fbpx

Комуникациски вештини во дигиталната ера: Што ќе значи тоа за вработувањето во иднина

Број 5 | декември 2024
Љумтурије Мехмеди-Синани
Докторанд по медиуми и комуникација, Факултет за јазици, култури и комуникации, Универзитет на Југоисточна Европа

Апстракт

Улогата на комуникациските вештини е суштински важна во современата дигитална ера, и тоа има свое влијание врз компетенциите кои се потребни за работните места во иднина. Овој труд ги разгледува ставовите на работодавачите и на идната работна сила во врска со значењето кое го имаат комуникациските вештини во технолошко напредно работно опкружување. За целите на оваа студија, ја искористивме класификацијата на Европски вештини, компетенции, квалификации и занимања (ESCO), за да направиме анализа на комуникациските вештини. Анкетирани и интервјуирани беа менаџери кои вработуваат лица во разни дејности и дипломираните студенти (како и оние кои наскоро ќе дипломираат) кои влегуваат на пазарот на трудот, во согласност со примената на пристапот којшто подразбира користење мешани методи. Резултатите покажуваат дека работодавачите силно се согласуваат со тоа дека поседувањето ефективни комуникациски вештини, како што се презентирањето информации, промовирањето, продавањето и купувањето, работата со други луѓе и користењето или познавањето на повеќе од еден јазик, има суштинско значење за професионалните достигнувања и за кариерниот развој. Истовремено, работната сила на иднината ја препознава вредноста на овие вештини и покажува подготвеност за нивно усвојување. Студијата нагласува колку е важно работниците постојано да се приспособуваат и да развиваат комуникациски вештини за да можат да одговорат на променливите потреби на современото работно место, со цел и бизнисите и самите работници да бидат успешни во едно опкружување кое сè повеќе се дигитализира.

Клучни зборови: Комуникациски вештини, ESCO, работодавачи, идни вработени, дигитална ера.