Дубравка Валиќ Недељковиќ
Не може да се каже дека поджанрот на божиќни романтични филмови котира високо на листата на светски кинематографски достигнувања. Тие филмови повеќе се празничен серијал, дури и со истите актери, во разни улоги, со различни филмски заплети, кои секоја вечер прават да се чувствувате посреќно и порасположено, малку повеќе оптимистично, но не и катарзично.
Филмската писменост, како дел од медиумската писменост, денес е една од важните теми во работата со младите. Филмовите што се емитуваат на големите платна во кино салите, како и ТВ-филмовите кои стануваат продукција сама по себе со сите перформанси на граматиката на јазикот на телевизијата, заземаат значајно место во трошењето на буџетот за слободно време посветен на забава и „бегство“ од посттранзициското секојдневие оптоварено со толку многу животни тешкотии што подвижните слики понекогаш се единствениот и најлесен начин да се дојде до „простор“ во кој се „живее“ во еден поинаков, поподнослив свет. Во свет каде што секој може да биде некој друг барем во 90-те минути додека трае филмот.
Програмите за филмска писменост, која инаку е првиот вид писменост што е ставен во фокусот кога станува збор за оспособување на публиката за деконструкција на аудио-визуелни пораки, денес се спроведуваат на целиот Балкан и тоа од предучилишна возраст, потоа со ученици од основно и средно училиште, па сè до општата заинтересирана публика.
Медиумските стручњаци и истражувачи одамна утврдиле дека пораките што се испраќаат имплицитно, преку филмската содржина, се многу поделотворни отколку оние што се испраќаат преку информативни и едукативни медиуми. Ова укажува на сè поголема потреба и важност на учењето како да се деконструираат филмските пораки.
Овие празнични денови, телевизиската публика е „преплавена“ со нов поджанр на божиќни филмови. Станува збор за многу обемна продукција на „романтичен бел Божиќ“. Оптимизам и дух на мир, љубов, соработка, заедништво, изобилство од секаков вид, се пораките што овие филмови ги испраќаат, преполни со клишеа и стереотипи, што ги прави нов поджанр. Целта е, во екот на славење во циклусот на годишните христијански празници, да се чувствуваме, во просек, помалку „јадно“ и да ги заборавиме сите тешкотии од секојдневието, во кое за некои луѓе празниците повеќе се оптеретување отколку задоволството.
Богатата историја на филмот како медиум со нова јазична форма, развиен во текот на 20 и 21 век, се заснова на аудио-визуелен јазик со спецификите на граматиката на филмскиот јазик и дискурсните стратегии на диегетската нарација, поточно на самата содржина на приказната преточена во филмска нарација обележана со разни клишеа, стереотипи и понекогаш, за жал, предрасуди кон она што е поинакво и различно.
Филмски жанрови
Низ историјата на кинематографијата, се развиле различни жанрови во однос на содржината. Најпродуктивните и најгледаните филмови според HBO и најдобрите филмови од 21 век по избор на новинарите на угледниот англиски весник „Гардијан“ може да се најдат на HBO GO, како и на разни други страници кои нудат листи на „нај…“ поделени по жанр.
Се разбира, понудата на третокласни, добри, подобри и најдобри филмови е навистина голема. Од пред неколку години им се придружи и нов поджанр на божиќни филмови. Станува збор за божиќни романси и мелодрами со задолжителен среќен крај, кои настанаа пред само неколку години.
Божиќни филмови: Нов поджанр - божиќна романса и мелодрама
Од 1 ноември 2019 година, кабелскиот филмски канал ДИВА, рекламира 70 божиќни мелодрами, што е далеку повеќе од претходните години, и дури 24 овогодишни премиери на телевизиска продукција на филмови од оваа област, кои ќе ги емитува до 1 јануари 2020 година. Му се придружуваат и кабелските канали Fox Movies и Pink Movies, но со многу послаба понуда.
Сепак треба да се напомене дека божиќните филмови се дел од понудата уште од самите почетоци на кинематографијата. На пример, по романот Scrooge or Marley's Ghost („Скруџ или духот на Марли“) на Дикенс, направен е филм уште во ноември 1901 година. Оваа поучна приказна, која нè мотивира да размислуваме за тоа што сме направиле во животот досега и како да се однесуваме, со оптимистичката можност дека со помош на „божиќно чудо“ ќе успееме навреме да го смениме нашиот став кон околината, е екранизирана безброј пати и се транспонира во различни периоди со различни ликови, но секогаш со истата приказна за трите духови (минатото, сегашноста и иднината) и со истата поента. Тој е зачетокот на поджанрот на божиќни филмови, кои се фокусираат на преиспитување на своите ставови за време на божиќните празници.
