fbpx

Младите и вработувањето: очекувања наспроти реалност

Марија Топузовска Латковиќ

Јавен интерес

13.02.18

Прегледи

вон. проф. д-р Марија Топузовска Латковиќ

Marija Topuzovska 200x250Македонија е меѓу првите десет земји во светот според невработеноста на младите која е речиси двојно поголема од општата стапка на невработеност – 23,7 отсто. Младите го преферираат јавниот пред приватниот сектор, а мал број се подготвени да започнат сопствен бизнис.

Според Меѓународната организација на трудот, моментално во светот има над 70 милиони невработени млади луѓе. Ваквиот тренд, пред сè, се должи на економската криза од 2008 година, која што настана токму во периодот кога оваа, т.н. милениумска генерација достигна полнолетност, односно професионална зрелост да се вклучи на пазарот на труд. Фактор кој исто така има влијание врз невработеноста на младите, несомнено е и демографското стареење на населението, поради кое постепено се продолжува старосната граница за заминување во пензија, заради одржливост на пензиските фондови, но тоа, пак, во практика значи и помалку слободни работни места за младите. Оваа генерација важи за најобразована досега, но поради времето поминато во образованиот процес, транзитот од училиште до работа се случува подоцна.

Несомнено, причините за младинската невработеност на глобално ниво се повеќе, а кога на нив ќе се надоврзат и факторите од националниот контекст, состојбите стануваат покомплексни од земја во земја.

Во Република Македонија, според официјалните податоци од МАКстат базата на податоци на Државниот заводот за статистика, невработеноста на младите е речиси двојно поголема од општата стапка на невработеност – 23,7 отсто, или според возрасни групи: од 15 до 19 год. – 58,9 отсто; од 20 до 24 год. – 46,1 отсто и од 25 до 29 – 35,2 отсто, што ја рангира земјата меѓу првите десет земји во светот, според стапката на невработеност на младите.

Последици од младинската невработеност

Неуспехот младите луѓе да се интегрираат во светот на работата има пошироки последици, пред сè, врз идниот просперитет и развој на земјите. Невработеноста на младите, како и ситуациите во кои младите луѓе се обесхрабруваат и се откажуваат од потрагата по работа, или пак прифаќаат да работат во несоодветни работни услови, несомнено предизвикува загуба за економијата, опшетството и самите млади луѓе.

Невработеноста на младите е поврзана и со социјално исклучување, бидејќи тешкотијата да се најде работа создава чувство на ранливост, маргинализираност и бескорисност кај младите луѓе. Особено ако се има предвид дека луѓето сопствената вредност ја остваруваат преку социјалните улоги со кои партиципираат во општеството, а занимањето, остварено преку работата е една од најзначајните општествени улоги.

Доколку на младите луѓе во оваа деликатна биолошка возраст, полна со надеж и возбуда во врска со очекувањата за иднината, на патот кон нивната (финансиска) независност се испречат многубројни бариери уште на самиот влез, многу веројатно е дека тоа ќе предизвика фрустрација, стрес и негативни чувства за себе си и окружувањето.

mladite i vrabotuvanjeto ocekuvanja realnostСаем за вработување во Скопје. Извор: skopjeinfo.mk

Очекувања на младите за работата

Според досегашните истражувачки сознанија, кај младите е забележан прилично песимистички став во однос на вработувањето. Поконкретно, во Студијата за млади, дури 65 отсто одговориле дека тешко ќе најдат работа, а 6 отсто одговориле дека никогаш нема да најдат работа. Слично, во студијата за Младинските трендови во Република Македонија, 66,6 отсто од младите сметаат дека тешко оди вработувањето, по завршување на образованието.

Во студијата за млади, како најзначајни фактори за добивање на работа, младите на прво место ги рангираат „врските и пријателите“, на второ место „политичките врски“, на трето место „нивото на образование“, дури потоа „професионалните способности“. Додека, како најзначајни фактори за прифаќање на работа, на прво место ја рангираат „платата”, на второ место „сигурното работно место“, на трето место „задоволството од работата” и на четврто место „работењето со луѓе кои им се допаѓаат”. Младите, на прво место го преферираат јавниот сектор за нивно вработување, а на второ - приватниот сектор. Само една четвртина од испитаниците се изјасниле дека се подготвени да започнат сопствен бизнис.

Резултатите од студијата за Невработеноста на младите луѓе во Република Македонија, исто така укажуваат на повеќе интересни сознанија. Така, на пример, младите во најголема мера сами ја избрале професијата, но секој трет или четврти млад човек ја донел одлуката заеднички или под влијание на родителите. Временски, изборот на професијата половина од испитаниците го направиле пред, за време или по средното образование. Во однос на тоа каква работа очекуваат/преферираат младите, би можело да се каже дека: половина од младите очекуваат да се вработат некаде за плата, додека третина би сакале да започнат сопствен бизнис. На работното место младите најмногу би сакале да прават нешта кои вклучуваат работа со други луѓе, што ги карактеризира како високо социјални личности, а најмалку би сакале работата да подразбира физички напор.

