fbpx

Зајакнување на медиумската писменост во ерата на вештачка интелигенција: Испитување на влијанието врз дигиталното граѓанство и врз етичкото донесување одлуки

Број 3 | декември 2023
Александра Христовска
УДК: 004.8:316.772.3]:17

Апстракт

Во денешниов свет, којшто е меѓусебно поврзан и управуван од технологијата, императив е да се испита влијанието на вештачката интелигенција и на дигиталните медиуми врз разбирањето и ангажираноста на луѓето во однос на информациите. Ова истражување има за цел да го разгледа испреплетувањето помеѓу овие медиуми и да ја истражи улогата на образованието за медиумска писменост во контекст на вештачката интелигенција и дигиталните медиуми. Со тоа, студијата се обидува да увиди на каков начин промовирањето на критичкото размислување и етичката свест може да ги подобри способностите на луѓето одговорно да се движат низ дигиталниот пејзаж. Истражувањето разгледува на каков начин образованието за медиумска писменост придонесува за развој на вештини за критичко размислување и за етичко одлучување кај оние луѓе кои се во интеракција со медиумите управувани од вештачката интелигенција, потенцијалните ризици и предизвици поврзани со вештачката интелигенција при креирањето и ширењето дезинформации, и на каков начин интервенциите за медиумска писменост можат да ги ублажат овие ризици. Методологијата за ова истражување ќе биде поделена на три дела. Првиот вклучува преглед на литературата за да се разгледаат сегашните истражувања за медиумската писменост, вештачката интелигенција, дигиталното граѓанство, етичкото одлучување и анализата на студии на случај. Вториот вклучува анкети со поединци преку интернет, за да се процени нивното ниво на медиумска писменост, способностите за критичко размислување и етичката свест. Третиот дел користи експериментален пристап, што вклучува подготовка и дисеминирање на симулирана статија со лажни вести, генерирана од вештачка интелигенција. Целта е да се набљудува и да се анализира реакцијата на луѓето и степенот на проверка на фактите како реакција на неа. Некои од очекуваните резултати се идентификување на влијанието на образованието за медиумска писменост врз критичкото размислување, етичкото одлучување и дигиталното граѓанство во контекст на медиумите кои се управувани од вештачката интелигенција, разбирање на ризиците и предизвиците што ги носи вештачката интелигенција при креирањето и ширењето дезинформации, истакнување на врската помеѓу медиумското образование и граѓански ангажман, адресирање на етичките размислувања, предлагање насоки за интеграција на вештачката интелигенција во едукацијата за медиумска писменост и давање препораки за подобрување и одржување на иницијативите за медиумска писменост во услови на брз напредок на вештачката интелигенција.

Клучни зборови: образование за медиумска писменост, вештачка интелигенција, медиуми управувани од вештачка интелигенција, критичко размислување, етичко одлучување