fbpx

Интеграција со сегрегација во македонското образование

Соња Стојадиновиќ

Јавен интерес

Образование

10.05.16

Прегледи

м-р Соња Стојадиновиќ

Sonja Stojadinovic 200x250Врвот на уништувањето на образовниот систем во Македонија се достигна со масовната и политички поттикнатата сегрегација која се врши по етничка основа. На почетокот на 1990-тите, имаше основни и средни училишта во кои учеа деца од различни етнички групи, иако разделени по смени, како во средното училиште „Зеф Љуш Марку“ во Скопје и во основното училиште „Братство Миѓени“ во Тетово. Денес, училиштата се физички раздвоени и во нив учениците освен со припадници од својот етникум, не се сретнуваат ниту се дружат со деца од други етнички заедници.

Во 2010 година, Владата донесе Стратегија за интегрирано образование којашто изминатите години се спроведуваше со странска поддршка низ три проекти: Проектот за меѓуетничка интеграција во образованието (ПМИО) што го реализира Министерството за образование и наука, Нансен моделот за интегрирано образование (НМИО) и Фондот „Градиме мостови“. Евалуациите на овие три проекти, реализирани од 2011 до 2015 година, покажуваат дека целата состојба стагнира, а некаде и уназадува.

Според евалуациите, генератор на проблемите е локалната самоуправа, која не постапува во рамките на надлежностите добиени со процесот на децентрализација. Повеќето општини не се заинтересирани за финансирање на активности во училиштата кои се предлагаат од наставниците, децата или родителите, но и не сакаат да се вклучат во организирање активности за да не сносат одговорност.

И Министерството за образование и наука (МОН) останало глуво за финансиските потреби и проблеми на училиштата, како и за нивните интереси и предлози во наставата. Министерството само во ретки случаи прифатило предлози за измени во наставната програма или вон-наставните активности од училиштата од внатрешноста.

Локалната власт и интегрираното образование

Независен тим на истражувачи ги лоцираше изворите на проблемите кои ја продлабочуваат сегрегацијата во македонското општество во истражувањето „Улогата на локалната власт во интегрираното образование во Република Македонија“, кое беше реализирано од ноември 2015 до јануари 2016 година.

Истражувањето првично се базира на теоријата на контакт, според која со директните контакти помеѓу учениците полесно се совладуваат и отфрлаат сите постоечки бариери, без разлика дали се базираат на различноста во јазикот, религијата или културата. Сепак, решенијата за проблемот со сегрегацијата во училиштата во Македонија не се само во создавањето на директен контакт помеѓу учениците, туку и помеѓу сите останати учесници во образовниот процес, како што се наставниците, родителите и општините.

Истражувањето нотира структурни слабости во целосната поставеност на системот којшто го централизира финансирањето, ја гуши самоиницијативноста и го обременува наставниот кадар со бирократија на сметка на креативноста и слободата на работата со децата. Самите законски рамки кои го регулираат образованието, осoбeно основното образование, заедно со системот на финансирање на училиштата ги продуцираат проблемите и ограничувањата.

Имено, училиштата се финансираат преку блок дотации од буџетот на државата, а висината на дотациите зависи од бројот на жители во општината, бројот на ученици и густината на населението. Но начинот на пресметка на дотациите ја одредува локалната самоуправа, која многу често не ги зема предвид реалните финансиски потреби на училиштата, односно на нивните ученици и наставници. Така, настануваат ситуации во кои училиштата остануваат без греење во зимскиот период или наставниците се принудени да купуваат основен работен материјал со свои пари.

Недостатокот на финансии го отежнува и организирањето на екскурзии и воннаставни активности кои секако можат да придонесат за директниот контакт на учениците, наставниците и родителите. Дополнителна пречка е процедурата за изведување на екскурзија, која налага распишување на тендер за избор на агенција која ќе ја организира, потоа екскурзија од два или три денови да биде ограничена само на трето, шестто и деветто одделение, а целата програма на екскурзијата да биде најавена уште на почетокот на училишната година. Реализирањето на екскурзиите во основните училишта е регулирано и со посебен Правилник, кој произлегува од Законот за основно образование и кој предвидува список на локалитети одобрени за посета. На списокот нема џамии и споменици од Народно-ослободителната борба, а преовладуваат цркви, манастири и антички локалитети.

Што да правиме?

Вака поставениот систем на функционирање на основното образование не остава никаков простор за слободно делување на наставниците во вон-наставните активности на учениците – ниту да предложат, ниту да реализираат. Таквата супресија директно влијае на сегрегацијата во образованието и не создава простор во кој учениците ќе се образуваат и делуваат без разлика на етничката припадност. Затоа, во истражувањето „Улогата на локалната власт во интегрираното образование“ се нудат неколку мерки со кои директно ќе се влијае на зголемување на интеграцијата во образованието.

Треба да се отстапи повеќе простор за реализација на иницијативи за вон-наставни активности кои се предложени од наставници и родители. Но претходно мора да се ревидира Правилникот за изведување на екскурзии во правец на секуларизација на списокот на локалитети одобрени за посета.

Општините треба да издвојуваат поголема сума од нивните буџети за поттикнување и реализација на вон-наставни активности, а кои нема да се базираат на етничката припадност на учениците. Исто така општините треба да преземат поголема одговорност во учевството во вон-наставните активности во училиштата и да даваат поголема поддршка за предложените активности од родителите и наставниците.

Системските грешки не се решаваат само од горе надоле, туку и од доле нагоре. Системот е создаден, пред се`, за луѓето и ако не се активираат учениците, наставниците, родителите и општините, тешко дека некој од „горе“ може да ги реши проблемите кои се таложат „доле“.

 

infografik


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Соња Стојадиновиќ

Соња Стојадиновиќ е родена во 1979 година во Велес. Таа е дипломиран политиколог на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, кадешто магистрирала на отсекот Меѓународна политика на тема „Ненасилната борба во политиката: фактори за успех и неуспех“. Работи како фриленс автор за хрватските регионални портали Lupiga и Bilten и е активист на левичарското движење Солидарност.