проф. д-р Светомир Шкариќ
Указите за прогласување на законите што се повторно изгласани во Собранието треба да ги потпишеш. Тоа ти го налага Уставот, многу јасно. Станува збор за императивна норма која мораш да ја почитуваш така како што е напишана, независно од твоите „благородни цели“.
Џебното вето се појави и во Република Македонија. Причината за неговото појавување е Законот за употреба на јазиците што Собранието на РМ го донесе во јануари 2018 година. Со помош на ова вето, претседателот на Републиката донесениот закон го „држи во џеб“ со желба да го фрли во траен заборав. Извесно е дека така ќе постапи и со Законот за ратификација на Преспанскиот договор од јуни 2018 година. Станува збор за измислено вето кое создава правен хаос во земјата и навестува тежок судир помеѓу претседателот и законодавната власт, со непредвидливи последици за земјата.
Џебното вето постои само во уставноста на САД
Џебното вето е раритет во споредбеното уставно право. Првпат е воведено во Уставот на државата Њујорк од 1777 година, а десет години подоцна и во Уставот на САД, на барање на Александар Хамилтон и Џемс Медисон (pocket veto). Под нивно влијание, џебното вето влегува и во федералниот устав, заедно со суспензивното вето, како паралелни вета, при што суспензивното е редовно, а џебното е исклучок. Се користи под одредени услови, кога претседателот на САД нема време да ги разгледа и потпише законите во рок од десет дена, не по своја вина. А тоа се случува кога Конгресот донесува поголем број закони при крајот од својата работа, кога ги прекинува седниците или кога му завршува легислативниот мандат.
Немајќи доволно време да ги разгледа законите, претседателот прибегнува кон комоција, односно законот го „става во џеб“, без да образложува зошто го прави тоа. На неактивноста на Конгресот одговара со своја неактивност. На тој начин, пасивно се брани од законодавната власт која сака да го стави под своја контрола, да биде слаб претседател.
Џебното вето заедно со суспензивното, Уставот на САД (член 1, секција 7) ги става во надлежност на претседателот на САД: „Секој законски предлог кој ќе биде усвоен во Претставничкиот дом и во Сенатот, пред да стане закон, се поднесува до претседателот на Соединетите држави; ако е согласен, тој ќе го потпише; ако не, тој со своите забелешки ќе го врати во оној дом од кој законскиот предлог потекнува; овој дом забелешките во целост ќе ги внесе во свој записник и ќе пристапи кон повторно разгледување на законскиот предлог. Ако при вториот претрес две третини од членовите на тој дом се согласат да го усвојат законскиот предлог, тогаш таквиот закон, заедно со сите забелешки, ќе биде доставен до вториот дом, во кој исто така ќе биде повторно разгледуван и ако биде прифатен со двотретинско мнозинство во тој дом, ќе стане закон. Но, во сите такви случаи изјаснувањето во двата дома ќе биде со да или не и имињата на лицата што гласале за и против законскиот предлог ќе бидат внесени во записникот на соодветниот дом. Ако претседателот не врати некој законски предлог во рок од десет дена откако му е поднесен (не сметајќи ги неделите), законскиот предлог ќе стане закон како да е потпишан, освен ако Конгресот со одлагањето на својата работа не го спречи неговото враќање; во тој случај предлогот нема да стане закон“.
Џебното вето во суштина е апсолутно вето, бидејќи под негово дејство заборавениот закон престанува да постои, не произведува правни последици, но не се става во траен заборав. На наредната седница, Конгресот повторно ја применува целата постапка, од иницијативата, преку разгледување во одборот, три читања во домовите и на крајот усвојување. Тоа ја забавува законодавната дејност, но во исто време ја дисциплинира работата на Конгресот, го присилува подобро да ја планира својата законодавна дејност.
Првото џебно вето е употребено во 1812 година од страна на претседателот Медисон. А шампион по бројот на поднесени вета е Френклин Рузвелт. Во долгиот претседателски мандат од 12 години, тој се одлучил за 260 џебни и 370 суспензивни вета. Во последно време џебното вето одумира и станува реликт во уставната историја, од што најмногу добива Конгресот на САД.
Апсолутно и суспензивно вето
Ветото е право на забрана кое некој орган го има во врска со актите на некој друг орган. Во овој случај, станува збор за правото на шефот на државата да ги забрани актите на законодавниот дом. Забраната може да има две основни форми - апсолутно и суспензивно вето. Право на апсолутно вето има монархот, а право на суспензивно претседателот. Апсолутното вето му припаѓа на минатото, на времето на римските трибуни и средновековните монарси, а суспензивното на времето на парламентарната демократија, на поделениот суверенитет.
Апсолутното вето значи право на монархот да го отфрли во целост законот без никакви ограничувања или слободно вето (liberum veto). Без негова согласност, донесениот закон не може да стане закон. Тоа монархот го прави отворено, без обврска законот да го стави во џеб или да го врати на доносителот. Тој е носител на суверенитетот и неговата волја е закон, онака како што тоа Улпијан го кажува за римскиот принцепс: „Тоа што принцепсот го сака има сила на закон“.
