Постои нужна потреба од прилагодување на студиските програми, соодветните силабуси и наставниот курикулум на реалната потреба на пазарот на труд во државата.
Брзиот развој на современите технологии за помалку од деценија рефлектираше крупни промени во многу сфери и затоа се воспостави и релативно новиот концепт, т.н. одржлив развој, а се однесува на диспаритетите меѓу стапките на населението, животната средина, енергетиката и макроекономијата. Тој е тесно поврзан со концептот човечки капитал, бидејќи заедно упатуваат на нивото на животниот стандард на населението, јазот во вештините и нееднаквостите меѓу различните слоеви во општеството.
Ако се обидеме да ги објасниме нашите позиции во оваа динамка, ќе постигнеме консензус дека за успешен опстанок, нам нѝ е потребно долгорочно прилагодување на околностите. Впрочем и социо-биолошката парадигма во антрополошкиот дискурс нѐ упатува на истата констатација.
Ќе успееме - ако се прилагодиме
Овој секојдневен термин, „прилагодување“, применет во контекст на работните места во современите корпорации и јазот меѓу вештините, како во светот, така и кај нас, се однесува на веројатноста за ефективна примена на знаењата, податоците и способности стекнати низ формалниот образовен систем.
Односно, во ситуациите кога ќе се соочат со решавање конкретни работни предизвици и надминување на евентуални пропусти во комуникацијата и делувањето, воопшто. Навистина, постојат многу парадокси што го следат овој тек, како на пример прашањето „на што се должи ситуацијата во која кога работиме согласно професионалната ориентација, најчесто, сите потребни вештини ги учиме одново преку обуки, а речиси за мноштво од знаењата што сме ги акумулирале низ текот на формалното школување - да не се создадат соодветни околности да ги примениме“.
Со паметно прилагодување - формираме подобри заедници за живеење
Прашањето за функционалната писменост е проблематика што се мониторира на повисоко ниво, се споредува и анализира од страна на Организацијата за економска соработка и развој. Методологијата што се применува тука опфаќа јасно дефиниран примерок, прецизно поставени параметри и соодветно мерливи и споредливи индикатори, во точен временски пресек, меѓу државите во светот.
Овие показатели се тесно поврзани со нивото на одржлив развој на националните држави. Тие се однесуваат токму на „потенцијалот на т.н. човеков капитал“. Овој концепт е посебно значаен показател за успешна имплементација на јавните политики за образование и наука, социјален, демографски и макроекономски развој и истиот е внимателно следен и прецизно одреден од страна на Организацијата на обединетите нации.
Тука, се земаат предвид неколку композитни индикатори и истите се следат според однапред утврдени статистички и социолошки индекси, по земји. Затоа земјите кои бележат високо ниво на развој (од технолошки, енергетски, еколошки, економски, демографски, социјален, инклузивен, политичко-правен, медиумски, демократски и културен аспект) всушност имаат квалитетен образовен систем, благи разлики меѓу слоевите и стабилна средна класа, стимулативен мерит - пристап и најважно, високи стапки на функционална писменост на населението и ниски стапки на невработеност.
Нема да згрешиме ако констатираме дека тие се успешни - бидејќи имаат ефикасен корпоративен свет.
Извор: pixabay.com
Но, во случајот со македонското општество, споредбените анализи упатуваат на констатацијата дека статистички гледано, нашата земја, во просек по средни вредности за HDI се наоѓа некаде кон средината. Различни извештаи кои се однесуваат на подобрувањето на состојбите (кои посебно ги следат нивото, рангот и квалитетот на образованието) во своите препораки ја нагласуваат важноста на потребата од поефикасна интеграција на работната сила, преку воспоставување рамнотежа помеѓу образовните програми и реалната потреба на пазарот на трудот.
Постои потреба од прилагодување на студиските програми, соодветните силабуси и наставниот курикулум на реалната потреба на пазарот на труд во државата. Ова упатува на потребата од имплементација на долгорочна стратегија за успешна интеграција на младите на пазарот, а со тоа целиот човечки капител ќе се стави во функција на макроекономска стабилност и ќе се намали и трендот на иселување на младата работоспособна сила.
Дали учиме како да работиме, или учиме само што да работиме?
При вработувањето, она што со сигурност ќе ја одреди перспективата на новото работно место, а често се премолчува, е токму капацитетот за прилагодување на специфичните софтверски пакети и независно служење со новите технологии.
Тие, како и квалитетот на меѓучовечката комуникација и цртите на личноста се латентни елементи на функционалната писменост. Функционалната писменост значи способност да се примени академското знаење во конкретната организација. Затоа, претставува конститутивен елемент на концептот за доживотно учење.
Концептот за функционална писменост е мултисекторски, а неговата предност е во прагматичноста. Затоа, кај врамувањето на студиските програми, секоја високообразовна установа до некаде е слободна при изборот на прашањето што од предметите вон-струка ќе влезе, а што - ќе отпадне од потесен круг.
Современите организации во различни сектори и од различни региони се карактеризираат со неколку универзални процеси како што се: динамичност, флуидност, промени и глобална поврзаност. На која страна ќе бидат позиционирани во спиралата на развој зависи од ефективната примена на конститутивните елементи од концептот на организациската култура, а на кое ниво од кариерниот развој ќе бидат позиционирани вработените зависи од нивниот капацитет на функционална писменост.
При тоа се зема предвид фактот дека секој вработен доаѓа од различна субкултурна средина (различни образовни институции, работни места, семејства, но и различни амбиции и потреби) и важно е да помине процес на селективна социјализација за формирање на професионалниот идентитет во светло на принципите, вредностите и правилата, идеите, целите и мисијата на конкретната организација. Така на пример, за да се постигне високо ниво на ефективна групна динамика, секторите за управување со човечки ресурси користат социометриски техники и психодрамски вежби во опфат на програмите за прилагодување на новите вработени.
Но, денес, голем број работни позиции се со физичка дистанца, што значи дека стереотипните форми во организациите ги менуваат своите форми на работа (на пр. администрациските формулари за работа, како и менторските системи на директен надзор) и оттука е важно младата работна сила да биде соодветно функционално оспособена за самостоен и ефективен одговор на предизвиците во секојдневното работење. Секако дека се смета за предност овозможувачката околина за раст и развој во кариерата, а тоа подразбира капацитет на организациите да поддржат семинари, доквалификации и слични форми на кариерно унапредување.
Но, создавање на квалитетен човечки капитал на ниво на демографска структура во општеството, примарно, треба да биде во ингеренции на образовниот систем. Тоа опфаќа ниво на квалитетни образовни програми компатибилни со реалната потреба на пазар на труд, кои содржат контактни предмети во кои влегуваат токму овој збир на знаења и вештини.
Во практиката, феноменот на работни биографии полни со многу и различни работни места, но со кратки интервали во работењето, може, но не е правило да бидат поврзани и со недостаток на функционална писменост.
Затоа, во стратегиите за одржлив развој на образованието, при имплементацијата на долгорочните мерки и активности за поттикнување на продуктивноста на пазарот на труд, неопходно е да се земе предвид местото и улогата на предметите за функционална писменост во кариерниот развој на младата работоспособна сила на ниво на демографска структура во општеството.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.