Алгоритамски генериран информациски вакуум: персонализација на кратките видеа, перципирана релевантност и критичко размислување кај младите корисници на медиумите

Број 9 | ноември 2026
Александра Спасевска
DOI: 10.64370/KQEJ9685

Апстракт

Овој труд ја истражува идејата за алгоритамски генериран информациски вакуум кај младите корисници на дигиталните медиуми. Денешните млади имаат пристап до многу извори на информации. Сепак, содржините што ги гледаат секојдневно често се обликувани од нивните интереси, пребарувања, навики на гледање и интеракции. Поради тоа, учениците може претежно да гледаат теми што веќе ги привлекуваат, додека другите актуелни, културни и општествено важни теми може да останат надвор од нивното внимание. Трудот комбинира теориска анализа со истражување спроведено со прашалник меѓу учениците. Целта е да се испита односот меѓу видливоста на информациите, перцепираната релевантност, вниманието и критичкото размислување. Прашалникот е фокусиран на четири области. Првата ги испитува медиумските навики на учениците и видот содржини што најчесто ги гледаат на платформите за кратки видеа, како што се ТикТок, Инстаграм Рилс и Јутјуб Шортс. Втората ја испитува свесноста на учениците за општи, културни и актуелни теми. Третата се однесува на можното влијание на кратките содржини врз вниманието, толкувањето и способноста за следење подолги и посложени содржини. Четвртата е насочена кон критичкото размислување, особено кон способноста да се разликува популарната од важната содржина, да се проверуваат информациите и да се промислува за улогата на алгоритмите во обликувањето на секојдневниот информациски простор. Трудот тврди дека критичкото размислување во дигиталните средини не се сведува само на проверка на информациите што се појавуваат пред нас, туку подразбира и забележување на она што останува невидено, непребарано и исклучено од секојдневната дигитална средина. Затоа, медиумската писменост денес треба да ја вклучува и алгоритамската писменост, како и посилен фокус врз скриените граници на персонализираните дигитални содржини.

Клучни зборови: алгоритамска персонализација; информациски вакуум; кратки видеа; перципирана релевантност; критичко размислување