fbpx

Mоралноста на криминалното низ призмата на економскиот криминалитет во Македонија

Златко Јакимовски

Јавен интерес

19.09.16

Прегледи

Златко Јакимовски

zlatkoКриминалот не би смеело да се „исплати“, односно никој не смее да профитира од своите криминални активности. Ова е основен вредносен постулат околу кој гравитира или во најмала рака би требало да гравитира секоја заедница која што пледира да се нарече општество. Самото вреднување на нешто како (не)исплатливо не наведува дека би требало да се движиме во зоната на прометот, односно реалните економски односи, што поврзано со криминалот логично е тема на интерес на економското казнено право како чиста догматско-јуридичка наука и криминологијата како првенствено социолошка дисциплина.

Јас сум силен приврзаник на идејата дека за каков било резултат потребно е да се движиме од посебното кон општото, односно да се користи методот на индукција. Прво во секој припадник на заедницата треба да се направи освежување во поглед на основните морални постулати кои ќе се рефлектираат на погледот врз економскиот криминалитет. Просечниот македонски граѓанин на економскиот криминалец гледа како на успешна личност, затоа што се снашол во дадените околности и успеал да го искористи максимумот за себе и своите најблиски. Во прилог на оваа констатација одат резултатите од истражувањето на АКТИС, објавено од „Фокус“ на 8 јули 2016 година, каде 20% од граѓаните велат дека власта е добра иако краде, но барем им дава на граѓаните, а 9% од граѓаните сметаат дека „си глупав, ако си функционер и не крадеш“. Притоа сите ние забораваме дека секое сторено кривично дело (доказ за постоење на истото е само правосилна судска пресуда) претставува брутално макар и моментално нарушување на базичните односи на мир и стабилност во дадената средина во дадениот момент.

Сите треба да сфатиме дека во објективна смисла не постои каква било разлика во дејствијата со кои некој зависник од хероин краде скапоцености како би конвертирал во пари со кои што би ги задоволил своите апстиненцијални кризи и функционерот кој проневерува милиони за да ги задоволи своите его-хирови. Значи се работи за нешто што самото по себе е нечесно, безобразно, брутално, опасно и екстремно казниво.

Промената на методот е основен предуслов за промена на структурата!

Но основниот проблем е самата оптика низ која се набљудуваат овие дејствија. Како што покажува и истражувањето на АГТИС, едните се осудуваат и казнуваат со морална санкција од околината и по пат на казнено-правната репресија од државата, додека на другите се гледа со премолчена согласност и благо одобрување. Имајќи во предвид дека македонското казнено законодавство е во добра кондиција кога станува збор за стандардите, тогаш логично проблемот се префрла од другата страна на правната норма, кај самите адресати, во нивната моралност. Всушност проблемот е во самите недостатоци на системот (a системот сме сите ние) кој на економскиот криминалец му овозможува фактички имунитет од прогон, општата клима на јавното мислење во поглед на степенот на корумпираност на власта, слабиот пенитенцијарен систем (систем за извршување на санкции), бавноста на судските постапки и неограничената имагинација на криминалот да е секогаш чекор пред органите на прогонот.

За тоа дека криминалитетот во Репбулика Македонија во голема мера се исплати говорат податоците од Државниот завод за статистика, кој секоја година прави статистики во поглед на видот на кривичните дела за кои е изречена санкција. Од овие податоци може само да се заклучи дека македонските казнено-поправни установи се преполни со лица од маргините на општеството кои што се сторители на конвенционални кривични дела како кражби и разбојништва. Тие едноставно немаат доволно финансии да возат низ лавиринтот чија крајна дестинација е избегнување на правдата, преку користењето на процесните инстурменти кои ѝ служат на дилаторната тактика на обвинетиот и неговата одбрана. Податоците од ДЗС покажуваат и дека македонските затвори се преполни со т.н. сезонски затвореници, односно рецидивисти. Тие во социологијата познати како деликвенти од навика кои што сторуваат багателни дела и ја признаваат вината само за да бидат осудени на определена казна и да имаат кров над главата и каква таква исхрана за презимување.

Другата страна на медалот ја претставува другата страна на моралноста или другата страна на доброто и злото, нешто за што говори германскиот филозоф Фридрих Ниче. Доколку сето тоа го сведеме на условите на нашето современие имаме ситуација во која што никој нншто не работи, нема празен локал во градот, а притоа се возат луксузни автомобили од страна на лица со сомнителен бизнис бекграунд. Тоа и личност на граница на економска писменост може да го окарактеризира како криминално. Нешто што ако не спаѓа во црната економија, тогаш сигурно претствува определена активност која е „сива“ како мозочни ќелии кои се уништени од синтетичка дрога. Македонскиот економски потенцијал едноставно нема сила да издржи такво нешто, но сепак отсуствува определена репресивна и казнено-правна реакција од институциите.