Најзначајни фактори за прифаќање на работата се: 1) висината на платата, 2) интересната, предизвикувачка работа, 3) да се биде задоволен од себеси и да се постигне нешто во животот. Најпосакувана или „работа од соништата“ за невработените млади луѓе е да се биде: сопственик на бизнис или бизнисмен, директор/менаџер, адвокат, професор или доктор. Младите сакаат да работат во големи и успешни компании, со употреба на напредна технологија, со флексибилно работно време, пријатна работна атмосфера, со можности за напредување, со високи примања. Приватниот и јавниот сектор се подеднакво посакувани за вработување меѓу невработените млади луѓе. Како најголеми бариери за водење сопствен бизнис се наведени: 1) незнаење како да се дојде до финансиски средства, 2) социо-економските фактори во земјата, односно чекање на други времиња и 3) избегнувањето на ризик.

Според квалитативната анализа од истата студија, од спроведени фокус групи со претставници на бизнис секторот, агенции за посредување при вработување и младински организации, во голем дел од случаите, младите не знаат од која индустрија е дел нивната професија, или пак кои компании се водечки/успешни во индустријата, која е просечната плата во индустријата, и какви се можностите за напредување. За повисоки работни позиции компаниите генерално бараат поискусни кандидати (што значи, повозрасни), а за пониски позиции регрутираат понеискусни и помлади луѓе, за што тие добиваат почетна (пониска) плата (со исклучок на ИКТ секторот), додека од друга страна пак, младите имаат мошне високи очекувања во врска со првото вработување, како што се висока почетна плата и висока почетна работна позиција. И според анализата, честопати младите луѓе знаат да одбијат работа ако не им се допаѓаат работните услови (најчесто, висината на платата).

Резултатите од Мултиетничката истражувачка студија за младинско претприемништво покажуваат дека младите претприемачи во Република Македонија со највисока оценка ги вреднуваат следните мотиви за започнување/водење на сопствен бизнис: личен предизвик; искористување на вештините и искуството; и примена на идеите за нов производ/услуга/процес. Интересно е што сите припаѓаат на варијаблата предизвик и способности како доминантен мотивациски фактор, што воедно ни дава до знаење дека младите претприемачи во земјата се внатрешно мотивирани за претприемништво. Мотивите како финансиска заработка/богатење, општествен статус, продолжување на семејната традиција итн. се пониско оценети.

Според истражувањето за Студентското практикантство како линк помеѓу образованието и бизнисот, дури 90 отсто од испитаниците веруваат дека практикантството може да помогне за полесно вработување, но, во истата анализа, со ниска просечна вредност од 2,51 (на скала од 1 до 5) е оценета усогласеноста на наставните содржини на високо-образовните институции со потребите на работното место.

Мерки, механизми, препораки...

Покрај креирањето на работни места наменети за младите и соодветни стратегии за регрутирање на младите, се очекува приватниот сектор да нуди поголема стабилност преку сигурност на работното место и редовна плата. За понудените работни места да бидат атрактивни за младите, и за да може од нив да се бара лојалност и висок перформанс, пожелно е висината на платата да подразбира континуирано зголемување. На младите е потребно можностите за напредување во организацијата да им бидат соопштени и јасни.

Во државниот сектор, пак, пожелно е да се обезбедат (законски) предуслови за контиунуиран процес на планирање на човечките ресурси, особено во делот на редовните пензионирања, со што автоматски и плански би се отворале нови вработувања, заради пополнување на празните/ослободените работни места.

Селекцијата на млади кандидати за вработување и во двата сектори треба да биде објективна, според критериумите за селекција, односно барањата на работното место, со што ќе се промовира професионалноста како квалитет.

Потребно е да се поттикнува и потпомага претприемништвото кај младите, како и да се унапредува практикантството. И за двата засебни процеси е неопходна (формална) соработка на сите засегнати страни (на пример Министерство за образование и наука, Министерство за труд и социјална политика, Агенција за поддршка на претприемништво, Агенција за вработување, образовни институции, кариерни центри, компании, професионални здруженија...) и креирање на соодветни политики и мерки, со ревидирање на постоечките.

Од младите се очекува љубопитност и информираност за професионалните и кариерни можности коишто им се на располагање, согласно личните аспирации, способности и интереси - уште по завршување на основното образование, како и проактивен пристап во барањето на работа.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Марија Топузовска Латковиќ

Вон. проф. д-р Марија Топузовска Латковиќ работи во Институтот за социолошки и политичко–правни истражувања – УКИМ од 2006 година. Професор е на постдипломските студии по Менаџмент на човечки ресурси и на докторските студии по Организациски науки (Менаџмент) и Социологија на организација. Редовно објавува научни трудови во домашни и меѓународни научни списанија, а како раководител и главен истражувач или член на истражувачки тим, учествувала во повеќе национални и меѓународни проекти. Како член на работна група непосредно учествувала во креирањето на Националната стратегија за вмрежување, соработка и намалување на одливот на високообразовани и стручни кадри (2013-2020), како и во консултативниот процес за изготвување на Националната стратегија за млади (2015-2026). Теми од истражувачки интерес: младите и вработувањето, организациско однесување, доживотно учење, квалитет на работен живот.