Примена на проектното учење и QR-кодовите во наставата по географија: проектот „Гео QR – Скенирај и научи“

Број 9 | ноември 2026
Љупка Миленковиќ
DOI: 10.64370/UFLP4272

Апстракт

Целта на овој труд е да ја претстави примената на проектното учење во наставата по географија преку интеграција на традиционалните рачно изработени географски карти и современата употреба на QR-кодови, како пристап за поттикнување активно, истражувачко и интерактивно учење кај учениците. Трудот го претставува проектот „Гео QR – Скенирај и научи“, реализиран во ООУ „Војдан Чернодрински“ во Скопје, Северна Македонија, со учениците од седмо, осмо и деветто одделение во учебната 2025/2026 година. Проектот беше организиран како низа меѓусебно поврзани активности што опфатија истражување на географски содржини, тимска изработка на карти на различни континенти и региони и изработка на QR-кодови преку кои трудовите на учениците беа збогатени со дигитални образовни содржини. Изборот на континентите и регионите беше усогласен со наставната програма по географија, при што учениците од различни одделенија работеа на содржини што ги изучуваат во рамките на редовната настава. QR-кодовите овозможија пристап до фотографии, факти, објаснувања и други образовни ресурси, со што печатените наставни материјали беа поврзани со дигитални содржини. Врз основа на набљудувањето на работата на учениците, анализата на изработените материјали и повратните информации добиени во текот на проектот, наодите покажаа дека учениците го доживеаја проектот како мотивирачки, интересен и поттикнувачки за нивното активно учество во процесот на учење. Активностите им овозможија на учениците да развиваат географски знаења, дигитална писменост, креативност, комуникациски вештини и критичко размислување. Дополнително, по завршувањето на проектот, 165 ученици пополнија анонимен прашалник. Резултатите покажаа исклучително позитивна перцепција за применетиот пристап во однос на интересот на учениците за учење, разбирањето на географските содржини и подготвеноста повторно да учествуваат во слични проектни активности. Наодите укажуваат дека употребата на QR-кодови во наставата по географија може да придонесе кон модернизација на наставата, подобро поврзување на традиционалните и дигиталните наставни ресурси и создавање поинтерактивна средина за учење. Проектот претставува практичен пример за интеграција на дигиталните алатки преку проектно учење и активно учество на учениците.

Клучни зборови: географија; QR-кодови; проектно учење; дигитална писменост; интерактивно учење