Дигиталното новинарство и потребата од редефинирање на етичките кодекси

Број 5 | декември 2024
Маја Блажевска Евросимоска
Новинарка

Апстракт

Дигиталните технологии доведоа до револуција во новинарството и во начинот на којшто функционираат медиумите. Истовремено влијаеја врз промена на навиките на публиката, која, од традиционалните медиуми, мигрираше на интернет-платформите. Дигиталното новинарство, онлајн-редакциите, порталите, социјалните мрежи и останатите интернет-платформи доведоа до тоа вестите да се шират со неверојатна брзина. Во услови во кои секој граѓанин може да објавува информации и фотографии, да се вклучува во живо од која било точка на планетата, a локалните медиуми да имаат можност да објавуваат глобално атрактивни вести и теми, традиционалното новинарство и традиционалните медиуми се соочуваат со огромен притисок. Најпрвин да го приспособат своето работење кон новите околности и да го забрзаат процесот на верификација на информации, фотографии и останатите содржини. Соочени со потребата да ја следат таа брзина, демне опасноста од зголемувањето на негативните појави, како лажните вести, манипулации и спинувања, кои се косат со универзалните етички норми, но можат и погубно да влијаат врз репутацијата на медиумите. Во актуелните околности, треба да се одговори кои се најголемите предизвици во однос на почитувањето на универзалните етички норми во дигиталното новинарство и дали е потребна ревизија и надградба на постојните етички кодекси. Во тој контекст, и дали етичките кодекси на земјите од Западен Балкан ги следат трендовите во земјите кои предводат во однос на слободата на медиумите.  За таа цел, направена е споредба на кодексите за етика на петте држави од челните позиции според Индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“ со етичките кодекси во пет држави од регионот на Западен Балкан.

Клучни зборови: етика, дигитално новинарство, дигитализација, медиуми, новинари