fbpx

Деконструкција на медиумската манипулација: постои ли вистинска разлика меѓу односите со јавноста и спинингот

Број 4 | јуни 2024
Жанета Трајкоска
Директорка на Институт за комуникациски студии
УДК: 316.776.23:32.019.5

Апстракт

Конструирањето на реалноста со помош на медиумска манипулација веќе подолго време е во центарот на интересирање на теоретичарите на комуникациските науки. Она што сите го забележуваат како континуиран сегмент од овој конструкт е обидот на медиумите да создадат информација што е пријатна или атрактивна за восприемање и која ќе треба да биде во функција на тој што ја испраќа информацијата. Некогаш причините се да се оттргне вниманието од централната и најважна информација што од одредени причини не треба да ја забележи јавноста, но некогаш причините лежат во тестирањето одредни политики или одлуки што треба да се преземат и да се имплементираат во заедницата. Која и да е причината, манипулацијата и медиумите се тесно поврзани меѓу себе, бидејќи медиумите, сфатени во најширока смисла, се главните носители на манипулативните пораки до публиката. Кога на ова се надоврзуваат професионалните етички или неетички комуникатори претставени во лицето на специјалисти на односи со јавноста или популарните спин-доктори, тогаш ја добиваме сликата на современиот медиумско-политички конструкт. Во оваа изградена повеќеслојна релација, публиката најчесто има само епизодна улога, која комуникациски треба да биде „обработена“ за да го даде својот глас „за“ или, пак, да го смени својот став, кој треба да кореспондира со оној на елитата, која и ја создава првичната информација, стратегиски ја пласира во јавноста преку медиумите и одлучува кога, што и со кого да изманипулира, со една цел ‒ да добие согласност од својата целна јавност, односно публика.

Клучни зборови: спининг, односи со јавноста, медиумска манипулација