fbpx

Институционална парализа на македонскиот систем: дали лидерските средби се решение?

Христина Рунчева Тасев

Јавен интерес

19.06.18

Прегледи

доц. д-р Христина Рунчева Тасев

Hristina Runceva 200x250Откочувањето на политичките кризи со помош на форматот на лидерските средби не е најдобриот начин, но засега е најуспешниот за излез од повремената политичка кратковидост.

Во последните две децении политичките процеси во т.н. Западен Балкан се` почесто се одвиваат преку неформалните институции кои ги заменија формалните и станаа главни носители на процесите за решавање кризи и надминување на конфликтните состојби. Овие појави се честа слика за регионот на Југоисточна Европа и даваат можност за низа студии на случај каде може да се тестира практичната применливост на неформалните механизми. Институционалната нефункционалност или повремената парализа на системот редовно се лекува со нивна употреба.

Но, тоа не е нова појава во политичката наука, ниту појава својствена само за Република Македонија. Лидерските средби се често практикуван модел во земјите од Латинска Америка, како што се Чиле или Аргентина, но не се непознати и во регионот на Југоисточна Европа, односно Босна и Херцеговина или Албанија. Новиот институционализам во политичките науки на Џејмс Марч и Јохан Олсен (James G. March & Johan P. Olsen) беше ставен да се соочи со предизвикот да се согледаат вистинските стимулации и ограничувања на политичкото однесување. Постојаните проблеми поврзани со корупција, клиентелизам, конфликт на законодавната и извршната власт и „невладеењето на правото“ фрлаат сомнеж на тоа дека ексклузивниот фокус на формалните институции е доволен за да се протолкува и разбере она што ја движи политиката. Научниците, како што се Гилермо О’Донел и Даглас Норт (Guillermo O’Donnell и Douglass North) тврдат дека неформалните институции - или правилата и процедурите кои се креираат, комуницираат и се спроведуваат надвор од официјално санкционираните канали - често се толку важни колку и нивните формални двојници во структуирањето на правилата на играта.

Ова е јасно видливо во случајот на македонската бескрајно долга демократска транзиција каде најголем дел од отворените прашања и блокади во политичкиот систем на функционирање зависат од низа процеси кои се водат надвор од формалната институционална рамка и имаат решавачка улога за надминување на кризните состојби. Таков најеклатантен пример се лидерските средби кои претставуваат еден од најуспешните модели за излез од политичките кризи на земјава кои најчесто започнуваат со бојкот на некоја од големите политички партии на Собранието.

Сепак, неформалните институции се својствени и за Европската унија, вклучително и неформалните состаноци на шефови на држави или влади, како што беше неодамнешната средба во Брисел на која се дискутираа две клучни прашања - идниот состав на Европскиот парламент по Брегзит и повеќегодишната финансиска рамка на Унијата. Како дел од Лидерската агенда, овие состаноци на лидери не завршуваат со формални заклучоци и претставуваат успешен модел за кооринирање на активности на најависоко ниво.

institucionalna paraliza na makedonskiot sistem dali liderskite sredbi se resenieЛидерска средба за името. Извор: sdk.mk

Лидерски средби како успешен модел

Лидерските средби во Република Македонија се најчесто користената неформална институција која има најголем успех во надминувањето на домашните политички кризи. Од независноста на Република Макеоднија до денес, лидерските средби ги среќаваме од Охридскиот рамковен договор во 2001, Законот за територијална организација во 2004 година, Мајскиот договор во 2007 година, Договорот од Пржино во 2015, па се` до неодамнешната лидерска средба за консензус во врска со спорот за името. Концептот на лидерските средби е заснован на учество на политичките лидери на највлијателните и најмоќни политички партии, често придружувани од нивното најблиско раководство со посредство на меѓународната заедница или Претседателот на Република Македонија. Но дали лидерските средби се неопходност во домашниот политички систем?

Лидерските средби служат како инструмент за надминување на ненадминливите разлики на политичките актери кои најчесто одбиваат да седнат на заедничка маса со цел да се решат отворените прашања. Во овој случај меѓународниот фактор служи како иницијатор на средбите, но истовремено и медијатор кој посредува во надминувањето на непомирливите разлики и доаѓање до прифатливо решение. Во улогата на медијатор се јавуваат претставници од Европската унија, САД, или нивни претставници од амбасадите во Република Македонија, иако тоа може да бидат и европратеници, олеснувачи во преговорите и други претставници на меѓународната заедница. Во секој случај, меѓународната задница е „лепилото“ за да седнат на заедничка маса домашните лидери на политичките партии во услови кога делуваат како најлути ривали.

