Медиумската писменост во електронската трговија во врска со вештачката интелигенција
Број 3 | декември 2023
Христина Балканов
Правен факултет „Јустинијан Први“, УКИМУДК: 005.94:004.8]:316.772.3
Апстракт
Вештачката интелигенција во овој момент е една од најдискутираните теми на глобално ниво, како кај професионалците од различни области, така и кај секој којшто е запознаен со постоењето на поимот. Меѓутоа, се поставува прашањето зошто е тоа така? Дали причината е затоа што светот се плаши од непознатото? Секако, огромна улога игра евентуалната неподготвеност. Всушност, сведоштвата и искуството упатуваат кон заклучокот дека удобноста се наоѓа во сигурноста. Продлабочувањето и динамиката на развој на потребите и желбите условуваат и нови форми на нивно задоволување, а една од тие форми е токму вештачката интелигенција. Сепак, што се случува кога вештачката интелигенција се споменува во контекст на електронската трговија, која, слично како и вештачката интелигенција, предизвикува збунетост? Тогаш постои соочување со фактот дека спознанието е егзистенцијалната претпоставка за да постои задоволително ниво на подготвеност за соочување. Во овој случај тоа спознание е токму медиумската писменост, и тоа во најширока смисла. Логично е дека е важно да се разбере процесот на комуникација, со цел да постои квалитетна комуникација, а од друга страна, разбирањето на процесот на комуникација во себе опфаќа повеќе процеси што се разликуваат еден од друг, но и се дополнуваат.
Овој труд, којшто ја анализира медиумската писменост во електронската трговија во врска со вештачката интелигенција, има за цел да ги дефинира, но и да го приближи значењето на секој од овие поими до читателите, а дополнително да го објасни значењето на нивната кохезија за модерното општество и, конечно, да обезбеди информации зошто е важна медиумската писменост за корисниците, односно за потрошувачите во контекст на електронската трговија во ерата на вештачката интелигенција.
Клучни зборови: електронска трговија, медиумска писменост, машинско учење