проф. д-р Минас Бакалчев
За да ја разберете културата која ја создала малата скромна црква „Св. Ѓорги“ во Курбиново, секако ќе треба барем да се запознаете со „маалските“ цркви во Касторија (Костур). Така, овој мал, но значаен европски регион треба да ги надмине границите и поделбата на политичката географија за да се доживее, за да се разбере.
Неодамна, на Архитектонскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, беа бранети два магистерски труда на тема Виа Егнација. Темата произлегуваше од односот на архитектурата и територијата на примерот на историскиот пат Виа Егнација, која го поврзуваше Рим со Константинопол, стариот Рим со новиот Рим, поминувајќи и обединувајќи различни предели и градови кои некогаш беа дел од Римската Империја. Трасата минуваше низ териториите на денешните држави, Република Албанија, Република Македонија, Република Грција, Република Турција. Реконструирањето на единствената траса можеби е денес невозможно, но преку пишаните извори и постојните и историските локалитети можно е да се мапира зоната на историски меандричната траса.
Магистрантите Синиша Павловски и Илија Мирчевски преку оваа трансисториска и транскултурна патека сакаа да создадат еден нов хипотетичен „мегаград“ како урбан / рурален конгломерат, кој повторно ќе ги поврзува и ќе воспоставува основа за иден развој во овој дел на југоисточна Европа опфатена со процесите на депопулација, миграција и релокација на населението. Проектот се однесува на една идеалистичка визија на рехабилитација на територијата, селата и градовите, со внесување пунктови на образование, производство, агрикултура, домување, како катализатори на идниот лабав но продуктивен урбано – рурален континуум, од Рим до Истанбул!
Македонија на Виа Егнација
Но пред тоа, на 14-то Венециско архитектонско биенале од 2014, под раководство на прочуениот холандски архитект Рем Кулхас (Rem Koolhaas), на изложбата „Monditalia“ во Арсенале беше поставена репродукција на историската мапа, Tabula Peutingeriana, со трасите на некогашниот Рим и тогаш познатиот свет од Шкотска до Индија, на кој нема политички граници, но има комплексна мрежа од поврзани градови и места. Историската мапа претставена на огромно платно се движеше во должина од 300 метри и на неа во секвенците на изложбените поставки можеше да се прочитаат некогашните познати и непознати топоними од античкиот свет. Во територијалната секвенца помеѓу Рим и Константинопол означена е Македонија (MACEDONIA) со комуникацискиот проток на Виа Егнација. Овој спој на некогашното римско пространство со разнородната и динамична уметничка и архитектонска продукција на современа Италија создаде амбивалентна појава на живата историја и географија.
Но уште пред тоа, креативниот уметнички - архитектонски – истражувачки колектив Сталкер (Stalker/ Osservatorio Nomade) од Рим презеде едно патување по трагите на некогашната Виа Егнација, посетувајќи ги фрагментите од некогашната единствена основа на познатиот свет. Во проектот On Egnatia, a Path of Displaced Memories in 2004, истражувачите повторно го поставија фундаменталниот однос на човекот, територијата и контекстот, каде што контекстот не значи статично место, туку сложена и динамична реалност формирана од начините на употребата и населувањето на територијата. Во овој проект, Виа Егнациа се согледа како метафора на поврзување на истокот со западот на која се напластени слоевите на културниот диверзитет на Европа и континуираниот дијалог со мигрантите и малцинските групи.
