Ендру Вахтел (Andrew Wachtel)
Во текот на следните 50-тина години, додека вештачката интелигенција станува помоќна и машините сè поуспешно учат, технологијата ќе ја надвладее човечката работна сила, со тоа што ќе понуди поуспешни резултати од луѓето за скоро сите работни функции.
Неодамна ми понудија да станам претседател на еден универзитет во Казахстан во кој трите главни насоки се бизнис, економија и правни науки и каде предметите се предаваат на тесен, иако интелектуално ригорозен, начин. Размислувам да ја прифатам работата, но имам неколку услови.
Мојот предлог е универзитетот да се трансформира во институција каде студентите и натаму ќе се насочуваат во една од дадените три дисциплини, но и за природни науки – вклучувајќи и компјутерски науки и статистика. Студентите исто така би морале да одберат втор главен предмет од областа на хуманистички или општествени науки.
Има многу причини поради кои инсистирам за оваа трансформација, но најважната, според мене, е потребата да се подготват идните дипломци за свет во кој вештачката интелигенција (ВИ) и технологијата водена од ВИ игра сè подоминантна улога. За да бидат успешни во нивните идни кариери, на студентите ќе им бидат потребни нови вештини.
Во текот на следните 50-тина години, додека вештачката интелигенција станува помоќна и машините сè поуспешно учат, технологијата ќе ја надвладее човечката работна сила, со тоа што ќе понуди поуспешни резултати од луѓето за скоро сите работни функции. Високото образование мора да ги подготви студентите за таков развој на настаните. Претпоставувајќи дека ВИ ќе ја трансформира иднината на работата за време на работниот и животниот век на нашите студенти, едукаторите, односно оние кои нудат образование, мора да размислат какви вештини ќе им бидат потребни на дипломците во време кога луѓето веќе нема да може да се натпреваруваат со роботите.
Не е тешко да се предвиди дека рутинските задачи први ќе исчезнат. Оваа транзиција веќе се случува во некои богати земји, но ќе трае подолго во места како Казахстан. Сепак, откако овој тренд ќе почне забрзано да се одвива, населението ќе мора да се приспособи на новите околности. Со векови заедниците растеле додека економските можности се проширувале; на пример, земјоделците имале побројни семејства во време кога имало поголема побарувачка за нивните производи, за што било потребно повеќе работна сила за обезбедување на производите за потрошувачите.
Поради ова, следната генерација на човечка работна сила – денешните студенти на универзитетите – треба да добијат специјалистичка обука за да бидат успешни. Истовремено, можеби повеќе од кога било претходно, ним им е потребно образование со кое ќе можат да размислуваат широко и да воспоставуваат невообичаени и неочекувани врски помеѓу разни области.
Јасно е дека лидерите од иднината ќе треба одлично да знаат да работат со компјутери – од основно програмирање до нервни мрежи – за да разберат како функционираат машините што ја контролираат продуктивноста и аналитичките процеси. Но на дипломците ќе им биде потребно и искуство во психологија, ако ништо друго, тогаш поради потребата да разберат како „мозокот“ на компјутерот се разликува од нивниот. На идните работници исто така ќе им треба обука по етика, за да можат полесно да се снаоѓаат во свет во кој вредноста на човечките битија веќе не е загарантирана.
Едукаторите кои ги подготвуваат студентите за ваква иднина мора да почнат веднаш со работа. Оние кои ќе дипломираат по бизнис треба да учат и економија и политичка историја за да не станат слепи детерминисти. Економичарите пак мора да учат од студентите по инженерство, бидејќи инженерите ќе бидат оние кои ќе ја градат идната работна сила. Студентите по правни науки пак треба да се сконцентрираат на пресекот на големи податоци и човековите права, за да добијат претстава и да разберат што ќе биде потребно да ги одбранат луѓето од оние сили кои ќе сакаат поединците да ги претворат во заменливи делови.
Дури и студентите кои студираат креативни и слободни дисциплини мора да го сменат начинот на кој учат. Како прво, во свет во кој доминира ВИ, на луѓето ќе им треба помош да сфатат што да прават со вишокот слободно време. Ние нема да престанеме да играме тенис само затоа што роботи ќе почнат да победуваат на Вимблдон; туку ќе бидат потребни нови организациски и комуникациски вештини за да може полесно да се снајдеме со новиот начин на кој луѓето ќе бидат креативни и ќе играат. За да се управува во овие индустрии ќе бидат потребни нови вештини приспособени за свет во кој ВИ е целосно интегрирана.
Иднината на работата може и воопшто да не наликува на овие сценарија кои јас ги предвидувам, но може да биде и многу повознемирувачка од ова; никој не може да знае со сигурност. Сепак, високото образование има одговорност да ги подготви студентите за секое можно сценарио – дури и за сценарија кои денес изгледаат скоро невозможни. Најдобрата стратегија за едукаторите во секоја област и во секое време, е да пренесуваат вештини со кои луѓето можат да бидат луѓе, наместо да ги учат студентите како да ги победат новите технологии.
Без оглед каде ќе биде моето работно место во образованието, мојата работа секогаш ќе биде да ги подготвувам младите луѓе за нивната иднина. Во моментов изгледа дека во иднината машините ќе бидат доминантни. За да бидат успешни, едукаторите – и универзитетите каде работиме – мора да еволуираат.
Ендру Вахтел (Andrew Wachtel) е претседател на Американскиот универзитет во Средна Азија.
Copyright: Project Syndicate, 2018.