fbpx

„Кембриџ“ треба да се прилагоди на возраста на учениците

Ирена Христовска

Јавен интерес

Образование

26.05.17

Прегледи

М-р Ирена Христовска

irena hristovska 200x250Реформи во образованието секако дека се потребни, но тие треба да се базираат на цврсти докази поткрепени со позитивни резултати за напредок. Можеби е кус периодот од воведувањето на најкрупната реформа во образованието, адаптираните програми според Кембриџ. Сепак, досегашното искуство покажува дека тие треба да се реорганизираат.

Во Република Македонија постојано се воведуваат реформи во воспитно-образовниот систем. Целта на реформите е да се унапреди воспитно-образовниот процес и да се добијат квалитетно образовани кадри. Една од последните реформи кои се направени се адаптираните наставни програми по математика и природни науки од Меѓународниот центар за наставни програми на Кембриџ (Cambridge International Examination Centre). Реформите секогаш почнуваат да се воведуваат во основните училишта. Интересно за овие програми е тоа што, воведувањето започна од таму „кој – каде стасал“. Имено, не почна од почеток, од прво одделение, туку едноставно се воведе од учебната 2014/2015 година за учениците од прво до трето одделение. Па, кој имал среќа таа учебна година да се запише во прво одделение почнува да учи и по нови програми. Но, што е со учениците кои таа учебна година почнуваа второ и трето одделение? Учениците кои дотогаш учеа по страрите програми, од таа учебна година, без никаква подготовка и преод, почнаа да учат по нови програми.

Целиот тој процес се одвива сукцесивно во тријади. Имено, од 2014/2015 беа опфатени ученици од прво до трето одделение, од 2015/2016 - ученици од четврто до шесто одделение, за оваа учебна 2016/2017 година да се адаптираат програмите по математика, физика, биологија, хемија за учениците од шесто до деветто одделение. Од учебната 2017/2018 година, веќе ќе бидат опфатени и средните училишта.

Проекти кои и претходеа на Кембриџ програмата

Квалитетното образование зависи од повеќе фактори: квалитетни и соодветни програми, учебници со стручно проверена содржина, достапни ресурси (обезбедени од училиштето), дидактички помагала, соодветни услови за работа, оптимален број ученици во паралелка... И, се разбира, квалитетно образован и стручен наставен кадар.

Во основните училишта постојано се имплементираат проекти, кои имаат за цел да се подобри квалитетот на наставата и учениците да се стекнат со квалитетни и трајни знаења. Тука се вбројуваат: интерактивна настава - активно учење (каде учениците по пат на истражувачка работа самостојно носат заклучоци); математика и природни науки, кој потоа се преобрази во математика со размислување?! Па, се поставува прашањето: Зарем досега нашите ученици не размислуваа? Потоа, проектот за јазична писменост, па сега - Со читање до лидерство, Библиотека на тркала... И повторно добиваме поразителни резултати. Која е причината? Каде грешиме во овој важен, ако не и најважен сегмент во општеството – образованието?

Сите овие проекти се користат како методи во работата на наставникот. Но, за да се воведе некоја промена на глобално ниво, која ќе важи за сите ученици во државата е голем чекор, на кој секако мора да му претходат детални и стручни истражувања.

„Кембриџ“ не е новина

Според Бирото за развој на образованието (БРО), главните карактеристики на адаптираните наставни програми по предметите математика и природни науки се: спирална наставна програма, научни истражувања и решавање проблеми.

Сите овие набројани карактеристики се во ред. Но, наведените проекти укажуваат на фактот, дека сево ова е реализирано во наставниот процес токму преку нив.