Лидерските средби во ваков формат не се формално нормирани, односно немаат ни уставна, ниту пак законска норма со коja се уредува нивното функционирање. Воедно, не постојат ни акти за внатрешна организација и работење, односно правила за тоа кој може да ги свика лидерските средби, под кои услови, во каков формат, фреквенција или правила за заседавање. Сепак, ваквата неформалност не ја попречува нивната функционалност и се чини дека успешно ја лекуваат институционалната парализа во услови на политичка криза.

Посегањето по лидерските средби како решение на настанатите кризи укажува на неможност на институциите во домашниот политички систем да се соочат со внатрешните проблеми и длабоките политички или етнички расцепи. Реакциите на јавноста во врска со одржувањето на овие средби се поделени. Еден дел упатува негативни коментари на сметка на меѓународниот фактор и неговата вмешаност во решавањето на внатрешните прашања, кое се толкува како атак на суверенитетот на државата и се потценува домашниот институционален капацитет за надминување на политичките кризи. Лидерските средби се место каде се носат политичките одлуки. Собранието се` повеќе станува иницијатор на законските предлози кои се веќе договорени на лидерските средби, губејќи ги изворните законодавни надлежности. Но дали во Македонија постои лидерски и воопшто политички капацитет да се излезе од политичите кризи без посредство на меѓународната заедница? Дел од домашната јавност смета дека силната вмешаност на меѓународниот фактор е condition sine qua non за излез од честиот политички ќорсокак најчесто предизвикан со напуштање на Собранието од страна на највлијателните политички партии.

За жал, ефектот на лидерските средби е краткорочен, односно служат за решавање на конкретна политичка криза без притоа да обезбедат долгорочна стабилност на институциите и амортизирање на и онака високото ниво на поларизираност во општеството. Институционалната сервилност се сведува на спроведување на одлуките усвоени на лидерските средби до наредната криза, без притоа да покажат самоиницијативност во справувањето со проблематичните прашања и нивно процесуирање низ формалните канали без учество на меѓународната заедница. Неопходна е општествена трансформација во која институциите нема да служат само како финална инстанца за имплементирање на веќе договореното во еден неформален формат, туку ќе бидат активни чинители во креирањето и спроведувањето на политиките.

Штетата е поголема од придобивките

Доколку се обидеме да пристапиме кон лидерските средби со cost benefit анализа, ќе видиме дека придобивките се сведуваат на брзо и ефикасно решение на отворените прашања и кризи заради интензивната инволвираност на меѓународната заедница и повремена шатл дипломатија. Но штетните ефекти се повеќекратни во споредба со придобивките. Имено, домашните политички актери стануваат се` поинертни и се` повеќе се потпираат на меѓународната заедница во услови на криза, со што ја ускратуваат можноста да го искористат потенцијалот со кој самостојно располагаат. Дополнително, во процесот на лидерските средби се изоставени помалите политички субјекти кои немаат можност да партиципираат со свои идеи, предлози и решенија за излез од кризата.

Со тоа, при секоја нова (потенцијална) криза, стануваат зависни и условени од присуството на меѓународниот фактор и се дава меѓународна димензија на менаџирањето на внатрешните кризи. Воедно, не секое решение поттикнато од меѓународната заедница е сродно и прифатливо за домашниот политички систем, но и покрај тоа се процесуира низ институциите на системот без поширока дебата за други можни решенија за излез од политичката криза. Ваквиот начин на постапување води кон зголемување на ризикот за институционална сервилност кон незаконски, односно неуставни решенија.

Откочувањето на политичките кризи со помош на форматот на лидерските средби не е најдобриот начин, но засега е најуспешниот за излез од повремената политичка кратковидост. Овој облик на миопија може да биде надминат единствено со јакнење на политичката култура и создавање на услови за поголема зрелост од страна на политичките актери. Но за тоа е неопходно време и волја со цел да се изнајде нов модел со кој ќе се стави крај на институционалната сервилност на решенијата од лидерските средби.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Христина Рунчева Тасев

д-р Христина Рунчева Тасев е доцент на Правниот факултет "Јустинијан Први" во Скопје, на научната област применети политички науки. Автор е на стручни и научни трудови објавени во домашни и меѓународни списанија и има работено на повеќе истражувачки проекти. Таа е една од основачите на Македонскиот институт за европски студии (МИЕС).