fbpx

Медиумска писменост: Потреба или неопходност во 21 век?

Број 1 | јуни 2022
Мартина Глигорова

Апстракт

Медиумите играат клучна улога во поврзувањето на луѓето со другите членови на заедницата и општеството. Тие им овозможуваат да споделуваат заеднички искуства и, преку процесот на меѓусебна комуникација, да создадат чувство на припадност кон заедничкото општество. Појавата на интернетот во 90-тите години од 20 век и неговиот динамичен развој во првите две децении од 21 век драстично ја промени структурата на медиумскиот систем. Истовремено, медиумите во овој постмодерен свет се примарен извор на информации за граѓаните за домашните и за светските случувања. Следствено, колку што се извори на информации, од друга страна, тие се и плодно тло за развој на „нуспојави“ во медиумскиот свет, а тоа се лажните вести, пропагандата и дезинформациите. Оттука, истражувачкото прашање произлегува од потребата што се појавува за да се спречи брзото ширење на овие појави, со цел да се подигне нивото на свесност на граѓаните. Главната цел на овој труд е да се нагласи потребата од медиумско образование и развој на групата вештини потребни за 21 век во Република Северна Македонија, вклучувајќи критичко читање и разбирање како еден од начините за откривање нови појави. Европските регулативи и препораки, како и трендот на развој на политиката на УНЕСКО, ја наметнаа потребата од популаризација на ова прашање, кое несомнено е надополнето со остварувањето на правата на граѓаните. Република Северна Македонија треба да го ревидира релевантното законодавство и можеби да обезбеди поинаква перспектива за третманот на медиумите, и формално да ја вклучи медиумската и информациската писменост како составен дел од образовните програми од рана возраст.

Клучни зборови:
Медиумска и информациска писменост, (онлајн) медиуми, европски регулативи, медиумско образование