Спиралниот систем, кој се промовира преку Кембриџ програмите, подразбира дека се враќаме на одредена тема после одреден број часови, но на повисоко ниво. Ништо ново! Тоа наставниците го реализираат на часовите за повторување на одредена тема (тематско повторување). Новината, според Кембриџ програмите, е тоа што повторувањето на одредена тема е на повисоко ниво (што би требало да значи проширување и продлабочување на знаењата). Што би се рекло меѓу народот: „Повторувањето е мајка на знаењето“. Но, ако тоа знаење не е заокружено, ако нема логичка целина и ако само се „скока“ од една тема на друга, кај учениците се создава конфузија и недоверба во сопствените знаења.

Наредна карактеристика на Кембриџ програмите, според БРО, е оспособување и развивање на научно-истражувачките способности на учениците - карактеристика која е претходно реализирана со интерактивната настава. Според адаптираните програми по Кембриџ, целта е да се создадат идни научници, кои преку истражувачка работа ќе дојдат до сопствени заклучоци со помош на наставникот. На тој начин имаме интерактивна настава и активно учење, проект воведен во наставниот процес во доцните деведесетти години на минатиот век и на почетокот од двеилјадитата година.

Адаптираните програми според Кембриџ, исто така на учениците ќе им помогнат да ги решаваат проблемите од секојдневниот живот. Според БРО, ако учениците ја сфатат важноста на математиката и природните науки, тоа би им помогнало во решавањето на проблемите од секојдневниот живот. Оваа карактеристика отвора едно интересно прашање: Дали математиката и природните науки се клучни за решавањето на проблемите од секојдневниот живот? Да, тие се секако важни, но се само еден сегмент кој помага во начинот на изнаоѓање решенија за проблемските ситуации во животната практика. Според Кембриџ програмите, проблемски ситуации не се ништо друго, туку текстуалните задачи. Факт е дека тие го поттикнуваат и развиваат логичкото мислење, како и способноста за наоѓање различни решенија на повеќе начини. Но, и претходно постоеја текстуални и проблемски задачи, за кои требаше да се постави услов на задачата (поставување услов со броеви и знаци во согласност со текстот на задачата) и анализа на постапката, со цел да се дојде до точно решение. Тие анализи се само еден од условите за решавање на проблемите во секојдневието, односно поврзување на теоријата со праксата.

Адаптација на програмите

При креирањето и адаптацијата на програмите по математика и природни науки според Кембриџ, занемарен е основниот фактор – возраста на детето и неговиот психолошки и интелектуален развој. Пред децата се поставуваат проблемски ситуации, а тие се во фаза на конкретно размислување (барем до седумгодишна возраст). Во прво одделение, по предметите математика и природни науки се бара од учениците да запишуваат одредени искази. Парадоксот е во тоа што, кај учениците описменувањето започнува во второ одделение.

matematika 1 odd   prirodni nauki 1 odd
 Сл.1 Барања од учебникот по математика I одд.    Сл.2 Учебникот по природни науки I одд.

Во прво одделение, учениците се во фаза на препознавање на големите печатни букви. Значи, постои несинхронизираност во програмите. Истото се случува и со предметот природни науки, каде од учениците се бара да запишат одредени искази или заклучоци до кои дошле со одредени истражувања. Можеби надлежните ќе аргументираат дека наставникот може да ги запише исказите. Но, дали во праксата тоа навистина може да се реализира? Во одделение со околу триесетина ученици, наставникот реално не може да постигне да ги запише сите искази, бидејќи треба да се реализира настава и по други предмети.

Со програмите според Кембриџ, во содржините по математика и природни науки предвидени се експерименти, истражувања, користење на разни ресурси, дидактички помагала, манипулативи... Единствено што не е предвидено е сите овие набројани средства да бидат бесплатно обезбедени за учениците и наставниците, како што се обезбедени бесплатните учебници. Токму поради тоа, учениците, родителите и наставниците се соочуваат со реален проблем. Секој мора самостојно да дојде до потребните ресурси (посебно ако е по електронски пат, бидејќи во училиштата, иако информациските и комуникациските технологии (ИКТ) се задолжителни, најчесто нема интернет, па наставникот се приклучува од приватниот доколку го има или остава секој ученик да пребарува дома). Секој треба самостојно да си купи потребни дидактички помагала, манипулативи, нагледни средства, бидејќи училиштето обезбедува само по еден комплет (на ниво на актив) од дидактичките материјали за реализација на наставата по Кембриџ програмите. А нашето образование е бесплатно?!

