fbpx

Граѓаните му „пресудија“ на (право)судството – се задолжува да се подобри!

Поткасти

Ин медиас рес

31.01.25

Прегледи

Граѓаните му „пресудија“ на (право)судството – се задолжува да се подобри!

Поткаст | Ин медиас рес | 31 јануари 2025

Судството, правосудството, довербата во судството, владеењето на правото, корупцијата... Ретко кои теми се секогаш актуелни и релевантни како што се овие во јавниот дискурс. Исто така, ретко кои теми предизвикуваат „реформски замор“ (reform fatigue) како овие. Едноставно, бројните информации кои циркулираат во јавноста, скандалозните вести, неуспехот во борбата со корупцијата и организираниот криминал, анализите и измените во законите наспроти недостатокот од резултати доведуваат до аверзија кај граѓаните, ја зголемуваат недовербата во судскиот систем, правосудството и институционалниот поредок воопшто, т.е. ја намалуваат надежта за подобро утре.

Во оваа епизода се осврнуваме на овие теми. Ја наоѓаме точката на поврзување помеѓу состојбите во судството, владеењето на правото и борбата против корупцијата. Пораката е јасна – владеењето на правото и успехот во борбата против корупцијата се невозможни без независно судство, судство кое работи професионално и квалитетно, но и подобрување на состојбите во правосудството воопшто. Се обидуваме и да ги расветлиме состојбите во судството (па и правосудството пошироко). Зборуваме за (не)успехот на реформите во судството во минатата деценија, па и поназад, за Судскиот совет кој за жал ретко кој го перципира како заштитник на судската независност, за судската култура и немоќта на судството да се избори за сопствените интереси, иако судската власт егзистира паралелно со извршната и законодавната, а не под нив.

Дискутиравме и за измените на Кривичниот законик од септември 2023 година и непоправливата штета што тие ја предизвикаа во борбата со корупцијата. Објаснивме што, впрочем, овие измени значат. Дури, овие измени се интерпретираат и како упад во работата на судовите кои воделе постапки за организиран криминал и корупција во тој момент.

Гости во оваа епизода се Дарко Аврамовски, извршен директор во Коалиција Сите за правично судење и Јелена Кадриќ, извршна директорка на Институтот за човекови права.

Заклучивме дека ни претстои уште долга борба за подобрување на состојбите во овие сфери и дека судството допрва треба да се наметне како власт, покрај извршната и законодавната власт.