Суспензивното вето само го одлага влегувањето на законот во сила. Тоа го прави претседателот како носител на извршната власт. Суспендираниот закон влегува во сила по повторното усвојување во парламентот, со исто мнозинство со кое што е донесен или со квалификувано мнозинство гласови, во различни варијанти. Законот може да се оспорува, но не може да се запре неговото донесување, ниту може да се промени неговата содржина, ако со тоа не се согласува законодавниот орган. Кога би било така, тогаш не би можело да се зборува за поделба на власта, од парламентот не би останало ништо, би морала да се повтори „Славната револуција“ од Англија и во македонски услови.
Суспензивното вето е повеќе политичко отколку правно прашање. Затоа треба да се користи претпазливо, со голема предострожност, бидејќи може да предизвика длабоки поделби во општеството, да влече кон лична власт на претседателот, да биде мртва точка во политиката и да биде фактор на блокада на промените зад кои стои парламентарното мнозинство. Последиците можат да бидат уште потешки, ако суспензивното вето еволуира во џебно вето, во варијанта која ја користи македонскиот претседател или која му се сугерира од група помлади правници.
Извор: index24.mk
Суспензивното вето во Уставот на РМ
Со суспензивно вето располага и претседателот на Македонија. Уставот (чл. 75) му го гарантира тоа право, заедно со обврската да го потпише указот по повторното усвојување на законот од страна на Собранието: „Указот за прогласување на законите го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието. Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот.“
До јануари 2018 година, суспензивното вето се користело уставно од страна на претходните претседатели, со мали исклучоци. Првото прекршување го направи Киро Глигоров кога во 1997 година одби да го потпише указот за прогласување на Законот за кривична постапка кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, закон за кој не е предвидено суспензивно вето. Второто прекршување е поврзано со Борис Трајковски кога во 2001 година одби да го потпише указот за прогласување на Законот за привелегиите на пратениците, по неговото повторно изгласување во Собранието.
Последниот случај е осамен случај на непотпишување на указот за прогласување на законот за кој двапати е гласано во Собранието. Овој случај не може да се користи како оправдување за претворање на суспензивното вето во џебно вето. За да се случи тоа, потребни се повеќе прекршувања и поширока поддршка од јавноста и уставното право како наука (opinio iuris).
Односот на сегашниот претседател кон суспензивното вето е поинаков. Повеќе од осум години на претседателската функција тој не вложил ниту едно суспензивно вето. А потоа, со промената на парламентарното мнозинство, прави нагол пресврт кој нема уставна основа. Суспензивните ги претвора во џебни вета, со апсолутно дејство, еднакво на дејството на ветото на римските трибуни и на Домот на лордовите на Велика Британија до 1911 година.
Првото суспензивно вето го вложи против Законот за употреба на јазиците од јануари 2018 година. Во уставниот рок од седум дена ги даде своите забелешки, со оспорување на називот на законот и на 19 члена, осврнувајќи се пошироко на неуставноста, на мешањето на диспозитивните и императивните норми и на изземањето на Уставниот суд од организацијата на државната власт, не криејќи ја својата одбојност кон албанскиот јазик. Во образложението, претседателот користи стручна експертиза и повикува на потребата да „се слушнат мислењата на стручните луѓе од областа“, а во првиот претседателски мандат не одржа ни еден состанок со советниците што сам ги избрал (Укажувања кон текстот на ЗУЈ, 17.01, 2018).
Расправата по неговите забелешки и 35.000 поднесени амандмани од страна на опозицијата се прашања од интерен карактер на Собранието, а оценката на уставноста на законот е во надлежност на Уставниот суд. Претседателот не треба да се меша во внатрешните работи на Собранието, ниту има уставна основа да се чувствува како поголем „чувар“ на уставниот поредок од Уставниот суд.
Второто суспензивно вето претседателот го вложи против Законот за ратификација на Преспанскиот договор од јуни 2018 година. Ова вето е поделикатно од првото, особено ако заврши со џебно вето. Кога се во прашање законите за ратификација на меѓународните договори треба да се има предвид дека оценката на нивната уставност не е предвидена како надлежност на Уставниот суд. Поради тоа, Уставниот суд во повеќе наврати одбивал да ја оценува нивната уставност, држејќи се за доктрината „политичко прашање“ (political question).
Слично размислувал и Хамилтон кога го предлагал суспензивното вето. Тој сметал дека надлежноста за склучување на меѓународните договори не спаѓа строго ни во законодавната ни во извршната власт. Но, сепак, сметал дека тие се поблиски до природата на законодавната власт отколку до извршната: „Во републиката би било потполно несигурно и неприфатливо на извршниот орган да му се даде исклучиво право да склучува меѓународни договори. Тоа би им дало можност на амбициозните претседатели да ја злоупотребуваат власта.“
Особено деликатни се меѓународните договори со геополитичка содржина, како што е Преспанскиот договор. Овој договор нема значење само за потписниците, туку и за Европа, а и пошироко. Пред геополитиката правото отстапува и чека подобри времиња. Тоа се гледа најдобро од „случајот Сунигава“, во врска со уставноста на Договорот за безбедност меѓу САД и Јапонија од 1951 година. Регионалниот суд од Токио застана на страната на Уставот на Јапонија (чл. 9) кој забранува постоење на странски воени бази на јапонската територија. Врховниот суд на Јапонија ја укина пресудата на Регионалниот суд и застана на страната на природното право, со образложение дека јапонскиот народ има право на безбедност (Фукасе, Шкариќ, Мирот и уставите).