Истражувањето по експериментален пат, во некои случаи е цел сама за себе. Истражувањата и експериментите бараат посебни услови за работа со одреден број учесници. Во нашите училишта најчесто во една училница учат две генерации од по триесетина ученици. Затоа итно е потребно усогласување на програмите со условите за работа во нашите училишта и обезбедување средства за целосно постигнување на целите на наставата.

Потребни се претходни истражувања

Единствените истражувања пред да се воведат адаптираните наставни програми по математика и природни науки според Кембриџ, се истражувањата на Светската Банка, според кои, нашите ученици покажале слаби резултати на тестирањата по математика и читање со разбирање.

Овој недостаток се провлекува и денес и покрај воведувањето на одредени проекти кои имаат за цел да го елиминираат и учениците да добијат квалитетно и применливо образование.

Адаптираните програми според Кембриџ, се воведоа без претходен пилот проект на одреден број испитаници. Сѐ се базира на примената на Кембриџ програмите во одреден број земји.

Па, ако нешто било добро некаде во светот, не мора да значи дека е добро и за нас. Секоја методологија вели дека е потребно да има експериментална група (каде се имплементираат промените) и контролна група со која ќе се споредуваат добиените резултати. Доколку на овој начин се добијат позитивни резултати кај експерименталната група во однос на контролната, тогаш се заклучува дека со новата програма (во случајов адаптираните наставни програми по математика и природни науки од Меѓународниот центар за наставни програми на Кембриџ) се постигнала целта. Тука се гледа ефектот во напредувањето на учениците, тие имаат подобри постигнувања во математиката и природните науки, успеваат да ја поврзат теоријата со праксата. Значи, го постигнале највисокото ниво на знаења, а тоа е применливоста на знаењата во секојдневниот живот. Е, дури тогаш може со сигурност да тврдиме дека наставните програми треба да се адаптираат според Кембриџ програмите, бидејќи тоа го покажуваат истражувањата и што е најважно, имаме доказ за целиот напредок кај нашите ученици.

Тогаш треба да се состават тимови од стручни соработници од секоја област, а не само преведувачи на програмите и книгите. Во тимовите секако мора да бидат вклучени и главните стожери во наставниот процес – наставниот кадар. Изборот на тимовите треба да биде јавен, транспарентен и пред се објективен. Само тогаш можеме да се надеваме на успешност и квалитет во изработката на новите програми и учебници во согласност со програмата.

Реформите бараат итна реорганизација

Реформи во образованието секако дека се потребни, но тие треба да се базираат на цврсти докази поткрепени со позитивни резултати за напредок. За да се изврши глобална промена, треба да постои детална анализа и позитивен ефект кај оној за кој се воведува промената. Можеби е кус периодот од воведувањето на најкрупната реформа во образованието, адаптираните програми според Кембриџ. Сепак, досегашното искуство покажува дека тие треба да се реорганизираат. Во реорганизацијата треба да се вклучат стручни лица од секоја област (професори, наставници, советници, психолози, педагози), кои ќе ги усогласат програмите, пред се со возраста и развојот на учениците, нивните можности, способности, интересот на децата во одредена возраст и секако, да се обезбедат услови за работа во училиштата, за целосна реализација и постигнување на целта – квалитетно образование.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Ирена Христовска

Ирена Д. Христовска е професор по одделенска настава и магистер по политички науки (комуникација и медиуми). Од 1997 работи како одделенски наставник. Активно учествува во проектите (како учесник, обучувач, реализатор) кои се имплементираат во воспитно-образовниот процес.