Ефективни пристапи за развивање вештини за медиумска писменост кај децата од рана училишна возраст
Број 5 | декември 2024
Соња Трифуновска
Наставник менторАпстракт
Во денешниот детски свет, дигиталните медиуми имаат многу значајно место и играат важна улога во развојот на нивната личност. Уште од најрана возраст, на децата им се достапни дигитални уреди преку кои следат различни медиумски содржини и користат интернет, платформи и апликации. Овој дигитален свет за децата е вистински предизвик, бидејќи тие секојдневно доаѓаат до различни информации кои можат да бидат вистинити или лажни и влијаат врз нивните чувства и однесувањето, како и врз нивното разбирање на светот. Затоа, од суштинско значење е развивањето на вештините за медиумска писменост кои им помагаат на децата полесно да се движат низ дигиталниот пејзаж, да ги преиспитуваат пораките, критички да пристапуваат кон информациите, да ги препознаваат манипулациите и да ја бараат вистината. Со реформите во основното образование во Република Северна Македонија, започнати во 2020 година, се направија измени во Наставните програми за основно образование од I до IX одделение и се воведоа содржини од медиумска писменост во контекст на современото сфаќање. Со овие измени, реализацијата на содржините од медиумска писменост стана предизвик за одделенските наставници, бидејќи треба да се изберат пристапи во наставната работа кои ќе бидат ефективни и ќе го поттикнат критичкото размислување кај учениците од рана училишна возраст. Ова истражување ќе понуди методолошки пристапи во наставата за реализација на содржини од медиумска писменост, кои се покажаа како ефективни во работата со ученици од прво до петто одделение. Дадените пристапи се базираат врз прашалници и интервјуа со одделенски наставници од повеќе основни училишта и врз анкетни прашалници со ученици. Врз база на добиените резултати, се согледува потребата од примена на интерактивни пристапи на часовите, игровни активности и богат избор на образовни ресурси.
Клучни зборови: медиумска писменост, образование, деца од рана училишна возраст.