fbpx

Употребата на вештачката интелигенција – енигма за македонските медиуми

Број 3 | декември 2023
Маја Блажевска Евросимоска; Жанета Трајкоска
УДК: 004.8:316.774(497.7)

Апстракт

Во реалност во која се бележи екстремно брз напредок на технологијата, користењето на вештачката интелигенција станува дел и од многу области и професии, меѓу кои и функционирањето на медиумите. Во услови кога дел од нив ги користат или експериментираат со потенцијалите на вештачката интелигенција, потребни се дополнителни напори за зголемување на свесноста за нејзиното користење кај медиумските работници, но и кај публиката. Додека меѓународните институции прават чекори кон регулирање на правните и етичките аспекти на користењето на вештачката интелигенција и евентуалното спречување на нејзината злоупотреба, светските медиумски куќи носат насоки и ставови околу употребата на вештачка интелигенција и потребата од образување на публиката и подигнување на свесноста околу начинот на којшто се креира одреден медиумски производ. Во овој труд ќе се анализира подготвеноста на македонските медиуми да одговорат на новите предизвици околу употребата на вештачката интелигенција во процесот на нивната работа, но и во подготвувањето на публиката околу восприемањето на медиумските производи во кои е употребена вештачка интелигенција. Во исто време, се прави напор да се одговори и на етичките и моралните аспекти од тој процес, да се задржат транспарентноста, одговорноста и останатите професионални начела во новинарската професија.

Клучни зборови: медиуми, вештачка интелигенција, медиумска писменост