Чарлс Гарет, поранешен амбасадор на Велика Британија во Македонија
Јас заминувам. Вашата земја ја напуштам со чувство на длабока почит за тоа што го постигнавте со надминување на политичката криза, со возбуда за можностите кои се отвораат, но и со извесна доза на страв поради кревкоста на сето тоа.
Во среда ги ставам куферите во автомобилот и ќе тргнам по патот кон Табановце, ја напуштам Македонија. На крајот на секоја служба ми се навраќаат спомени. И овојпат, додека ја напуштам државава во која толку многу историски настани се случија во последниве четири години, е исто.
Извонредна чест ми беше да работам во вашата земја. Кога работев на Олимписките и параолимписките игри во Лондон во 2012 година, мислев дека работата што ја работам таму е најуникатниот и неспоредливо благодарен предизвик што ќе го работам. Но не сум бил во право. Функцијата на амбасадор сама по себе е извонредна работа. А можноста да бидам во Македонија токму во овој период беше причина таа работа да биде неповторлива.
Сакав, пред да тргнам назад во Лондон, да споделам со вас неколку куси сеќавања и размисли, а затоа што социјалните медиуми денес се главниот начин на кој комуницираме, не можев, а да не ги ставам со хаштагови. Во продолжение следат три.
Прво: #Potential #Потенцијал #Potencijal
Пристигнав во мај 2014 година во држава што изгледаше како да си ја брка сопствената опашка, како бескрајно да се врти во круг. Ако сте го гледале филмот Денот на мрмотот, ќе знаете на што мислам. Македонија ќе добиеше оценка дека е подготвена да започне преговори со ЕУ... а тие никако да започнат. Наредната година ќе беше исто. Секоја година носеше со себе сличен циклус со НАТО. Секоја година исто така бележеше и напори за решавање на разликите за прашањето за името... но разликите никако да попуштат. Секојпат кога ќе миневме низ таков циклус, сите губевме малку од вербата во иднината на нашата земја, а земјата, пак, губеше повеќе енергија од што е потребно за да напредува.
Поради ова, кај граѓаните на Македонија и пријателите на државава се појави многу обесхрабрувачка фрустрација. Како и сите земји, Македонија зависи од својот народ – од своите лекари, од своите млади претприемачи, од сите свои луѓе – за да просперира и да напредува. А кој може да просперира кога земјата се врти во круг?
Договорот за прашањето со името направен неодамна конечно го отвора патот за Македонија да може да се придвижи нанапред, да ги постигне своите цели за влез во НАТО и во ЕУ. Тоа на сите македонски граѓани им дава можност да го остварат сопствениот потенцијал.
Второ: #Ambition #Амбиција #Ambicie
За да го остварите #потенцијалот потребна ви е #амбиција. На почетокот на минатата година објавив блог за Македонија во 2027 година. Тоа беше само забавен начин за актуелизирање на дебатата за тоа во каква состојба луѓето сакаат да ја видат земјата за десет години. Прашањето со името беше решено; жена беше на премиерската позиција; Македонија беше домаќин на Младинските олимписки игри. Стремете се кон големи нешта, бидете амбициозни.
Сепак, не е само прашање на национална #амбиција. Важна е и амбицијата на поединечниот граѓанин, како за постигнување на сопствениот потенцијал, така и за она што го барате од вашите политички лидери и од вашата демократија. Целете високо во двата случаи.
Трето: #DiversityandInclusion #РазнообразностиИнклузивност #DiverzitetdheInkluzive
Голем дел од #потенцијалот на Македонија е содржан во вашата разнообразност. За некој однадвор, вашите различни народи, вашите јазици, вашите култури, прават вашата земја да изгледа бескрајно фасцинантна. Таа разнообразност е извор на сила за Македонија. Начинот на кој тој извор на сила може да се искористи е преку инклузивност. Нека биде чуен сечиј глас. Дебатите се посилни кога има различни мислења. Различните културни потекла се извор на поголема креативност. Секој може нешто да понуди. Ова се однесува и на попреченостите. За четири години посведочив како јавните мислења брзо се развиваат и стануваат поотворени за поголема инклузивност, за тоа секој да добие шанса. Продолжете така: сетете се на Крис Холмс, кој беше тука минатата година. Тој преку ноќ ослепел на 14-годишна возраст, но потоа се запишал на Универзитетот Кембриџ, станал адвокат, а подоцна ги приреди најдобрите Параолимписки игри што светот ги видел. Една слика од Македонија која секогаш ќе ја памтам е сликата на тимот келнери со Даунов синдром на забавата што ја организиравме тука по повод роденденот на кралицата. Фокусирајте се на #непреченост наместо на #попреченост.
Јас заминувам. Вашата земја ја напуштам со чувство на длабока почит за тоа што го постигнавте со надминување на политичката криза, со возбуда за можностите кои се отвораат, но и со извесна доза на страв поради кревкоста на сето тоа. Нема магично копче кое ќе ја претвори политичката криза во минато. Ќе биде потребна чесност, храброст за носење тешки одлуки, јасно согледување на нештата и уште многу. Треба во целост да ги разберете најтешките точки на кризата, меѓу кои значајна е и ситуацијата во Куманово во мај 2015 година, ако не сакате тие да се повторат.
Заминувам со позитивно чувство, поради искуствата од работењето со најизвонредните и разновидни луѓе од Македонија. Политичари и бранители на човековите права, новинари и иноватори и академици, правници и граѓански активисти.
Заминувам збогатен со четири години истражување на едно од најубавите катчиња на Европа. Во моите објави на Твитер и Фејсбук се чувствува мојата љубов кон грубата и разновидна природна и културна убавина на вашата земја.
Побогат сум поради големиот број нови пријатели, оние со кои работев, оние кои многу срдечно ме пречекаа заедно со моето семејство. Тука научивме многу и многу нè трогна сè што вие ни дадовте.
О, Македонијо! Нема да те заборавам. Топло прифати ја својата разнообразност и својот потенцијал. Стреми се кон големи нешта и цели високо. Се најубаво – ќе се видиме!
Преземено од Blogs.fco.gov.uk.