fbpx

Дигиталните медиуми и нивното влијание кај учениците

Број 4 | јуни 2024
Маја Митевска-Поцева
УДК: 316.774-028.27:37.011.3-052(497.7)

Апстракт

Брзиот технолошки напредок во светот им овозможува на учениците да се соочуваат со нови предизвици кои ги носи самиот развој на дигиталната ера. Социјалните медиуми и новите технологии отвораат врати кон неверојатни придобивки и влијанија кои можат да им помогнат на учениците да се развиваат, да учат и да комуницираат на начини што пред неколку децении биле несфатливи. Не можеме да ги занемариме и можностите што ги носат дигиталните технологии во образованието. Тие им овозможуваат на учениците да имаат пристап до образовните материјали и ресурси од целиот свет, да учат интерактивно и да го развиваат своето критичко мислење и решавање на проблеми. Интелигентните системи и алатките за учење им помагаат на учениците да пристапат до персонализирано образование, што им овозможува да учат според своите можности и потреби. Социјалните медиуми и интернетот им овозможуваат на учениците да научат нови вештини и да ги развиваат своите креативни и технички потенцијали. Видеоучењето и онлајн-курсевите им даваат можност на децата да пристапат до богата база на знаење и да ги развиваат своите интереси во различни области како наука, уметност, музика, спорт и други. Од друга страна, учениците имаат можност да креираат и да споделуваат своја креативна содржина, како фотографии, видеа и текстуални објави, што им помага во самоизразувањето и ги гради нивните вештини во дигиталната комуникација. Во ова истражување ќе ги анализираме различните аспекти на дигиталните медиуми, вклучувајќи ги интеракцијата со социјалните мрежи, влијанието на онлајн-образовните платформи, видеосодржини и мобилни апликации, како и предизвиците поврзани со дезинформациите на интернет. Исто така, ќе се обидеме да го согледаме влијанието на дигиталните медиуми врз развивањето на критичкото мислење кај учениците за препознавање на дезинформациите.

Клучни зборови: технологија, дигитални медиуми, интернет, социјални мрежи