Обраќање до претседателот Иванов
Указите за прогласување на законите што се повторно изгласани во Собранието треба да ги потпишеш. Тоа ти го налага Уставот, многу јасно. Станува збор за императивна норма која мораш да ја почитуваш така како што е напишана, независно од твоите „благородни цели“. Веќе си го искористил правото на суспензивно вето за законите со чија содржина не се согласуваш. Јасни се и твоите забелешки. Нив ќе ги земе предвид Уставниот суд кога ќе ја оценува уставноста на законите, а веќе се и предмет на научна анализа од повеќе агли. Треба да се огласи и Јавното обвинителство во врска со чл. 308 од Кривичниот законик кој не ти дозволува да го потпишеш Законот за ратификација на Преспанскиот договор. Доволно од твоја страна. Но, внимавај на чл. 353 од КЗ да не те допре, наспроти твоето тврдење дека „целосно“ го почитуваш Уставот, двапати повторено во твоите писма до Собранието.
Огледај се на однесувањето на претседателот на Грција Прокопиј Павлопулос, исто така универзитетски професор, како и ти. Познат е по екстремни гледишта за спорот со името, а сега од него нема ни збор, по потпишувањето на Преспанскиот договор. Обајцата сте доктори на науки, ти по политички науки, а тој по јавно право. И тој припаѓа на конзервативната идеологија како и ти. На Ципрас и на неговата влада не ѝ прави проблеми, а ти си лут противник на Владата на Заев и на парламентарното мозинство.
Ако не ги потпишеш указите, сепак, оспорените закони ќе го пробијат патот до „Службен весник“. По сила на Уставот (чл. 51) кој непосредно се применува и кој мора секој да го почитува, вклучувајќи те и тебе. Потоа законите ќе дојдат на „гилотина“ пред Уставниот суд. Тоа е патот што и ти мора да го следиш, немој да мислиш дека си принцепс. Не подлегнувај на мислењето што ти се сервира дека указот има „конститутивно дејство“ и дека без твој потпис нема закон. Зарем тоа не би те навредило, да е така. Тогаш ти би бил нешто друго, а не претседател, не би бил човек од науката кој гледа пошироко, посебно кога е во прашање политолог.
Не се наметнувај на Собранието, повикувајќи се на бројот на добиените гласови на претседателските избори во 2014 година. Така правеше Наполеон Бонапарта кога стана император на Франција, сметајќи дека има посилен легитимитет од пратениците. Ако не можеш да го носиш товарот на функцијата и ако се судруваш со морални дилеми, тогаш излезот барај го во оставката како морален чин, а не во дерогирањето на законодавната власт и запирањето на промените во општеството. Ти си универзитетски професор, не живееш од политика, како претходните претседатели. Врати се на факултетот, како што се врати проф. Денко Малески, со големо задоволство, по престанок на мандатот амбасадор во ООН. Се осеќаше слободен, дишеше длабоко. Тоа го видов со свои очи, без да забележи дека некој го гледа како се радува.
Можеш да го направиш и тоа што не го направи Киро Глигоров во 1998 година, кога за време на консултациите во неговиот кабинет, проф. Ѓорѓи Марјановиќ побара од него да поднесе оставка, ако по неговото суспензивно вето Собранието повторно го изгласа Законот за амнестија заради сензибилирање на јавноста. По апелот, Глигоров остана и натаму смирен, но замислен, како секој државник. Беше на самиот крај од мандатот, како и ти. Но пред тебе се нови виорни времиња, особено ако Референдумот за Преспанскиот договор биде успешен. А ти не си државник, време е да го сфатиш тоа по многуте прекршувања на Уставот и сервилност кон партијата што те доведе на власт. Особено сега, кога Македонија е пред раскрсница, како ретко досега во поновата историја.
Поздрав од „Библиотеката во Дојран“, од местото каде што со задоволство навраќаше и како асистент и како претседател и од каде започна кампањата за твојот прв претседателски мандат, на твое барање. Тогаш ти беше чест што бев твој професор, а од мене се оддалечи во првата минута откако дојде на власт, како двете ќерки што се оддалечија од кралот Лир, по преземањето на власта, со негова согласност.
Не се лутам за тоа. Тоа е познато од дамнина, уште од времето на Хесиод, од неговото дело „Дела и дни“. Но, ме јаде јанsа што ќе се случи со тебе, бидејќи требаше да продолжиш натаму, откако застанав во 2006 година. Последниот пат во библиотеката го виде вториот том (среден век), а брзо ќе го видиш и третиот том (нова доба), но овој пат без твое име како коавтор, бидејќи сакаш да бидеш политичар, а не професор.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.