Насочена комуникација „север - југ“
Но наспроти линиите на поврзување, историски многу интензивно ги искусувавме и линиите на разграничување. Република Македонија во текот на дваесеттиот век беше предмет на насочена комуникација на „строго контролираните возови“. Нејзината основна улога беше опслужување на правецот север - југ, скршнување од таа инфраструктурна аксијала беше рамно на национален и политички ексцес. Наспроти таквата предодреденост, другите правци беа ставени под сомнеж. Така, функционалната траса која ја поврзува Република Македонија со Република Бугарија, доби речиси митолошки димензии, стана еден невозможен потфат. И кога се чинеше дека можеме да излеземе од арбитрарната рамка преку железничкото поврзување со коридорот 8, Куманово – Деве Баир, се` што произведовме беше една нова археологија на инфраструктурата на доцниот дваесетти век. Сите оние кои минуваат низ овој предел, помеѓу Куманово, Крива Паланка и Кратово, остануваат зачудени пред назавршените структури, гигантските бетонски пилони во природниот планински предел како надреални или фантазмагорични остатоци од некоја непозната цивилизација.
Но и последниот чин од македонската историја на Преспанското Езеро, цинично го разбуди духот на „големиот класификатор“ на сите природни и создадени нешта, познати и непознати, имагинарни и реални, минати и сегашни, потребата се` да се издвои, означи и да се предодреди до ниво со кое се растураат сите вообичаени мисловни слоеви. Но дали е тоа можно?
Фото: Преспа; Извор: mk.wikipedia.org
Токму Преспанското Езеро е еден од парадоксалните региони на современа Европа, поделено на три различни страни. Се разбира дека тоа е единствен географски, природен, биолошки ентитет, но сепак, за да се стигне од поранешното село Нивице, денес Псарадес, до селата Долно Дупени, Љубојно или Брајчино, е вистинска авантура. За таа дистанца од десетина километри треба да потрошите половина ден по „кривите патеки“ на југоисточна Европа, од Долно Дупени до Ресен, од Ресен до Битола, од Битола до Флорина (Лерин), од Флорина преку планинските предели до Псарадес на Преспанското Езеро. Се разбира дека постои и друг пат од Долно Дупени, но само до државната граница без премин и без продолжение. Така е веќе цел еден век.
Но и кога најпосле ќе дојдете од едната на другата страна, она што ќе го видите е сосема исто или слично, природата е иста, селата, луѓето, куќите се слични, делат една иста културна основа. За да ја разберете културата која ја создала малата скромна црква „Св. Ѓорги“ во Курбиново, за вистински да ги доживеете исклучителните монументални прикази на фрескоживописот на ѕидовите во таа мала црква, секако ќе треба да ги знаете или барем да се запознаете со малите, но зачудувачки, виртуозни архетипови – „маалските“ цркви во Касторија (Костур) на брегот на езерото Касторија. Секако и обратно. Така, овој мал, но значаен европски регион треба да ги надмине границите и поделбата на политичката географија за да се доживее, за да се разбере.
Функционална географија
Параг Кана (Parag Khanna) на глобален план ја претстави оваа противречност помеѓу актуелната политичка географија на територијално дистинктивни суверени држави и тенденциите на поврзување на културните и продуктивните региони во светот. За него постои политичка географија, но и функционална географија, која ги трансцендира класичните политички конструкции и даденостите на физичката географија. Конективноста на функционалната географија, Кана ја дели на три системи именувани според биолошките метафори: скелетен, васкуларен, нервен. Скелетниот систем е сообраќајната инфраструктура; Васкуларниот систем се различните енергетски водови, гасоводите, нафтоводите, електричната мрежа; Нервниот систем се комуникациите, дигиталната сфера на поврзување. Така, според Кана, за да разбереме каде се движи светот мора да заборавиме на физичките и политичките карти и да ја земеме предвид само функционалната географија, онака како што го употребуваме светот, а не само како што го делиме политички.
Дали конективноста навистина ќе ја надвладее политичката географија? Во таа смисла глобализмот не е завршен проект, не е само репрезентација на глобалната моќ и на артифициелниот регионализам, туку и една друга нова можност. Надеж дека низ мрежите на поврзување можат да потечат, патуваат, да се разменуваат и вистинските идеи, луѓе и добра. Токму поврзувањето, слободата, соработката се чини, се вистински предизвик на современиот PAX MACEDONIA.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.