Алфред Марлеку
САД денес остануваат држава со најнапреден систем на високо образование во светот, со најголем број на научни публикации, инвестиции во наука, патентирање на иновации и на добитници на Нобелова награда.
Постои причинско-последична врска помеѓу потенцијалите кои ги поседуваат државите за да влијаат врз меѓународниот систем и квалитетот на високото образование што тие го имаат. Вообичено, силните држави имаат напреден и конкурентен образовен систем. Ова го нагласува и шпанскиот филозоф Jose Ortega Y Gasset во неговата книга, “Mission of the University” кога констатира дека нациите се силни затоа што нивното образование е добро. Според него, нема никаква теоретска можност да има силна држава, доколку нема напреден и модерен образовен систем. Но, дали политичките и економските промени во меѓународниот систем бездруго се отсликуваат и во промени што се однесува до доминацијата на овие држави во високото образование на глобално ниво?
Кинеските универзитети ги предизвикуваат американските универзитети во бројот на публикациите
Соединетите држави, веќе подолго време, се доминантни на листата на рангирање на најпознатите и највлијателни универзитети во образованието, науката и технологијата. Предноста е евидентна што се однесува и до бројот на цитати од научни трудови објавени од научници кои својата активност ја практицираат на американските универзитети. Сепак, во последно време се забележува дека кинеската влада значително ги зголемила инвестициите во високото образование со реформирање на функционирањето на нивните универзитети преку обезбедување стипендии за странски студенти или истражувачи и стимулирање на мотивацијата на кинеските истражувачи да ја зголемат нивната продуктивност во научното истражување и развојот (R&D).
Фактички, ваквиот приод се покажал како вонредно продуктивен. Еден од најдобрите кинески универзитети, Tsinghua University, во последните години постигна извонредни резултати во областа на научното истражување со значајно зголемување на бројот на публикации во науката, технологијата, инженерството и математиката (СТЕМ). Се оценува дека од 2013 до 2016 година овој универзитет има продуцирано најголем број научни трудови во 1% на најцитираните научни трудови по математика и компјутерски науки и има најголем број на научни трудови во 10-те проценти на најцитираните научни трудови во СТЕМ (наука, технологија, инженерство и математика), споредено со секој друг универзитет на светот. Сепак, еден од најдобрите американски и светски универзитети, Massachusetts Institute of Technology (MIT), се уште води во натпреварот со најголем број цитирани публикации во светски рамки во СТЕМ. Но, имајќи го во предвид овој тренд на постојан раст на кинеските универзитети, не би било воопшто изненадување ова рангирање, во не толку далечна иднина, да се измени.
Овие достигнувања воопшто не се случајни. Напротив, овие се резултат на систематска работа и на сериозни, добро планирани инвестиции. Од 1995 година, Кинеската влада има инвестирано милијарди долари за да направи коренита трансформација на своите универзитети и да ги претвори во институции од светски ранг, кои се дестинација на истражувачи и студенти од цел свет. Ваквата поддршка е реализирана и преку владините програми како што е “Project 211”. Во последно време бројот на трудовите од кинеските универзитети во Scopus, еден од најголемите каталози на абстракти и цитирања на светот, видно е зголемен. Од 4% колку што беше бројот на публикациите на оваа платформа во 2000 година, во 2016 порасна на 19%.
Секој пат во изминатиот период, а посебно во периодот во кој живееме во кој технолошкиот развиток напредува со огромни чекори, улогата на образованието е од витално значење за економскот развиток на секоја земја. Се чини дека САД уште релативно долго време нема да имаат значајна конкуренција од другите земји во овој натпревар. Според Департаментот за Образование, над 85% на возрасните имаат диплома од средно училиште, а над 30% завршуваат факултет. Бројот на дипломирани на универзитетите во САД се највисоки од било која земја во светот. Исто така, САД трошат два пати повеќе од вредноста на БДП за високото образование, споредено со државите како Франција, Германија, Велика Британија па дури и од Јапонија.
Системот на високо образование во САД се уште е вреднуван како еден од најдобрите на светот. Ова е мерливо и споредливо доколку се анализираат и податоците за рангирањето на топ најдобрите универзитети на глобално ниво. Според Academic Ranking of World Universities, познато и како Шангајско рангирање, Кина нема ниту еден универзитет рангиран во топ 20-те најдобри универзитети на светот. Во топ 100, прв универзитет од Кина е Tsinghua Universitу, а разликата меѓу американските универзитети и оние од Азија е премногу голема: од САД се 46 универзитети, а од регионот на Азија и Океанија се само 17. Сепак, доколку овие податоци се анализираат во изминатите години, се забележува видно напредување на универзитетите од Кина. Во 2003, година која го означува почеток на мерењето од Shanghai Ranking, во топ 20 првите универзитети Кина немаше ниту еден универзитет, а САД имаше 58 во топ 100 универзитетите. Во 2013 година Кина имаа нула а САД имаа 17 во топ 20 универзитети. Во топ 100, исто така нула универзитети од Кина а 52 од САД.
Но, наспроти видното зголемување на бројот на публикациите на глобално ниво или пак и подобрувањето на меѓународните ранг - листи на универзитетите, Кина има стагнирано што се однесува до добивањето на Нобеловата награда во науката. Всушност успеа да добие само една Нобелова награда, Tu Youyou беше награден за откривањето на една иновативна терапија против маларијата, а САД има 282 Нобелови награди добиени во различни области на науката и на човечкото делување.
Доколку се споредат американските универзитети со другите глобални конкуренти, Европа и Русија, разликата исто така е евидентна. Според мерењата од 2019 година во топ 20 најдобрите универзитети на светот, 4 се од Европа и 16 се од САД. Додека, во топ 100 универзитетите, 34 се од Европа а 46 од САД. Во поглед на инвестициите, САД инвестираат 2.7% од БДП за научно истражување и во развиток (R&D), што е двојно повеќе од европските земји. Од друга страна, Русија во топ 100 универзитетите има само еден универзитет на 87-то место, а конкретно станува збор за Moscow State University. Во 2013 година исто така имаше 1 таква институција, односно истиот универитет беше рангиран на 79-то место, а во 2003 година беше рангиран некаде од 102-то до 150-тото место.
Освен систематското инвестирање, треба да се биде иновативен и адаптибилен за да се остане конкурентен за подолги временски периоди. Ова важи за секоја сфера од животот. Високото образование, научното истражување и развитокот (R&D) во овој правец не се исклучок. Неуспехот на Велика Британија да биде конкурентна во индустријата, посебно во новите и иновативни сектори, е резултат на образовниот систем во кој тие и даваа предност на класичната настава (литература, уметност, култура) а наспроти тоа помалку на науката и технологијата. Тоа беше еден од факторите кој што влијаеше Велика Британија да го забрза својот пад од приматот на доминацијата во меѓународниот систем.
САД денес остануваат држава со најнапреден систем на високо образование во светот, со најголем број на научни публикации, инвестиции во наука, патентирање на иновации и на добитници на Нобелова награда. Нивната политика на мека моќ прави голем број талентирани студенти и голем број на амбициозни истражувачи САД да ги гледаат како идеално место за реализација на нивните лични и професионални цели. Оваа доминација во науката и технологијата им создаваат на САД реална можност, која користејќи ги овие резултати, да ја сочуваат видливата предност со другите глобални конкуренти и во други полиња како што се економија, дипломатија, безбедност па дури и уметност и култура.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.