Инклузивни стратегии и методологии за подобрување на учењето кај учениците со посебни потреби

Број 5 | декември 2024
Маја Митевска-Поцева
Одделенски наставник во основно образование/наставник ментор

Апстракт

Образованието го менува животот на сите луѓе низ светот, отворајќи можности и потенцијали за развој и промена. На децата им треба квалитетно образование кое ќе им помогне целосно да го искористат својот потенцијал и да ги зголемат шансите да станат среќни, здрави, успешни и корисни членови на општеството. На децата им треба квалитетно образование што ќе им помогне да се развијат во учтиви, самоуверени, критични и добро интегрирани единки во оштеството. Најмногу од сè, на децата им треба квалитетно образование што ќе биде лесно пристапно за сите. Инклузивното образование претставува образовен пристап кој се стреми да ги вклучи сите ученици, без оглед на нивните индивидуални разлики и потреби. Овој труд ги истражува инклузивните стратегии и методологии за подобрување на учењето кај учениците со посебни потреби, фокусирајќи се врз различните начини на кои наставниците можат да ги приспособат своите наставни практики за да создадат поддржувачка и инклузивна училишна средина. Потребата од инклузија во образованието и барањето начини како таа најдобро да се реализира особено се актуелни последниве 20-ина години и се видливи во усвоените меѓународни документи што се залагаат за квалитетно образование за сите и во различните стручни движења за нивно оживотворување во практиката. Традиционалното образование, „еднакво“ за сите, се покажа дека не може да обезбеди квалитетно образование за сите. Затоа е потребно тоа да се приспособи кон потребите на различните групи и поединци. Инклузивното образование подразбира дека сите деца се вклучени и се прифатени, со особено внимание на децата што може да бидат маргинализирани, дискриминирани или исклучени од образовниот систем. Тие се вклучуваат во редовните одделенија и им се обезбедуваат соодветни услови за учење, за напредување и за учество во животот на училиштето.

Клучни зборови: Образование, инклузија, ученици со посебни потреби.