Затоа ние денес живееме во време на „апсолутен (мало)граѓанско-електронски елитен фашизам“, кој што нема врска со реалноста. Тоа е систем на колективно лажење манифестиран низ социјалните мрежи, каде нашите (мало)граѓани и експонирани личности (бизнис, политичка и интелектуална елита) главно говорат за некоја рамноправност, солидарност со Франција итн. А кога ќе дојдат дома ќе ги претепаат своите жена и деца, на соседот ќе му речат дека е „аутистична педерчина“ и им наредуваат на своите лични-возачи да ги истепаат децата од ромска припадност затоа што сакаат да им ја измијат шофершајбната. Добредојдовте во Македонија, место кадешто постои тенденција за константно капитулирање пред дадените околности, манифестирано како определена неутралност. Впрочем ние сите наши неуспеси ги правдаме со нашиот менталитет, таков ни е менталиитетот. Овој систем единствено им одговара на оние кои во нормални општествени услови би можеле да бидат портири, евентуално градежници. „Благодарение“ на аморалност на просечнииот граѓанин, тие се класичниот прототип на успешен бизнисмен, кој во своето портфолио има повеќе измами отколку години на образование. Тие го носат епитетoт на филантроп, политичар или јавна личност, притоа заборавајќи дека сето е само затскривање на материјалниот супстрат на криминалното кое се јавува како последица од преголемата доза на аморалност кај неутралните ликови во општеството.

blog

Превреднување на вредностите!

Убеден сум дека македонскиот систем на вредности доживува длабока декаденција и дека е дојден денот кога треба да имаме превреднување на сите вредности, бидејќи тоа е единствениот начин општеството да доживее катарза. Тоа достигнување на определена општествена атараксија ќе биде возможно да настапи во оној момент кога секој кој се огрешил кон законот ќе превземе одговорност за своето противдолжносно формирање на волјата и нејзина манифестација во надворешниот свет чија што еманација е самото казнено дело.

За воопшто да говориме за овој концепт на духовно прочистување на општеството, како би можеле да си го поставиме исконското прашање, која е моралноста на криминалното, нужно сме упатени да ја промениме оптиката и аголот на опсервација. Тоа значи дека од личноста треба да се свртиме кон самото кривично дело. За нас би требало да биде подеднакво дали сторителот е маргинализиран зависник од хероин или можеби јавен фукционер за кого гласале илјадници граѓани на избори. Единствено нешто што е важно е самата општествена опасност на постапките, односно дека се работи за кривично дело. Интересна од оваа гледна точка за нашата ситуација е т.н. апсолутна теорија на казнувањето (Кант, Хегел), која вели дека дури и општеството да реши дека утре ќе се распадне, тоа не го менува фактот дека последниот осуден на смртна казна треба да биде егзекутиран. Нормално, истава теорија треба да биде модификувана од аспект на времето во кое што живееме и стандардите на човековите права воспоставени со домашното и меѓународното право за правата на човекот.

Решението е во категоричкиот императив на неодобрување!

Секогаш има решение кое се наоѓа во воспоставување на основен морален и категорички императив на неодобрување на се` што е објективно нечесно, валкано, а тоа е единствено возможно со ресетирање на моралноста во секој од нас. Ако не можеме да го промениме светот, можеме да го промениме својот поглед на светот. Ако сме успеале во тоа, значи дека ни е добро. Тоа е предуслов затоа што институциите од кои што се очекува реакција се само збир на индивидуи. Дури потоа следи реформата на законодавството, персоналното преструктурирање на институции и нивното функционално јакнење.

Тоа е процес кој е неопходен како општеството би било саморегенерирачки систем, кој би го отстранувал туморот од здравото ткиво. Она што можеби е опасно е фактот што сме дојдени во степен каде што туморот е поголем од здравото ткиво. Но не ни останува ништо друго освен да се надеваме преку борба.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Златко Јакимовски

Златко Јакимовски е докторанд на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Во текот на додипломските студии на Правниот факултет престојувал неколку месеци на Универзитетот Ломоносов Москва и работел како правен советник во неколку адвокатски канцеларии. Бил анагажиран како предавач во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“ по предметот Вовед во правото како надворешен соработник на НВО „Коалиција сите за правично судење“. Јакимовски учествувал и бил говорник на неколку конференции и семинари.