Другиот поджанр на божиќни филмови е оној за самиот Дедо Мраз или Санта Клоз или како и да се нарекува тој симпатичен, добродушен дедо со долга седа коса и брада кој ни ги исполнува желбите еднаш годишно и носи подароци. Режисерите се осврнале на најразлични теми, од, на пример, серијалот на побегнатиот Дедо Мраз, до ќерката на Дедо Мраз, злобниот Дедо Мраз, потрагата по Дедо Мраз без која нема Божиќ и така натаму.
За разлика од овие филмови кои ги пополнуваа термините на кабелските телевизии за време на божиќните и новогодишните празници до пред само неколку години, а сега скоро и да исчезнаа од екраните, заменети се со нов поджанр на божиќна романса. Во овој нов поджанр Дедо Мраз е спореден лик, а фокусот е ставен на млади луѓе кои поради некоја причина го сакаат или не го сакаат Божиќ и задолжително се вљубуваат во текот на 90-те минути на продукција преплавена со клишеа, почнувајќи од заплетот, поединечните епизоди, ликовите, начинот на кој глумат главните и споредните ликови, местата на дејствието, задолжителните „реквизити“.
Заплет
„Духот на Божиќ“, најсреќниот христијански празник, ја носи пораката „Христос се роди, мир меѓу луѓето со добра волја“. За време на Божиќ, традиционално оние кои се скарани се смируваат, се зајакнува колективниот дух и заедништво. Особено се истакнува добротворноста, помагањето на оние на кои им треба помош, но овој празник е обележан и со „чуда“ (задолжителната реченица за крај во секој филм е “That is the spirit of Christmas” („Тоа е духот на Божиќ“)) како што се ненадејни средби, љубови, ненадејно враќање на одамна изгубени пријатели, роднини, симпатии од училишните денови. На Божиќ, татковците неочекувано се враќаат од долг пат, најчесто од војска од некое кризно подрачје, а децата, по долго отсуство, се враќаат дома и наоѓаат нова „вечна“ (forever) љубов.
Извор: wbsu.ac.in
Сето погоре е прикажано во божиќните филмски романси со задолжително трауматично искуство на Божиќ од младоста, кое преку филмската приказна носи ново видување на празникот како среќно „чудо“ кое ги зближува луѓето. Причината за овој пресврт е средбата со личност која многу го сака Божиќ и станува предмет на симпатија, а потоа и на љубовен занос, по низа перипетии.
Многу често станува збор за губење на некое омилено место затоа што сопствениците се стари или починале, или поради банкротирање (на пример продавница за играчки, или слаткарница, пансион каде за време на зимските празници Божиќ секогаш се славел на некој специфичен и романтичен начин) и секако напорите на целата заедница. под умешното водство на главниот женски лик, да се обнови стариот сјај. Честопати главниот женски лик на крај го презема местото и одлучува да остане во гратчето, иако има успешна кариера во некој мегалополис како Њујорк или Бостон и во тој момент чека да го добие најавеното големо унапредување.
Поединечни епизоди
Во сите филмови од овој поджанр, задолжителни се епизоди како: купување „божиќно дрвце“ со можните опции „не сакам дрвце“, „ти подарувам дрвце како израз на симпатија“ итн.; осветлување на сијаличките на „божиќното дрво“ (најчесто станува збор за огромна елка) на плоштадот во некој мал планински град или во домот. Поставување украс-самовила, или ѕвезда, на врвот, ова секогаш го прави главниот лик, како посебна чест. Правење божиќни медени колачиња со ѓумбир и слатка куќичка, како и натпревар кој ќе ги направи најдобрите. Печење мисирка со сите варијабли како што се загорување, ручекот доцни затоа што мисирката не била извадена од замрзнувачот на време, машкиот главен лик го учи женскиот како да ја подготви мисирка затоа што „таа“ никогаш не го правела тоа, а „тој“ е исклучително вешт и многу сака да готви. Пеење божиќни песни. Правење какао/топло чоколадо, како мост за воспоставување „потопла“ комуникација. Лизгање на отворено, првиот знак на зближување. Бакнежот под имелата и во тој момент почнува да паѓа снег, дури и кога Калифорнија е во прашање, како материјализиран одраз на „божиќното чудо што го претвора Божиќ без снег во задолжителен бел Божиќ“.
Место
Речиси во сите филмови од овој вид, дејствието е сместено во романтично мало зимско туристичко гратче. Во неколку филмови, забележани се исти кадри од пејзажи под снег, често завеани по снежното невреме што ги спречува оние кои се на минување да продолжат таму каде што планирале да одат пред Божиќ.
