проф. д-р Иван Анастасовски
Спортските организации својата активност премногу ја имаат насочено кон дејноста спорт како игра, тренирање или бизнис, а не кон спортот како социјална потреба во функција на подобрување на општествените состојби.
Спортските практики во голема мера можат да бидат во функција на социјалните цели, особено во делот на јавното здравство, социјалната и економската перспектива, активното граѓанство, јакнењето на граѓанските права, итн. Како такви практики тие се сѐ повеќе важен елемент во секое напредно општество. Практиките за ваквите и слични цели треба да бидат придружени со заедничка свест, заеднички претпоставки дека спортот може да придонесе на различни начини за позитивен социјален развој.
Спортот како средство за постигнување на социјалните цели првенствено е позитивен феномен кој се повеќе се наметнува како превентивен фактор од криминалните активности особено кај младата популација. Само како временско потсетување, филмот „Бегство во победа“ (1981) претставува еклатантен пример на американски филм во режија на Џон Хјустон, кој укажува на спортски активности во еден логор во нацистичка Германија, во кој најбројни се британските офицери и војници. Заробениците прават тим кој игра фудбал со германските војници. Понатаму во доцните осумдесетти и раните деведесетти години од минатиот век во САД се промовираа ефективни мерки за урбаните социјални проблеми насловени како „Полноќни кошаркарски програми“ Полноќна кошарка е иницијатива од далечните деведесетти за спречување на градскиот криминал во САД, да се држи по страна урбаната младина од улиците и криминалот и да ја вклучат со алтернативни програми против дрога и криминал. Првобитно таа беше основана од страна на Ван Стандифер (Van Standifer) во доцните осумдесетти години на минатиот век во САД. Како можност за превенција од криминално поведение, спортот во Велика Британија исто така привлече големо внимание како дел од реформаторските политики на лабуристите во деведесеттите години на минатиот век.
Поддржувачите на идеите и политиките за тоа дека спортот е добра можност за спречување на криминалното поведение и малолетничката деликвенција, меѓу кои е и авторот на овие редови, настојуваат да го прикажат спортот како средство кое може да се справи со, па дури и да реши различни социјални проблеми. Тоа би резултирало со програми и практики за употреба на спортот против криминалното поведение и малолетничката деликвенција.
Литературата која е поврзана со вакви и слични истражувања опфаќа различни области од спортските практики, кои се разликуваат од аспект на рехабилитациските програми до волонтерските организациски практики. Спортот всушност се однесува на практиката за физичка активност која е насочена кон децата и младите, организирани во амбиент на спортска активност преку присуство на ментор обучен за таа намена. Спортот може да го намали или во најмала рака да го превенира криминалното поведение и малолетничката деликвенција со обезбедување на достапни и соодветни спортски активности. Овде особено голема корист би имале родителите кои на некој начин го губат своето влијание при воспитувањето на своите деца. Со други зборови, спортот може да делува позитивно во рамките на социјалните структурни групи и во самата заедница.
При тоа, од исклучителна важност е вклучувањето на релевантните спортски организации, како на пример, Македонскиот олимписки комитет, фудбалската, кошаркарската, ракометната, одбојкарската и останатите федерации, како и спортските клубови, особено оние кои имаат воспоставено масовност од млади луѓе. Наведените чинители заедно со Факултетот за физичко образование, спорт и здравје се важен фактор за дизајнирање на програмите за превенција на криминалното поведение и малолетничката деликвенција. Притоа, важно е програмите да бидат насочени кон ресоцијализација на младите во општествениот систем.
Фото: Полноќни кошаркарски програми во САД; Извор: neworleanswill.com
Општествен контекст за криминалното поведение и малолетничката деликвенција
Криминалитетот според професорот Љупчо Арнаудовски претставува многу сложена и динамична општествено негативна појава која е прилагодлива на општествените движења и промени. Под криминалитет се подразбираат најтешките облици на поведенија на неправо што го носат квалификативот на општествено опасни и како такви се пропишани и санкционирани со законските прописи. Криминалитетот е збирен поим на различни по вид и тежина криминални, антисоцијални, асоцијални и деликвентни поведенија на поединци и групи што општеството ги забранува и казнува поради тоа што претставуваат повреда и загрозување на некоја правна норма со која, во воспоставениот правен поредок, се напаѓаат и загрозуваат некои заштитени и загарантирани индивидуални и општествени добра и вредности, права и слободи.
Малолетничката деликвенција, според истиот автор, во светот и кај нас се јавува како честа појава во развојот и општествено-економскиот просперитет. Облиците на девијантното однесување на младите се одликуваат со индивидуални и масовни испади на нарушување на јавниот ред и мир како и помалку или повеќе делување на организирани банди. Истражувањата покажале дека малолетните деликвенти, по правило, потекнуваат од семејства со нерешено материјално, станбено и образовно прашање или пак од нецелосни семејства со недостаток на еден или двајцата родители.
