортски репрезенатации. Воедно, поврзаноста на нашите граѓани со спортот и со националните спортски репрезентации е битен дел од нивното себеразбирање и од личниот идентитет.

Вложувањето во спортот е важно за идентитетот на нацијата

Како резултат на ова истражување, може да се констатира дека спортот и националните спортски репрезентации може да имаат големо влијание врз нашите граѓани без оглед на нивната етничка, верска, партиска или друга припадност и да придонесат кон градење чувство на припадност и јакнење на националниот идентитет, како на персонален, така и на групен план во Република Македонија.

Од овие причини, тоа претставува солидна основа и препорака до Владата на РМ да ја насочи својата активност во правец на помагање на спортот во сите негови сегменти, со цел да се користи како одлична алатка и можност која може многу да придонесе за градење на идентитетот на нашите граѓани, без оглед на нивната верска, етничка, политичка припадност, да се идентификуваат со националните симболи, кои секогаш се истакнуваат на спортските манифестации и да научат преку спортот да ги почитуваат и националните сибмоли на другите народи.

На крајот, неколку препораки врз база на добиените резултати:

  • Воведување теоретска настава за улогата на спортот за градење заедничка иднина во основните училишта во Република Македонија (фер-плеј, толеранција)
  • Рамномерно инвестирање (на државата) во популарните спортови со цел младите да бидат во што поголем број активни во спортот, би било одлична можност за градење заедничка иднина и чувство на припадност кон државата и државните симболи
  • Вклучување на самите спортисти кои се идоли на нашата младина во кампањи за подигање на јавната свест поврзана со припадност кон една држава преку спортот
  • Поголемо вклучување на науката и истражувачкиот сегмент при градење стратегии за унапредување на спортот, со цел да се зајакне обединувачката улога која ја има спортот.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

 

Иван Анастасовски

Проф. д-р Иван Анастасовски e продекан за наука и меѓународна соработка на Факултет за физичко образование, спорт и здравје.