fbpx

Медиумско покривање на уставните измени во Северна Македонија: Фокусна студија

Број 4 | јуни 2024
Едлира Палоши-Диша
Институт „Макс ван дер Штул“, Универзитетот на Југоисточна Европа, Тетово
УДК: 316.774:32.019.5]:342.4(497.7)

Апстракт

Патувањето на Северна Македонија кон демократизација и пристапување во ЕУ се соочува со значителни политички предизвици, вклучително и уставни измени. Оваа студија ја истражува улогата на медиумите во обликувањето на јавниот дискурс така што испитува како во медиумите беа прикажувани уставните измени во Северна Македонија. Студијата става акцент врз онлајн-покривањето во Северна Македонија од страна на четири големи ТВ-станици, анализирајќи примерок што се состоеше од 54 прилози, објавувани во период од 17 дена. Со категоризација на вестите како неутрални, негативни и позитивни, овој труд има за цел да прикаже на каков начин овие медиуми ја известуваа јавноста за уставните измени, а сето тоа во однос на еден значителен политички моментум што може да го дефинира патот на Северна Македонија кон ЕУ.

Наодите покажаа дека акцентот што медиумите го ставија врз реториката која доаѓаше од македонската опозиција ги засени другите гледишта, правејќи тие да изгледаат помалку важни. Ова влијаеше врз дебатата во однос на уставните измени и го обликуваше начинот на којшто луѓето размислуваат за ова прашање. Дополнително, студијата открива дека јавниот дискурс бил значително поларизиран и дека е поделен на „за“ и „против“ уставни измени, поттикнато од политиката и од медиумите. Студијата ја нагласува важноста од промовирање конструктивна дискусија и поттикнување различни гледишта, обезбедувајќи притоа дека сите мислења имаат еднакво медиумско покривање, како парадигма на едно здраво општество кое се залага за демократски вредности.

Клучни зборови: Северна Македонија, уставни измени, пристапување во ЕУ, медиумска рамка, демократија.