Резултатите од криминолошките и социолошките истражувања покажуваат дека малолетничката деликвенција се јавува паралелно со урбанизацијата и индустријализацијата, како и со создавањето на големите градови. Науката преку своите истражувања сака да укаже на тоа дека деликвентите манифестираат различен вид на конфликт, и тоа ривалство помеѓу светот на младите и светот на возрасните (генерациски разлики), ривалство помеѓу градските урбани заедници и селските рурални заедници и ривалство помеѓу различни етнички групи.
Во светот на деликвентите се влегува со пристапување кон некоја помалку или повеќе организирана малолетничка група која има свој начин и ритуал на однесување, свои правила, свои субкултурни системи. Науката укажува на тоа дека поединецот во општеството постепено ги прифаќа вредностите на деликвентната субкултура, иако секој поединец има свој мотив за пристапување кон групата. На тој начин овие деликвенти почнуваат да се одвојуваат од општествено-етичките норми на однесување и се` повеќе ги прифаќаат карактеристиките на деликвенцијата.
Одредени светски истражувања (Burt, C. Haas, W., Ogulivie, B.C., Fiutko, R. и Bajalski, R, Mraković, M.) укажуваат на тоа дека според морфолошките и психолошките карактеристики на малолетните деликвенти, тие се силни и неконтролирани млади луѓе, бесстрашни, полни со агресија, секогаш и без страв спремни за ‘тепачка’, крадење, упади и други слични кривични дела. Исто така, криминалното поведение и малолетничката деликвенција претставуваат голем општетствен проблем особено во урбаните средини.
Од овие причини, превенцијата би требало да се состои од низа организирани мерки, постапки и акции на општеството насочени кон сузбивање на деликвентното однесување на младите преку спортот и спортската активност.
Во стручната анализа на Бенџамин Перасовиќ и Сунчица Бертолучи, која е заснована на десетгодишно истражување реализирано преку анкета на фудбалерите од сите тимови од националните лиги, дојдено е до сознанија кои укажуваат на потеклото на фудбалерите, нивната семејна структура, степенот на нивното воспитание и образование, на нивното деликвентно и неделиквентно однесување. Еве ги сознанијата:
1) Поголем дел од фудбалерите биле од семејства со потешкотии од материјална, станбена и културна природа;
2) Поголем дел од фудбалерите го напуштиле редовното школување и се дошколувале со значително бавна динамика;
3) Семејствата на фудбалерите се многудетни семејства;
4) Кај одреден број фудбалери било евидентно манифестирање на асоцијалното однесување.
Спортот како превентивен фактор
Спортот и спортските практики би можеле да се организираат на различни начини за превенција и евентуално спречување на криминалното поведение и малолетничката деликвенција. Во спортските практики треба да се истакнат личните и социјалните односи со други млади и возрасни групи, кои треба да се состојат од неколку формални правила и норми. Понатаму да се врши поединечно или во помали групи каде што учесниците ќе почувствуваат независност и сите ќе земат учество. Исто така треба да се нагласи внатрешната мотивација и индивидуализирани стандарди за успех. Спортските практики треба да имаат рационален, експлицитен план за развој и понуда на аранжмани во која учесниците можат да се наведуваат да размислуваат, но во исто време и да разберат кои се негативните последици од криминалното поведение кое се манифестира.
Секогаш кога се говори дека спортот може да биде еквивалент или одговор за лошите поведенија на малолетниците, се наидува на поделени мислења и реакции. Од тие причини, голем број истражувања повеќе ја артикулираат критичката перспектива, при што се укажува на тоа каков треба да биде спортот како општествено добро и каде да се стави фокусот на неговото активирање од аспект на негативниот и позитивниот потенцијал што го има за превенирање на криминалното поведение и малолетничката деликвенција. Еве неколку примери:
1. Општествената литература секогаш сугерира дека спортот сам по себе не ја намалува сиромаштијата, невработеноста, како и лошата социјална состојба, кои се сметаат за основи на криминалното и деликвентното однесување на младите.
2. Спортските организации својата активност премногу ја имаат насочено кон дејноста спорт како игра, тренирање или бизнис (што донекаде е оправдано), а не кон спортот како социјална потреба во функција на подобрување на општествените состојби.
3. Спортските практики имаат за цел да ги привлечат младите од економски и социјално привилегираните средини. Со самото тоа се поставува прашањето кои групи социјално ранливи млади ќе можат да допрат до спортот за да имаат привилегии да бидат дел од него. Понатаму, поголема е веројатноста дека спортските практики ќе доведат до социјално поврзување на групите за да се надминат општествените разлики.
На крајот, може да се заклучи дека спортот претставува ефикасно средство за редукција на криминалното поведение и малолетничката деликвенција кај младите чија структура на личност содржи црта на агресивност и анксиозност, поради позитивната корелација на овие димензии со ангажирањето во спортот и спортската практика. Понатаму, употребата на спортот е оправдана за превентивни мерки и за ресоцијализација што бара реорганизација на постојниот систем на воспитување и превоспитување, како и понатамошни истражувања за утврдување на ефикасноста на различните облици спортски практики во превенцијата и ресоцијализацијата на личностите кои манифестираат облици на криминално поведение и малолетничката деликвенција.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите в оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.