Ликови
Главниот женски и машки лик се: без партнер, кариерата им е сè во животот; или разведен самохран родител (без оглед дали е мајка или татко) кој се грижи за детето со најголемо внимание, но е осамен/а и не гледа излез. Вдовец или вдовица со деца, во длабока жалост за починатиот партнер. Сите тие на крајот ќе најдат сродна душа со помош на „божиќно чудо“ и ќе престанат да водат осамен живот со бакнеж под имела.
Споредните ликови се децата кои сакаат нивниот самохран родител да најде нов партнер. Искуството нè учи дека во реалниот живот, децата секогаш се обидуваат да го спречат тоа.
Добронамерно постаро лице, или лица кои водат романтичен пансион, задолжително изграден од дрво, или продавница, или прават најдобри медени колачиња, или подготвуваат божиќна претстава по романот на Дикенс и секако ги советуваат главните ликови да се препуштат на „духот на Божиќ“.
Сите ликови постојано се смеат во сите ситуации низ целиот филм. „Гримасата“ на насмевката е толку впечатлива што во извесна смисла станува „некако иритантна“, иако целта е веселото расположение да сведочи за „добриот дух на Божиќ“ („The spirit of Christmas“).
Реквизити
И на крај, без што не се може за време на божиќните празници?
„Божиќното дрвце“ („Christmas tree“) опредметено во елка или бор. Борот, општо зимзелените дрва, се симбол на долговечност, бесмртност, животна сила во сите древни култури, а „дрвото“ претставува универзална супстанција. Во католицизмот, дрвото е синоним за крстот, а синоним е и за знаење во некои древни култури (J. Chevalier и A Gheerbrant Riječnik simbola, Nakladni zavod Matice hrvatske, 1983:58, 130).
Имелата е симбол на исцелување, како и енергичност, физичка препородба, бесмртност (Rečnik simbola 1983: 205). Имајќи ја во предвид симболиката на имелата, јасно е дека на крајот на секој филм што е „божиќна романса“, главниот машки и женски лик се бакнуваат под имелата по толку многу претрпени опструкции од разни страни.
Кометата која во последната сцена среќниот вљубен пар ја гледа низ вејавицата како прелетува низ небото според Речникот на симболите (1983:268) ги најавува тешките настани што ѝ се закануваат на целата заедница, но во христијанството Халеевата комета го најавила најсреќниот настан - раѓањето на Исус Христос. Значи, нов почеток, па оттаму тоа би го зеле како филмската симболика.
Медот од кој се прават задолжителните медени колачиња, особено во комбинација со млеко, ја означува среќната „ветена земја“. Медот е исто така основна состојка во медовината, што е пијалак на бесмртноста. Медот е и духовна храна на светците и мудреците. „Медот на сознанието ја враќа среќата кај човекот и луѓето“ (Симбол речник 1983: 395).
Покрај овие древни симболи на сè што е добро во романтичните божиќни филмови, има и задолжителни предмети како „симболи на потрошувачката култура“ како што се: снежна топка, смешен џемпер со божиќни мотиви, Снешко Белчо, венец на влезната врата, свеќи, лизгалки и куќи потполно украсени и осветлени со шарени сијалички, претерано до степен на кич.
Слаткоста на понудата
Не може да се каже дека поджанрот на божиќни романтични филмови котира високо на листата на светски кинематографски достигнувања. Наместо тоа, станува збор за празничен серијал за рекреација, дури со истите актери, во разни улоги, различни филмски заплети создадени според строго утврдени правила, кои секоја вечер прават да се чувствувате посреќно и порасположено, малку пооптимистично, но не и катарзично. Тоа нималку не им одзема од шармот и желбата на публиката да им го посвети своето слободно време.
Се разбира, во новогодишно-божиќната понуда, овие филмови се посимпатични од повеќето други филмски жанрови, затоа што на некој имплицитен начин ви ја будат надежта за „божиќно чудо“ со кое нештата можат да бидат подобри, иако сте свесни за секое клише и „слаткоста“ на понудата, веќе откако сте ја изгледале по третпат, ви се чини толку претерана што станува горчлива, а вашето секојдневие уште појасно изгледа тешко. Сепак, и натаму упорно ги гледате.
Како и да е, нека ви се среќни празниците, пропратени со божиќен романтичен филм! Уживајте и бидете свесни за пораките што ги испраќаат. Најмногу за оние дека „никогаш не е доцна за вистинската љубов“.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот