fbpx
 

Илина Арсова, првата Македонка која ги искачи седумте највисоки планински врвови на сите седум континенти порачува да бидеме поскромни и потолерантни како кон другите, така и кон природата. Вели дека луѓето сакаат сѐ да поседуваат оти ја загубија свеста за колективното живеење и заедничко користење на материјалните добра.

Анна Кондратенко, првата виолина на Македонската филхармонија е натурализирана Македонка со потекло од Новосибирск, најстудениот руски град со најдобри виолинисти. Кондратенко за РесПублика вели дека во Македонија има доста талентирани деца за музика, но нема систем со кој ќе се инвестира во квалитетно музичко образование.

Фудбалерот Дарко Панчев вели дека е разочаран од очекувањата дека во земјава ќе се живее подостоинствено. Смета дека се луѓето се осиромашени, платите во клучните сектори се ниски, а спортистите се потценети. Решението го гледа во подобрување на стандардот и квалитетот на живот за да имаат младите причина зошто да останат тука.

За музичарот Мирко Попов творците на добра и квалитетна музика оставени се сами на себе и добиваат мала поддршка од државата. За РесПублика тој говори дека нивниот квалитет повеќе се почитува во другите држави. За него е потребна професионализација во овој сектор, каде квалитетот ќе биде препознаен и награден.

Скопје стана синоним за убави настани од културата, кои за жал никој не ги знае. Професорот Владимир Мартиновски за РесПублика објаснува дека медиумите, а пред се телевизиите заборавија на културните настани. За него е многу тажна сликата во главниот град, наместо книжарници во близина на училиштата има обложувалници и коцкарници.

Ликовниот уметник Сергеј Андреевски вели дека сѐ уште има шанса да ја зачуваме Македонија како земја која ќе биде чиста, убава, без отпад. Апелира дека секој од нас може да стори нешто: доволно е да собереме барем по еден отпадок што ќе нѐ пресретне на улица. Реномираниот уметник исто така вели дека мошне ефикасни резултати за заштита на животната средина се - казните.

Професорката Елка Јачева – Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ за РесПублика вели дека македонскиот јазик не се „негува“ со празни флоскули како што е случај во договорите со Бугарија и Грција, туку со конкретни проекти и буџети. Таа укажува дека македонскиот јазик е единствениот од словенските јазици кој нема електронски корпус, нема етимолошки речник, нема обновена академска граматика, а предупредува дека Институтот ќе остане без подмладок оти нема нови вработувања.

Министерката за финансии Нина Ангеловска вели дека од најрана возраст треба да се учиме да не бегаме од проблемите, туку да имаме вештини да се соочиме со нив и да понудиме решенија за истите. Според неа, токму ова се вештините кои во моментов недостасуваат кај повеќето луѓе во државава.

Танцот треба да се воведе во образовниот систем. Со часовите по танц децата подобро ќе се запознаат себеси, а самодовербата ќе им биде многу поголема, препорачува Искра Шукарова, кореографка и професорка на Катедрата за балетска педагогија на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Со фаворизирањето фестивалска култура, Министерството за култура ги заборави авторските и уметничките трудови, критикува писателот и новинар Томислав Османли. Во оваа Влада се сменија тројца министри за култура, од кои последните двајца не се од ресорот култура, па нивните интересирања се сигурно во други домени, вели Османли.

Се бара „еснаф“ човек за да им даде шанса на рокерите, на саставите, повикува Владимир Петрушевски – Фили, професор на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет. Верува дека ако се најде ербап човек, кој ќе им даде простор на „саставите“ да свират пред публика, многу брзо рок музиката повторно ќе заживее во Скопје и Македонија.

Учениците чекаат инспирација од наставниците, кои треба да го извлечат нивниот потенцијал, креативност и квалитет за заедно да направат општествени промени, вели предводничката на екоакцијата „Мети си со класнето“, професорката по англиски јазик во средното медицинско училиште во Битола, Марија Магдалена Петковска-Микаровска.

Радио водителот Виктор Петров - Викса вели дека треба да се создадат похумани услови за кучињата миленици кога се во затворен јавен простор. Му пречи што со неговиот пес не може да влезе во трговски центар. Предлага да се постави минимална инфраструктура каде би се оставале милениците, кога веќе не е дозволено да се внесуваат во продавници и сл.

За силна економија потребен е квалитетен човечки потенцијал, вели гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска. Според неа, неопходно е вложување во образованието и во здравството, оти здраво население значи поголема продуктивност, а со тоа и побогато општество.

Народот за лошата култура, непочитувањето на законите, фрлањето отпад на сите страни ги обвинува петте века отоманско владеење на овој простор, но истите луѓе кои се пример за непочитување кон законите, кога ќе заминат надвор од државата ги забораваат „петте века турско“ и веднаш ги почитуваат правилата на другата држава, вели Европскиoт митрополит на МПЦ-ОА, владиката Пимен во влогот ResPublica.

За Билјана Ивановска, претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, алчноста кај поединците е најголемо зло во општеството. Желба за пари и за моќ, особено кај урбаната мафија, го разорува нормалното функционирање на заедницата. И пречи отсуството на одговорност, на свесност, на професионалност, кои всушност се индикаторите за зрелоста во едно општество. „Но, се додека со вакви високи човечки вредности се тргува за пари, многу ни е јасно за колку незрело општество зборуваме“, вели Ивановска. Затоа, промените за функционално и одговорно општество треба да почнат во семејството, каде ќе се всадат основните човечки вредности.

Професорката Мира Беќар ги охрабува младите да се зачленат во синдикатите за да можат на организиран начин да направат општествени промени и да ја контролираат власта, давајќи конкретни примери кои се придобивките од синдикалното членство. Преку примерот на Независниот академски синдикат (НАкС) кој изникна од Професорскиот пленум, таа доловува како со здружени сили се станува фактор при носењето на одлуките кои ги засегаат токму професорите.

Кореографката Рисима Рисимкин укажува дека е дојдено времето за лична и колективна деконтаминација на повеќе нивоа. Првото ниво е јавниот простор, односно како да се однесуваме во парк, на плоштад, по улица. Вториот сегмент е загадувањето на социјалните мрежи: да им се вратиме на вредностите и почитта во комуникацијата со соговорникот. Третото ниво каде е потребна деконтаминација, според Рисимкин е во културата. Вели дека независната сцена треба да е платформа за прогрес и општествена критика. „Чистењето“ според искусната кореограф треба да почне од дома: семејството е првата и основна клетка каде се учат овие вредности.

„Немаме доволно книги на Браево писмо или аудио книги. Се снаоѓаме како знаеме и со помош на добронамерните професори.“ – вели Ема Ананиевска, единствената дипломирана пијанистка со општетен вид во Македонија. Освен до образовните власти, апелира и до семејствата на деца со попречености да ги вклучат своите најмили во редовна настава бидејќи придобивки имаат не само децата, туку и семејствата и државата.

Третманот на културата во земјава за режисерот Владимир Милчин е слично на „поимањето на културно-забавниот живот од времето на самоуправниот социјализам кој подразбираше дека културата не смее да има никаква критичка димензија“. Годинешниот добитник на наградата за животно дело на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во влогот на РесПублика зборува за ерозијата во културата видлива на повеќе нивоа: од несоодветните кадровски решенија, па сѐ до турбо фолкот кој ечи во Старата чаршија. Инсистираше снимањето да биде пред „Арапска куќа“ испраќајќи порака да се зачува ова културно наследство, вклучително и уште три градби во центарот на градот, а кои порано биле стотина.

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

 

 

 

 

Следете не